Регион

САД екстрадира лице осомничено за учество во масакрот во Сребреница

Во понеделник, од САД во Србија беше екстрадиран Срѓан Билиќ, кој се бара поради воени злосторства извршени во Сребреница во 1995 година.

Пишува: Маја Живановиќ, Белград

Местото на кое што се закопани жртвите од Сребреница. Фото: Викимедиа; Мајкл Букер

Припадниците на Службата за имиграција и царина на САД, во понеделникот го екстрадираа 44-годишниот Срѓан Билиќ, кој се бара за злосторства што наводно ги извршил како припадник на силите на босанските Срби, за време на војната во Босна и Херцеговина, се вели во соопштението на оваа служба.

Билиќ во вторникот пристигна на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, по што е префрлен во притвор.

„Лицата како Билиќ мора да се соочат со правдата; ние со меѓународните партнери ќе работиме на враќање на поединците кои треба да се соочат со одговорноста“, изјави Марк Џ. Мур, директор на теренската канцеларија на службата во Мајами.

Во јули 1995 година, силите на босанските Срби, под команда на генерал Ратко Младиќ, откако ја зазедоа енклавата Сребреница, која беше преполна со бегалци, Бошњаци, од другите области, масакрираа повеќе од 7.000 муслимански мажи и момчиња.

Србија се извини за масакрот во Сребреница, но сѐ уште одбива да признае дека станува збор за геноцид.

Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата на Советот на Европа, во извештајот објавен на 15 мај оваа година, нагласува дека Србија треба да признае оти масакрот претставува чин на геноцид.

Во соопштението на Службата за имиграција и царина се вели дека Билиќ бил член на бригадата Братунац на Војската на Република Српска, која помагала во масовните убиства во Сребреница во јули 1995 година.

„Околу 8.000 мажи и момчиња биле егзекутирани, а 30.000 жени и деца биле насилно протерани од оваа област, во рамките на злосторството што во 2001 година Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и формално го оквалификува како геноцид“, се додава во соопштението.

Како што се истакнува, „геноцидот во Сребреница во 2005 година, тогашниот генерален секретар на ООН, Кофи Анан, го опиша како најстрашно злосторство што се случило на тлото на Европа по Втората светска војна“.

Во соопштението се додава оти со оглед на природата на обвинувањата против Билиќ, во неговото апсење учествувал и Центарот за воени злосторства и прекршители на човековите права на оваа служба.

Овој центар е формиран во 2009 година, со цел да ги продолжи напорите на службата за следење и гонење на прекршителите на човековите права, а во него се ангажирани одбрана група на агенти, адвокати, разузнавачки експерти, експерти за истражување, историчари и аналитичари, кои се носители на широките напори на центарот, против овие прекршители.