Специјализираните совети на Косово (ССК) со седиште во Хаг, го одржаа првото рочиште на кое како обвинет се појави поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Салих Мустафа, кој не сакаше да се изјасни по обвинението.
Обвинението го товари Мустафа за „произволно притворање, сурово постапување, измачување и убиство“ на цивили, помеѓу „приближно 1 април 1999 и околу крајот на април 1999 година“.
Во него се вели дека тој бил дел од заеднички злосторнички потфат (ЗЗП), заедно со „некои други војници на ОВК, полицајци и стражари“, кои имале „заедничка цел да ги испрашуваат и злоставуваат затворениците“.
Притворените биле чувани на имот во селото Злаш и немале доволно храна и вода, ниту соодветни санитарни и хигиенски услови, услови за спиење, сместување и здравствена нега и постојано биле изложени на „тепање со разни предмети, горење на кожата и давање на електрошокови“.
Според обвинението, тие биле и психички измачувани, а тие мачења „вклучувале закани со смрт и тешки телесни повреди, страв, понижување, политичка дискриминација, заплашување, малтретирање, испрашување и присилни или изнудени изјави и признанија“.
Во обвинението се посочува дека Мустафа често им давал наредби на другите припадници на неговата единица, да ги измачуваат уапсените или тоа го правел самиот тој.
Еден од затворениците, кој бил „тепан и мачен посурово од другите затвореници“, последен пат бил виден жив на 19 април 1999 година.
На првото рочиште, судијата го праша Мустафа дали сака да се изјасни за вината, што тој го одби.
„Нема да се изјаснам, пред да го сторам тоа, сакам да се консултирам со мојот бранител“, рече Мустафа.
Обвинителството посочи дека на Мустафа ќе му ги обезбеди правните документи на неговиот мајчин албански јазик, откако неговиот адвокат Jулиус фон Боне побара од обвинителот „да ги открие доказите на јазикот на обвинетите“.
Фон Боне, исто така, побара „подолго или попрецизно обвинение“, бидејќи, како што рече, Мустафа има пристап само до „редактираното обвинение“.
Редактираната верзија на обвинението, Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство, ја објавија на 24 септември.
Инаку денеска, поранешниот косовски премиер, Агим Чеку, кој беше командант на ОВК за време на војната, беше сослушан во својство на осомничено лице.
Чеку е еден од неколкуте високи косовски политичари, кои беа повикани на разговор во СОК. Во јули, косовскиот претседател, Хашим Тачи, беше сослушуван во Хаг четири дена. Тој негираше дека сторил кривични дела.
ССК се дел од косовскиот судски систем со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.
Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.
Но, дел од Албанците во Косово т.н. Специјален суд го сметаат за навреда на војната на ОВК, за ослободување од српското владеење.
Денешното рочиште се одржа среде континуирани контроверзии околу наводната документација што протече од судот.
Полицијата во петокот изврши претрес во седиштето на Здружението на воените ветерани на ОВК, при што двајцата нејзини лидери беа уапсени за наводно заплашување на сведоци, и префрлени во Хаг. Тие треба да се појават пред судот оваа недела.