Регион

Поглед одвнатре на мисијата на НАТО во Косово

Книгата на офицерот на британската војска, Ади Кливлоу, зборува за искуството на авторот како НАТО набљудувач на формирањето на Косовските безбедносни сили

Дојдов во Косово за да сменам нешто“, вели поранешниот офицер на британската војска, Ади Кливлоу, во својата нова книга, во која тој ги опишува личните искуства што ги доживеал во Косово, во клучниот момент на развојот на неговата државност, во периодот 2008-2009 година.

Во книгата „Под пердувестото небо: нераскажана приказна за улогата на НАТО во Косово“, Кливлоу открива колку било тешко да се постигне таа промена во пракса.

Кливлоу, кој во тоа време бил потполковник, бил распореден во Косово шест месеци, како британски офицер за врска во Косовскиот заштитен корпус (КЗК), цивилна организација за итни случаи, основана по расформирањето на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на крајот на војната во 1999 година.

Тој бил „очите и ушите“ на НАТО во КЗК, кој главно бил составен од ветерани на ОВК, во време кога требал да се трансформира во Косовски безбедносни сили (КБС). Неговата книга е, всушност, длабока хроника за оваа тешка трансформација.

Од друга страна, силите на НАТО во Косово (КФОР), кои во тоа време имале 16.000 војници, исто така, се соочувале со проблеми. Некои од нив биле предизвикани од фактот што некои земји на НАТО, кои имале испратено  војници на Косово, не ја признавале неговата независност.

„За НАТО, приоритет беше да ги смири своите земји членки, кои одбија да го признаат Косово, од страв дека тоа ќе ги охрабри сепаратистичките движења во нивните земји“, пишува Кливлоу во книгата.

Тој додава дека верува оти ова ја попречило мисијата на КФОР на теренот: „Најлошото нешто беше што ситуацијата со земјите кои придонесуваа во КФОР, а кои не го признаа Косово, беше смирувана од италијанскиот команден тим (на КФОР), што доведе со компромиси и неактивност“.

Поранешни борци на Ослободителната војска на Косово. Фото: Хазир Река

Во книгата е наведено дека понекогаш имало фарсични последици – на пример, кога во некои документи на КФОР, за Косовките безбедносни сили, се користела кратенката „Кбс“, наместо „КБС“.

„Тоа беше уште еден обид на оние земји кои одлучија да не го признаат Косово – но кои сакаа да останат во оваа земја, уживајќи во својот, ослободени од данок, статус, истовремено исполнувајќи ги своите обврски кон прекуморското распоредување на НАТО, за да можат да ги наметнат своите ставови за ситуацијата во Косово“, нагласува тој.

„Дознав дека пишувањето на кратенката со големи букви, значело, де факто, признавање дека Косово ќе има свои безбедносни сили и дека, според тоа, Косово е  независна суверена држава, што секако КФОР не го признаваше“, додаде тој.

Тој бил особено фрустриран од тогашната италијанска команда на КФОР, бидејќи, како што вели, ги ставала своите приоритети над политиката на НАТО, за обезбедување помош за транзицијата.

„Италијанското раководство на КФОР, никогаш не остави впечаток дека го интересираат „новите задачи“ на безбедносната транзиција; тие беа повеќе преокупирани да ги задржат среќни државите кои не го признаваа Косово“, додава тој.

„КФОР беше отворено, политички коректно опкружување, и тоа му нанесе штета на процесот на транзиција, предизвикувајќи одложување и нарушување на достоинството на целиот процес“, нагласува тој.

Поради неуспехот на раководството на КФОР, целата безбедносна трансформација беше „хаотична и крајно незадоволителна“, тврди Кливлоу. Еден од проблемите, беше и неуспешниот процес на регрутација, што доведе до протести на оние припадници на КЗК, кои не беа избрани да служат во новите безбедносни сили. Протестираа и Србите од северот на Косово, наведувајќи дека новите сили претставуваат „закана за стабилноста“.

Во оваа книга, авторот детално ги опишува своите средби со клучните косовски политички фигури, како Хашим Тачи, Агим Чеку и Рамуш Харадинај, но воедно ја нагласува и својата наклонетост кон Косово. Судејќи според анегдотите, во Косово ретко му било досадно.

Во книгата тој го опишува и живиот ноќен живот по кафулињата, баровите и рестораните во Приштина, на што дополнително влијаеле странските трупи и претставниците на меѓународните организации, а ги имало многу на Косово, кои ги заработувале и ги трошеле своите плати, ослободени од данок.

„Возејќи се низ градот, изгледаше како секое трето возило да е од КФОР, ООН или некоја друга меѓународна организација со седиште во Приштина. Се чинеше дека Косово тоне под товарот на меѓународниот надзор, но од друга страна, тоа создаде одлична општествена сцена за цивилите за кои Приштина беше привремен дом“, пишува тој.

Објавувањето на неговата книга доаѓа во време кога Косово минува низ нови турбуленции во процесот на трансформација на лесно вооружените КБС во вистинска војска.

Ова повторно доведе до внатрешни спорови меѓу земјите членки на НАТО (од кои некои сè уште не ја признаваат независноста на Косово), како и до негодување на Србија.

Но, додека Косово продолжува со преговорите со Србија за потенцијален договор за нормализирање на односите, Владата во Приштина, смета Кливлоу, за возврат на договорот, никогаш не треба да се откаже од својата амбиција да има своја војска.

„Косово не треба да се согласи на никаков компромис во врска со неговата амбиција да формира војска“, нагласува тој.

„Под пердувестото небо“ од Ади Кливлоу, ја објави Ментон Блекбуш.