Опозицијата објави аудио разговори за кои тврди дека се докажува дека директорот на УБК стои зад агенцијата за обезбедување СГС која брзо се прошири и го зеде приматот на македонскиот пазар во оваа дејност, обезбедувајќи клучни објекти во земјава.
Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) стои зад агенцијата за обезбедување Секјурити Груп Сервисис (СГС), обелодени СДСМ на денешната „политичка бомба“ во Кавадарци.
Како потврда на ова, СДСМ објави аудио снимки од разговори кои наводно се водат меѓу Мијалков и Слободан Николовски – Цобе, пензионер на МВР, поранешен командант на мобилната единица „Алфа“ и поранашен командант на ЕБР, кој во една прилика за медиумите призна дека е надворешен соработник на агенцијата СГС.
Дополнително на ова, беше објавен разговор меѓу Мијалков и Дејан Митревски – Урко, поранешниот телохранител на премиерот Никола Груевски кој се повлече од агенцијата за обезбедување „Лупус“ откако СГС почна да работи со полна пареа.
Во тоа време, во неделникот „Фокус“ излегоа серија написи дека зад новата агенција СГС која се отвори во 2010 година, а почна да обезбедува клучни објекти во Македонија, всушност се крие Мијалков.
Во денешниот објавен разговор кој наводно се води меѓу Мијалков и Урко, директорот на УБК го прекорува како протекле информациите.
„Знаеш ли сега што направија твоите глупости. Гледаш ли сега?“, Му вели Мијалков.
„Никогаш не сум спомнал за СГС, поготово и од тоа се тргам, нити планирам, нити сакам контра тебе ја во некој поглед да бидам. Ова е глупо што некој го збори и го мисли, мене ме мести цело време. А, цело време масло е на Верче и на Рамче“, одговара Урко и додава: „Јас не сум те спомнал нити тебе, нити Агенцијата, баш те подржавав“.
Во еден од разговорите, Николовски го информира Мијалков дека бројот на вработените достигнал над 930 луѓе на што Мијалков наводно вели „чекај, уште да го завршиме ова со Т-мобиле и ќе одиме до 1.100“.
Што обезбедува СГС во моментов?
Само во последнава година, според веб- страницата за јавни набавки, СГС има склучено договори за обезбедување со Ректоратот на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Музејот на ВМРО, Општина Радовиш, Општа болница Велес, ТЕЦ Неготино, Град Скопје, за обезбедување на средните училишта, Комуналец Кавадарци, Агенцијата за електронски комуникации, Фонд на Холокаустот на Евреите од Македонија, Јавно претпријатие за државни патишта и АД Електрани на Македонија – Скопје.
Во друг разговор, пак, Мијалков и Николовски-Цобе договараат средба на која што треба да го информира за трошоците на СГС.
Во истиот разговор, според СДСМ, Мијалков потврдува дека и неговите пријатели од мобилниот оператор „Албафон“ треба да склучат договор со СГС. За да се реализира оваа зделка потребни се измени во договорот со Телеком.
„И сега има таму една клаузула во договорот со нив дека, да го задржиме правото на ексклузивност, значи само нив да ги обезбедуваме, да не озбезбедуваме некоја фирма со слична дејност таму што е“, вели Николовски.
„ А, не бива таа работа“, вели Мијалков.
„Да, и сега тука ќе мора на овие да им откажеме“, вели Николовски.
„Ќе си го тргнат тоа од Договорот и готово“, одговара Мијалков.
Во дел од разговорите, може да се слушнат како се планираат нови вработувања во СГС, нови тендери за обезбедување, а се слуша и како Муса Џафери од ДУИ регира дека во агенцијата СГС има вработено лица, членови на ДПА. Мијалков на ова одговара дека сите ќе бидат ДУИ, ако треба.
„Само дајте ми ги имињата и ќе бидат тргнати“, вели тој.
Која е СГС?
Агенцијата за обезбедување СГС беше отворена кон крајот на 2010 година, а за една година успеа да склучи договори за обезбедување на голем број клучни објекти, но и да им ги земе од надлежност објектите кои дотогаш ги обезбедуваа „Лупус“, „Оса“ и останатите агенции. Во 2011 година, СГС веќе ги обезбедуваше Сувенир Самоков, Музејскиот комплекс од проектот Скопје 2014, Триумфалната порта, Музејот на холокаустот, трговскиот центар Рамстор…
Првиот сопственик на СГС е фирмата НВСП, чиј газда е Владислав Стајковиќ. Оваа фирма се споменуваше и во аудио разговорите што ги објави СДСМ, како фирма на чија сметка наводно треба да легне провизијата од изреалската донација од опрема за прислушување.
Стајковиќ е директор на фирмата „Мобико ДООЕЛ“, каде газда е Жарко Луковски, главен извршен директор на Т-Мобиле.
Сега, како сопственик на СГС се води извесен Дејан Ќировски, а директор е Мирољуб Давидов, кој во 2012 година, на прашањето дали Мијалков стои зад оваа фирма, ни одговори:
„Немојте да ширите такви глупости. Тоа се чисти шпекулации. Си има документи чија е фирмата и тоа е тоа. Како сме ги добиле објектите за обезбедување? Па си ја тераме нашата работа. Секој треба да си ја тера и како знае да си ја работи“, ни изјави тогаш Давидов.
Единствено Слободан Николовски – Цобе, кој се спомнува во денешните аудио разговори, пред 3 години призна дека е надворешен соработник на СГС.
„Многу нагло вака ме прашувате, зошто ве интересира тоа, од каде ви е бројот? Надворешно сум ангажиран. Не знам, не ме прашувајте, обратете се во СГС, таму има официјални лица што ќе ви кажат се што ве интересира“, ни рече Николовски.
Инаку, СГС и оф-шор фирмата од Лугано, Швајцарија, „Ексико“, на почетокот од отворањето на агенцијата делеле иста адреса, покажуваат документите од Централниот регистар.
Првото седиште на СГС е на улицата Иван Милутиновиќ, истата адреса на која што сега е седиштето на „Ексико“.
Седиштето на СГС сега е на улицата 11 октомври, спроти Зоил, во центарот на Скопје.