На судењето на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, сведок на обвинителството, во Хаг изјави дека Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, формирала, ги контролирала и вооружувала српските сили во Хрватска.
Радоша Милутиновиќ, Белград
Сведокот, Боривоје Савиќ, еден од основачите на Српската демократска партија (СДС) во Вуковар, на судењето на Станишиќ и Симатовиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, изјави дека СДБ на Србија, имала клучна улога во формирањето и вооружувањето на српските сили во Хрватска.
Савиќ потврди дека прокламираната цел била „сите Срби да живеат во една држава”, која како „недвосмислен став на Србија”, на српските политичари од Хрватска, кон крајот на мај 1992 година, им ја пренел Михаљ Кертес, кого го нарече „човек од посебна довербата на Слободан Милошевиќ”.
Овие зборови на Кертес, се наведени во извештајот на членовите на СДБ на Србија од тој состанок, кој обвинителот го прикажа и воведе во доказите.
Според сведокот, Кертес му бил близок на Станишиќ и одиграл клучна улога во вооружувањето на српските сили во Книнска краина и источна Славонија, кое почнало во август 1990 година, „божем под закрила на СДС, а всушност под закрила на СДБ на Србија”.
Оружје доставувал и преку белградската „Матица на иселениците“, чиј претседател, писателот Брана Црнчевиќ, одел секој ден на консултации со Милошевиќ”, рече сведокот, кој во тоа време работел во оваа институција.
Савиќ сведочеше дека во пролетта 1991 година, СДБ на Србија, во Источна Славонија ги испратила паравоените сили на Жељко Ражнатовиќ Аркан.
Луѓето на Аркан извршија тешки злосторства над цивилите од несрпска националност, рече сведокот.
“Штом дојдоа на терен, ги ликвидираа сите Хрвати и Унгарци и ги фрлаа во бунари … гардата на Аркан беше и закон и судот”, изјави сведокот.
Жртвите од хрватските села Ердут, Даљ и Аљмаша, биле, според неговите зборови, „цивили кои не сакале да заминат”, кога ЈНА (Југословенската народна армија), „го протерувала населението”.
„Беа убиени старци и баби”, а за тоа знаеја сите членови на владата на самопрогласените српски власти.
Савиќ прецизираше дека пристигнувањето на Ражнатовиќ во Ердут, на 15 јануари 1991 година, му го најавил тогашниот министер за внатрешни работи на Србија, Радмило Богдановиќ.
„Ви го дадовме Аркан како командант на областа, тој ќе дојде и ќе ги реши проблемите“, ги цитираше сведокот зборовите на Богдановиќ, со кого, како што рече, бил близок.
Сепак, во исто време, Савиќ тврдеше дека „Министерството за внатрешни работи на Србија, немало никаква врска со она што го правел Аркан“ и дека зад него „можела да биде само СДБ на Србија“.
Станишиќ, кој беше шеф на СДБ на Србија од 1992 година, и неговиот помошник Симатовиќ, се обвинети за прогон, убиства, депортација и насилна преселба на цивили, Хрвати и муслимани, за време на војните во Хрватска и во БиХ, во периодот 1991-1995 година.
Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, на чие чело бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.
Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.
Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.
Своето сведочење, Савиќ ќе го продолжи во среда.