Анализи

Само на суд можат да се решат политичките игри околу водата

Водоснабдителните претпријатија можат да побараат нови пресметки ако ги намалат трошоците | Фото: БИРН

Ако Владата и локалните власти сметаат дека Регулаторната комисија за енергетика им подметнала повисоки пресметки за цените на водата од реалните, треба да ја тужат Комисијата пред Управниот суд. Ова го предвидува Законот за утврдување на цените на водните услуги. Само на тој начин ќе може да се утврди кој е во право, а кој игра политички игри во врска со цената на водата. Локалните власти немаат право да ги одбијат препораките од регулаторната, бидејќи во тој случај против нив би се повела управна постапка.

Владата ѝ препорача на Регулаторната комисија да ги преиспита пресметките, а повеќе локални власти како градот Скопје и општините Битола, Куманово и Велес одбија да ја поскапат водата како што е предвидено во решенијата од регулаторите донесени во ноември минатата година. Најава за тужба засега има од општина Велес, но најголемите политички препукувања се случија во врска со цената на водата во Скопје.

Од сегашните шестмина членови на Регулаторна комисија, само еден е избран откако СДСМ ја презеде власта, а другите петтемина, меѓу кои и претседателот Димитар Петров, беа поставени кога ВМРО-ДПМНЕ ги раководеше институциите.

Од една страна, партијата ВМРО-ДПМНЕ повеќе пати го обвинуваше градоначалникот Петре Шилегов дека ќе им предизвика „нов ценовен шок“ на граѓаните за да го финансира своето „недомаќинско работење“. Советничката од ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје, Ирена Петрова, рече дека за три години водата ќе поскапи за 35 отсто и дека ако едно семејство плаќало за вода 1.000 денари, за три години ќе плаќа 1.350 денари. Но, Петрова не одговори на прашањата како поскапувањето од 29 денари на 34 денари по кубен метар изнесува 35 отсто.

„Сметаме дека ова е најдобар начин да им објасниме на граѓаните колку ќе ги чини поскапувањето“, изјави Петрова за БИРН не давајќи поконкретно објаснување.

Џевдет Хајредини: Познато е дека комуналните претпријатија служат за вработување на викачите на митинзи

Едно семејство во Скопје за да плати 1.000 денари за вода, треба да потроши околу 35 кубни метри во месецот, што е речиси четири пати повеќе од просечната потрошувачка од 9 ,5 кубни метри.

Градоначалникот Петре Шилегов, пак, ја обвини Регулаторната комисија за енергетика дека му прави политичка местенка со решенијата за нови цени на водата, односно дека не ја заснова својата одлука на фактите и на реалните потреби на граѓаните.

„Додека јас сум градоначалник, граѓаните на Скопје нема потреба да плаќаат поскапа вода поради политикантски одлуки на партизирани органи од минатото“, порача Шилегов.

На сите обвинувања Регулаторната комисија одговори со соопштение дека тарифите се утврдени согласно Методологијата изработена во соработка со Министерството за животна средина во рамките на проект за реформи финансиран од Европската унија. Тие изнесоа податоци според кои во најголем број случаи комуналните претпријатија барале уште повисоки цени за водните услуги од оние што таа им ги одобрила.

Каде сѐ може да има политички игри? Комисијата ги утврдува цените според податоците што ѝ ги испраќаат претпријатијата, за тоа какви сѐ трошоци ќе имаат редовно за да им доставуваат вода на претпријатијата. Во сегашниот случај, бидејќи решенијата на регулаторите се од ноември минатата година, барањата на претпријатијата биле испратени пред локалните избори, кога со нив раководеле кадри од ВМРО-ДПМНЕ (иако оваа партија ја обвини сегашната градска управа за тоа).

Според Законот за енергетика, Регулаторната комисија е експертско тело, но нејзините членови се избираат со политички одлуки, по предлог на Владата и со гласање во Собранието. Од сегашните шестмина членови, само еден е избран откако СДСМ ја презеде власта, а другите петтемина, меѓу кои и претседателот Димитар Петров, беа поставени кога ВМРО-ДПМНЕ ги раководеше институциите.

Данчо Узунов, експерт за комунални услуги од консултантското биро „Поинт про“ смета дека локалните власти не треба од политички или популистички причини да ја држат водата со пониска цена од онаа што ја препорачуваат регулаторите.

Данчо Узунов: Локалните власти не треба од политички или популистички причини да ја држат водата со пониска цена од онаа што ја препорачуваат регулаторите

„Тоа значи продолжување на агонијата на комуналните претпријатија, можеби сѐ до целосен колапс на системите за водоснабдување. На одреден начин свесно се занемаруваат потребите на јавните водоснабдителни претпријатија за постигнување нивно одржливо долгорочно работење. Политичарите би требало да знаат во каква (лоша) финансиска состојба се голем дел од јавните претпријатија, како последица пред сѐ на тековните ниски цени на услугите и нискиот степен на наплата“, вели Узунов во одговор на прашањата од БИРН. Тој додава дека  доколку  локалните власти сакаат да ги намалат цените на водата, треба да побараат од менаџментот на комуналните претпријатија да ги преиспитаат трошоците.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, смета дека за да знаеме колкава е реалната цена на водата и кој манипулира со неа, треба да видиме какви се трошоците и колкава е превработеноста во јавните комунални претпријатија.

„Познато е дека тие претпријатија служат за вработување на викачите на митинзи, и во некои од нив за едно работно место има и по тројца вработени“, вели Хајредини во телефонски разговор.

Водата во Скопје чини 29,39 денари по кубен метар, а за три години постепено треба да се зголеми на 34,63 денари, доколку се прифатат решенијата на Регулаторната комисија. Со просечна потрошувачка од 9,42 кубни метри месечно, сметките за вода на домаќинствата би изнесувале околу 50 денари повеќе од денес. Скопскиот „Водовод“ и другите јавни претпријатија имаат право да поднесат и нови барања за пресметување на цената, со кои би прикажале пониски трошоци и регулаторите би определиле пониски цени.