Вести

Се истражува дали некој го навел Крпач да се убие

Најголем број од избраните обвинители доаѓаат од скопското обвинителство, а дел од нив се со завршена обука во Академијата за судии и обвинители | Фото: БИРН

Истрагата запнала кај записникот од СЈО

Скопското основно јавно обвинителство (ОЈО) е убедено дека Коста Крпач, сведокот на СЈО во случајот „Трезор“, се самоубил, меѓутоа истражува дали евентуално некој го навел да посегне по својот живот, што според законите во Македонија е кривично дело.

Сепак, за да може да ги истражи овие претпоставки, од скопското обвинителство велат дека им е потребен записник од СЈО, во којшто Крпач открил кој му се заканува и со што. Тие очекувале дека ќе го добијат овој документ кога ги примија и првичните информации за Крпач од тимот на Катица Јанева.

Според она што досега се знае Коста Крпач се самоуби при крајот на април, откако претходно пукаше од својот стан кон блискиот паркинг. Според СЈО Крпач претходно трпел закани, откако станал нивен сведок за случајот „Трезор“, во кој се испитува наводен криминал од 860.000 евра преку фирмата „Финзи“ каде Крпач беше управител.

За ова Основното обвинителство не е тајна и дека однесувањето и расположението на Крпач се смениле откако на 6 април годинава СЈО направило претрес во неговиот стан во скопската населба Капиштец.

Според претставниците на ОЈО Крпач се самоубил со сопствениот револвер за кој имал уредна дозвола, имал барутни честици на рацете, а тие утврдиле и дека тој од истиот пиштол пукал низ прозорецот во паркираното комбе, меѓутоа за нив сѐ уште е енимга зошто отворил оган.

Испитале 19 лица од кои 10 се службеници на МВР кои правеле увид, по пријавата за пукање, додека деветтемина не се полицајци, туку меѓу нив има и пријатели и бизнис соработници.  Го сослушале и човекот што го пријавил пукањето во полиција, тој според ОЈО сосема случајно се нашол на местото на настанот, а за него се знае само дека е пензиониран припадник на МВР.

Обвинителството зело изјава и од сопругата на Крпач, она што не успеало да направи е да го вештачи телефонот на управителот на фирмата „Финзи“, бидејќи не можеле да му го пробијат пасвордот.

Во врска со соработката со Специјалното јавно обвинителство (СЈО), од основното обвинителство велат дека од тимот на Катица Јанева добиле одредени податоци и информации, и како што велат, она што можело да го испитаат го испитале, иако имало работи кои не можеле да ги проверат.

Оттаму повикуваат на разум и како што велат нив не ги интересира она што сведочел Крпач, туку само сакаат да го добијат записникот во којшто би требало јасно да се наведени деталите околу евентуалните закани. Реагираат оти, како што велат, дека покрај тоа што еднаш го побарале записникот, уште два пати ургирале да го добијат документот.

Специјалното јавно обвинителство засега не реагира на тврдењата на основното обвинителство.

ОЈО тврди и дека кражбата во еден од становите во зградата на Крпач, која се случи брзо по неговото самоубиство, нема врска со овој трагичен настан.

Со оглед дека станува збор за предистражна постапка, ОЈО не соопшти повеќе детали во врска со начинот на којшто се самоубил Крпач и во врска со целиот случај.