Истражувањa

Ромите и радикалите: наводната база за поддршка на ИСИС во Бугарија

Обвинувањата дека еден харизматичен имам и неговите следбеници ширеле ИСИС пропаганда и им помагале на исламистичките милитанти откриваат подлабока приказна за една маргинализирана заедница

Пишува: Зорница Стоилова – Софија, Пазарџик, Пловдив и Келн

Едно свежо утро на 25 ноември 2014, ромската населба во јужниот бугарски град Пазарџик доби необично будење. Околу 6 часот, по калливите улици се појавила паравоената полиција со оклопни возила и силно вооружени, маскирани агенти извршиле рации во разни објекти, вклучувајќи ја и џамијата Ебу Бекир.

Локалниот имам, Ахмед Муса, бил првиот што бил однесен во притвор. До крајот на денот, 26 лица биле уапсени во заедничката операција на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) и обвинителите кои ја истражувале дистрибуцијата на исламистичка милитантна пропаганда. Полицијата извршила претрес во повеќе од 40 куќи во населбата Исток и на други локации барајќи материјали за поддршка на ИСИС, насилната исламистичка група која контролира голем дел од Сирија и Ирак.

Група мажи со брада во дворот на џамијата го изразиле својот бес кон новинарите. „Ние немаме ништо со ИСИС. Ги познавам толку колку што ве познавам вас,” избувнал еден крупен човек. На неговата капа било залепено парче хартија со арапски натпис: „Нема друг Бог освен Алах” – фраза која се користи на црните знамиња на милитантите на ИСИС, но, исто така, и како столб на исламската вероисповед.

Седум месеци подоцна, во јули 2015 година, обвинителите поднесоа обвиненија против 14 муслимани, вклучувајќи го и Муса, од Пазарџик и соседните градови Пловдив, Асеновград и Старчево, обвинувајќи ги за поттикнување верска омраза преку своите проповеди и за промовирање војна со ширење на пропагандата на ИСИС.

Балканската истражувачка мрежа, БИРН, дојде до обвинението и може да открие нови детали за обвинувањата против групата, вклучувајќи ги и тврдењата дека Муса, и двајца други давале поддршка на странските џихадисти кои патувале во Сирија.

Но, приказната за Муса, и неговите соработници е исто така една поширока приказна за тоа како салафизмот, фундаменталистичка гранка на исламот која се придржува стриктно до традициите и практиките од времето на пророкот Мухамед, се вкоренила во заедница во Исток, каде претходно воопшто не постоела.

Децениското занемарување од страна на бугарското општество и институциите направи многу Роми да се чувствуваат маргинализирано и создаде плодна почва за религиозните фундаменталисти, велат локалните жители и експертите за ромските заедници и за радикализацијата.

Веќе две години, Бугарија посветува значително внимание и ресурси за изградба на гранична ограда за да ги спречи бегалците и емигрантите од Блискиот Исток. Но, уште подолго, таа гради ѕидови меѓу заедниците во сопствената земја.

Во меѓувреме, обвинетите сѐ уште чекаат да се појават на судењето. На 2 декември 2015 година судијата донел одлука дека судењето не треба да продолжи бидејќи оригиналното обвинување било нејасно и имало процедурални пропусти. Обвинителот веднаш поднел изменето обвинение земајќи ги предвид забелешките на судот, со што се отворила можност за закажување на судењето во 2016.

Тројца од обвинетите во случајот ги прифатиле обвинувањата против нив. Еден не се изјаснил во врска со обвиненијата. Другите, вклучувајќи го Муса и другите осомничени спомнати во овој текст, се изјасниле за невини.

Ахмед Муса, во судот во Пазарџик на 19 март 2014 година, кога бил обвинет за ширење антидемократска идеологија и верска омраза. Фото: Георги Кожухаров

Ахмед Муса, во судот во Пазарџик на 19 март 2014 година, кога бил обвинет за ширење антидемократска идеологија и верска омраза. Фото: Георги Кожухаров

Проповедникот и неговите следбеници

Муса е 40-годишен харизматичен салафистички проповедник кој веќе има две пресуди за ширење верска омраза (види Хронологија).

Другите 13 лица обвинети од страна на обвинителите по рацијата во 2014 се наводни членови на внатрешниот круг на Муса. Повеќето, како и самиот Муса, не се вработени, имаат само основно образование и организираат верски активности во нивните заедници.

„Кај него нема рационалност, но парадоксално, токму тоа е она што го прави лидер“ – адвокатот Хари Харалампиев за Ахмед Муса

Населбата во која живее Муса, Исток, се наоѓа во срцето на Пазарџик, но е одвоена од остатокот од градот. Инфраструктурата е лоша и нема јавен превоз до таму. Мнозинството од нејзините 20.000 жители зборуваат турски како мајчин јазик.

Генерално бугарското општество ги смета за Роми, иако тие често се определуваат како Турци или едноставно како муслимани. Во минатото не биле посветени верници, делумно поради тоа што религијата била потисната од страна на комунистичкиот режим. Тие практикувале своевидна форма на ислам, кој, исто така, вклучува елементи од христијанството и паганството.

„Кога ќе слушневме кукавица, сметавме дека некој ќе умре. Ете такви верувања имавме”, вели еден човек од заедницата. „Тоа не е ислам”.

Како што би рекол Абдулах Салих, главниот муфтија во регионот Пазарџик: „Тие се родени како муслимани. Тие би рекле дека се муслимани, но тие не се однесуваат како муслимани во нивните секојдневни животи. Тие го учат тоа”.

Абдулах Салих, главниот муфтија во регионот Пазарџик, во неговата канцеларија во градот Велинград на 11 јуни 2015. Фото: Зорница Стоилова

Абдулах Салих, главниот муфтија во регионот Пазарџик, во неговата канцеларија во градот Велинград на 11 јуни 2015. Фото: Зорница Стоилова

Кои се ромите?
Ромите се различни етнички групи со потекло од северозападниот дел на индискиот потконтинент, кои традиционално имале номадски начин на живот. Ромските подгрупи може да се разликуваат според нивната култура, религија и мајчиниот јазик. Според Европската комисија, Ромите се најголемото етничко малцинство во Европа. Од околу 10-12 милиони Роми во цела Европа, околу шест милиони живеат во ЕУ, и повеќето од нив се граѓани на ЕУ. Бугарија е меѓу трите земји на ЕУ со најголемо ромско население, вели Советот на Европа. Академиците велат дека многу луѓе кои припаѓаат на групата Роми избрале да не се идентификуваат како Роми, бидејќи тие честопати се соочуваат со дискриминација и маргинализација. Во Бугарија, Ромите често се нарекуваат Бугари, Турци или Власи. Процените за нивниот број варира помеѓу 400.000 и 800.000. (Вкупното население на Бугарија се проценува на 7.360.000 според пописот во 2011 година.) Ромите се најмладата етничка група во Бугарија. Речиси 57 отсто од ромското население е на возраст под 30 години, во споредба со само 28 проценти од етничките Бугари. Само девет проценти од Ромите имаат завршено средно образование, а само 0,5 проценти имаат завршено високо образование, според пописот од 2011 година. Само 38,8 отсто од Ромите се економски активни. Извор: Европска комисија, Национален институт за статистика

Со дијагноза на комбинирана депресија и шизофренија во младоста, Муса нема лиценца да биде имам од официјалната муслиманска власт во Бугарија. Сепак, тој го претворил својот дом во место за богослужба и почнал да проповеда.

Тој подоцна се приклучил кон џамијата Ебу Бекир, која била изградена во 2002 година, делумно со пари од една Саудиска фондација. Тој проповедал насекаде, во кафулиња и на улици, на свадби и погреби. Неговите идеи патувале преку Скајп и Јутјуб во соседните градови и емигрантските заедници во западна Европа.

Муса набрзо станал авторитет за некои луѓе во соседството, кои велат дека тој е добар човек. Една жена, вели дека тој би го „распарал своето срце да им го даде на сиромашните”. Под негово водство во текот на изминатата деценија, неговите следбеници постепено го промениле нивниот изглед, обичаи и навики.

Тие ги замениле своите бугарски имиња со арапски. (Самиот Муса претходно се викал Ангел Стојанов.) Тие почнале да слават само муслимански празници, а не националните празници, па дури ни родендените.

Мажите растеле долги бради, и почнале кратко да се потстрижуваат и да носат долги облеки. Жените почнале да ги покриваат своите лица зад бурките.

Ширење на пропаганда и поддршка за џихадистите?

Муса сега е обвинет за промовирање на војна преку неговите проповеди, како преку интернет, така и во живо, со знамето на ИСИС во позадина. Тој во неколку наврати им рекол на своите следбеници дека е должност на секој муслиман да се приклучи на калифатот прогласен од страна на ИСИС во Сирија и Ирак, вклучувајќи ја и неговата војска, тврдат сведоците наведени во обвинението.

Анонимен сведок цитиран во документот тврди дека Муса барал од неговите следбеници да се соберат пари за борците на ИСИС за време на Рамазан. Тој е, исто така, обвинет за ширење верска омраза преку книга со концепти од традицијата на вахабистите, која нашироко се смета за тврдокорна и нетолерантна гранка на исламот.

Обвинителството ги товари сите други обвинети за ширење верска омраза со користење на социјалните медиуми за споделување на фотографии и видеа од борците на ИСИС, видеа од погубувања на ИСИС и религиозните повици за воен џихад.

Истражителите нашле фотографии од обвинетите, позирајќи со знамиња и капи, маици и приврзоци кои укажуваат на милитантната група. Во обвинението се вели дека на нивните Фејсбук профили има слики од нив како покажуваат со показалецот кон небото, знак што го користат поддржувачите на ИСИС.

Хронологија: Клучни факти во врска со Ахмед Муса
1995 Муса оди во Виена, Австрија, да работи во градежништвото и преминува во ислам. 1999 Посетува едногодишен курс за имам во бугарското село Сурница. 2001 Додека работи во Келн, стапува во контакт со претставниците на турската радикална исламистичка организација Калифатсштат („Државата Калифат”). 2004 Муса е осуден од регионалниот суд во Пазарџик за ширење антидемократска идеологија и верска омраза, и предизвикување национално непријателство и омраза против бугарскиот народ, како и за сквернавење на бугарското знаме. Изречена му е условна казна затвор од пет години и глоба во износ од околу 500 €. 2012 Серија рации од страна на Државната агенција за национална безбедност доведува до судење на 13 муслимански верски лидери, меѓу кои и Муса. Обвиненијата вклучуваат ширење на верска омраза и припадност на нерегистрирана организација. 19 март 2014 Сите 13 лица се прогласени за виновни дека се членови на организацијата „Ал вакф ал Ислами”, што не е регистрирана во Бугарија. Муса е, исто така, прогласен за виновен за проповедање на антидемократска идеологија и омраза. Тој е осуден на една година затвор, но не оди во затвор во очекување на одговор на жалбата, за која сѐ уште нема донесено одлука. 25 ноември 2014 Муса е уапсен во џамијата Ебу Бекир во Пазарџик. Тој и 13 негови следбеници се обвинети за поттикнување верска омраза преку своите проповеди и за промовирање на војна со ширење на пропагандата на ИСИС. 2 јули 2015 Обвинителството ја комплетира истрагата. Муса и неговите следбеници се упатени на судење. 2 декември 2015 Апелациониот суд во Пловдив ја прекинува постапката пред дури и да започне судењето, велејќи дека некои од обвинувањата се нејасни и дека обвинението укажува оти се повредени процесните права на 11 од 14-те обвинети лица. Следната недела, обвинителот поднесува ново обвинение, со измени кои се во насока на решавање на забелешките од судот. Извори: Судските одлуки од првите две судења на Ахмед Муса, судски соопштенија.

Муса, и двајца од неговите најблиски следбеници од Пазарџик, Стефан Александров (познат како Сулејман) и Ангел Симов (познат како Аири), исто така, се обвинети за давање логистичка поддршка на тројца џихадисти кои заминале да се борат во Сирија.

Тројцата борци се именувани како Саид Хусејиновиќ, 33-годишен француски државјанин со босанско потекло, Мурат Ајилдиз, 38-годишен турски државјанин со дозвола за престој во Германија, и Изудин Црновршанин, српски државјанин на возраст од 26 години. За сите се вели дека учествувале во воената акција во Сирија.

Хусејиновиќ и Ајилдиз уште се борат за ИСИС додека Црновршанин бил уапсен во Србија во март 2014 година за да се соочи со обвиненијата поврзани со учеството во војната во Сирија, се вели во соопштението што ДАНС го даде како одговор на прашањата од БИРН.

Во обвинението се наведува дека двајца од нив го посетиле Пазарџик на пат кон Сирија во ноември 2013 година. И Хусејиновиќ и Црновршанин престојувале во куќата на Муса и нивните посети се поклопиле. Ајилдиз го посетил домот на Александров во текот на летото на 2014 година.

Најмалку 332 странски борци од Западна Европа и Западен Балкан поминале низ Бугарија на пат кон Сирија и Ирак меѓу почетокот на 2013 година и јуни оваа година, иако сите не стигнале до боиштата, се вели во соопштението на ДАНС.

Обвинителот задолжен за случајот го одби барањето на БИРН да го интервјуира Муса, кој е во притвор додека го чека судењето.

Сѐ уште не е јасно кој ќе биде правен застапник на Муса ако евентуално дојде до судење, но Хари Харалампиев, адвокат кој го застапувал при двете претходни судења, изразил сомневање во врска со тврдењата дека проповедникот ги штител џихадистите.

„Ако ова е точно, тогаш поставувам реторичко прашање: Зошто властите не ги уапсиле овие луѓе кои патувале низ Бугарија? Зошто не ги уапсиле и екстрадирале веднаш?” вели тој.

Харалампиев го опишува Муса како комплексен човек. „Тој има магнетно влијание врз неговата заедница”, вели тој. „Кај него нема рационалност, но парадоксално, токму тоа е она што го прави лидер”.

Издвојување

Жителите на Исток велат дека следбениците на Муса, чија бројка се проценува меѓу 300 и 500, се одвојуваат од другите во населбата.

Зоја Симеонова, која управува со локалниот центар на заедницата, се сеќава на една група деца кои еден ден се појавиле на вратата. „Ми рекоа дека повеќе нема да доаѓаат во центарот на заедницата, бидејќи се муслимани,” вели таа. „Тогаш сфатив дека децата се држат настрана од јавните институции”.

Сашо, 50-годишен маж, дава уште еден пример додека еден топол ден седи пред ќебапчилница и кафулето што ги поседува во центарот на Исток. „Гледате,” извикува тој, покажувајќи со прст кон соседното кафуле. „Оние со брадите нема да дојдат и да седнат кај мене”. Тој вели дека луѓето од заедницата на Муса ќе го посетат само неговиот конкурент, затоа што тој е муслиман: „Тие повеќе не комуницираат со другите “.

Другите муслимани во Исток го делат неговото мислење и ги отфрлаат толкувањата на Муса за исламот. „Не можам да живеам како што живееле пред илјада години. Ја претпочитам гранката на исламот која е во согласност со современиот живот”, вели Јашар Ангелов, 55-годишен службеник кој работи во градското собрание во Пазарџик.

Тој вели дека Муса имал некакво позитивно влијание, некои луѓе се откажале од пиење и земање дрога, на пример, но Ангелов изгубил многу пријатели кои самите се отсекле од остатокот на заедницата.

Зоја Симеонова во центарот на заедницата на Исток со кој управува на 10 јуни 2015. Фото: Зорница Стоилова

Зоја Симеонова во центарот на заедницата на Исток со кој управува на 10 јуни 2015. Фото: Зорница Стоилова

Односите меѓу малиот број христијански верници во Исток и следбениците на Муса се уште позатегнати. Во еден ресторан за брза храна исполнет со бучен разговор меѓу градежните работници кои се на ручек, Јанко Ангелов, син на локален евангелски пастор, ја крева маицата за да покаже дека носи пиштол во појасот.

Тој вели дека носи пиштол за заштита откако тој и неговиот татко биле нападнати во 2005 година. Пред четири години, тој, исто така, тврди дека, група муслимани од Исток истепале уште еден свештеник и неговиот пријател со палки и железни цевки.

Ангелов е убеден дека овие напади имале верска позадина, иако тие се заведени во полициската евиденција како „дела против јавниот ред и мир”. Тој вели дека конфликтите меѓу евангелските свештеници и „талибанците”, како што тој ги нарекува, се чести во квартот Исток.

„Економски геноцид“

Некои луѓе сметаат дека причините зошто следбеници на Муса го прифатиле салафизмот не се примарно религиозни.

„Главните проблеми во оваа населба се социјални и економски,” вели Јашар Сали, лицето на „официјалниот ислам во Пазарџик како имам во централната џамија во градот. „Ако тие живееја нормален живот, немаше да се грижат за различните струи”, вели тој, тврдејќи дека луѓето од Исток биле напуштени од страна на државата и подложени на „економски геноцид”.

Столипиново, најголемата ромска населба во градот Пловдив. Фото: Зорница Стоилова

Столипиново, најголемата ромска населба во градот Пловдив. Фото: Зорница Стоилова

Кога Бугарија преминала кон пазарната економија во 1990 година, Ромите биле меѓу најтешко погодените. Многумина биле вработени во државните фабрики кои се затвориле и земјоделските задруги кои пропаднале. Рестрикциите во здравството и образованието имале особено штетни ефекти во руралните и изолирани заедници во кои живеат многу Роми.

Тие биле оставени со ограничен пристап до болниците, училиштата, детските градинки, социјалните услуги и јавниот превоз. Според пописот од 2011 година, 60 проценти од ромските деца над 15 години се економски неактивни. Најмалку две генерации Роми растеле практично неписмени и во сѐ поголема сиромаштија.

Антонина Јелиазкова, антрополог и претседател на софиската невладина организација која работи со малцинските заедници, вели дека не е изненадување што луѓето во Исток бараат нов идентитет. „Тие сакаат да се чувствуваат како дел од нешто поголемо, нешто што ќе ги урне ѕидовите на нивната гетоизација,” вели таа.

Јанко Мишев, претседател на доверителите на Ебу Бекир џамијата во Исток, вели дека работодавците имаат предрасуди против луѓето од заедницата, и не им даваат работни места. „Пазарџик е најрасистички град”, вели тој додека пие турско кафе по петочните молитви.

Мишев зборува неколку дена пред почетокот на светиот месец Рамазан и Исток ги чека гастербајтерите, оние кои работат во Германија и другите западноевропски земји, да се вратат за празникот.

Тој проценува дека повеќе од половина од жителите на населбата работат во странство. „Ако сретнете млади луѓе на улиците, тие ќе си заминат за еден месец”, вели тој.

Германската врска

Работата во Германија им нуди на Ромите економски спас, но официјалната истрага за Муса, и неговата група, исто така, укажува на тоа дека може да создаде опасни врски. Еден од сведоците им изјавил на обвинителите, дека еден од обвинетите, Ангел Симов, се запознал со еден Турчин кому, наводно, му помогнал да патува во Сирија додека работеле заедно во Германија.

Во Келн во 2001 година, самиот Муса стапил во контакт со турската радикална исламистичка организација со седиште во Германија Калифатсштат („Државата Калифат“) и се согласил да ги шири нивните идеи, се вели во судските документи. Германските власти ја забраниле групацијата во декември истата година.

Претставник од една германска агенција за обезбедување, изјави за БИРН дека е свесен за Муса, неговата групација и нивните врски со Германија, но не може да обезбеди повеќе информации.

Бугарските работници од Пазарџик се собираат на улицата Хансеман во областа Еренфелд во Келн. Фото: Зорница Стоилова

Бугарските работници од Пазарџик се собираат на улицата Хансеман во областа Еренфелд во Келн. Фото: Зорница Стоилова

Во Келн има повеќе од 5.000 бугарски жители, вклучувајќи и многу печалбари од Пазарџик. Ти се собираат на улицата Хансеман и улицата цела со дрвореди Венлоер во населбата Еренфелд. Тие се таму во 6 часот наутро, кога камионите ги собираат за градежни работи, и повторно во вечерните часови, кога пушат цигари, а работниот ден им се отсликува на нивните лица.

На овој агол стои Рујди Закир, мал и зборлест човек од Пазарџик кој работи во фабрика за јаглен во Келн. Еден од верниците на Ахмед Муса, тој налутено ги обвинува политичарите и медиумите во Бугарија, обвинувајќи ги за разгорување на конфликтот со демонизирање на имамот и неговите следбеници. „Тие велат дека ние сме од Исламската држава. Да, мојата сопруга носи бурка, но како тоа ја прави терорист?”, прашува тој.

Тој ја споредува Бугарија со Германија, каде што вели дека никој не се обидува да ги дели луѓето по националност или религија.

Елиза Александрова, Бугарка која раководи со центарот за жени муслиманки во Келн, има сличен став. Александрова им помага на семејствата од Пазарџик да најдат работа и да се запишат на курсеви по германски јазик. „Германското општество е отворено за разликите и затоа тие се обидуваат да започнат нормален живот тука”, вели таа.

Таа со големо разочарување ги следи вестите околу истрагата за Муса, и неговите следбеници. Убедена е дека бугарските власти го пренагласуваат проблемот, бидејќи тие малку знаат и се разбираат во религијата, особено исламот.

Превенција, не убедувања

Назад во Бугарија, Ивелина Карабашлиева, експерт за спречување на радикализацијата, исто така е загрижена за евентуалните последици од судењето на Муса и неговите следбеници. Таа работела во истата област во Холандија и смета оти Бугарија нема сеопфатен пристап.

„Бугарија треба да инвестира во превенцијата. Вие не може да го промените менталниот склоп со обвинителни пресуди”, вели Карабашлиева.

Државата треба да им понуди алтернатива за пропагандата на ИСИС, вели таа. Ова значи дека наставниците мора да бидат подготвени да разговараат за ова прашање со своите ученици и да знаат како да ги забележат знаците на радикализација.

Социјални работници и локалните службеници на советот треба да бидат обучени за основите на исламот и салафизмот за да разберат што е опасно, а што не е, вели Карабашлиева.

Здравствениот медијатор Асен Колев, десно, разговара со луѓето во населбата Столипиново во Пловдив на 9 јуни 2015. Фото: Зорница Стоилова

Здравствениот медијатор Асен Колев, десно, разговара со луѓето во населбата Столипиново во Пловдив на 9 јуни 2015. Фото: Зорница Стоилова

Талкајќи низ валканите улици на ромските населби во Пазарџик и Пловдив, Асен Колев често запира да поразговара. Како здравствен медијатор, неговата работа е да го поврзува локалното население со државните медицински услуги. Тоа му дава добар увид во расположението на јавноста.

Уште од времето на апсењето на Муса и на неговите следбеници, вели тој, очајно е потребен некој вид гест од страна на властите за да се смири гневот во заедницата. Можеби неколку нови семафори. Или мал фестивал за деца. Знак дека некој од локалните лидери се грижи за овие луѓе. Но, нема ништо.

Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од ЕРСТЕ Фондацијата и Фондациите Отворено Општество, во соработка со Балканската истражувачка репортерска мрежа. Сторијата е објавена и на страницата на Балканската стипендија за новинарска извонредност на БИРН