Судијката на претходна постапка, Даниела Димовска по вторпат решава да не му одреди притвор на бизнисменот Сеад Кочан, и покрај тоа што тој беше во бегство 2 месеци. Таа одлучила да одреди мерки за гаранција, односно одземен му бил пасошот и има обврска еднаш неделно да се јавува во судот, а бизнисменот дал гаранции од над 875 илјади евра во движен и недвижен имот.
Кочан не се појавил на вчерашното рочиште, а за неговата здравствена состојба на барање на судот, Универзитетската клиника за кардиологија – Скопје доставила известување во кое стои дека „осомничениот е хоспитализиран на нивната клиника од 14.05.2017 година и притоа ден пред закажаното рочиште, односно на 16.05.2017 година, му бил имплантиран стент, па од тие причини не е во состојба да присуствува на закажаното рочиште“.
„Во решението, судија на претходна постапка наведе дека од приложените докази и по повторно одлучување, е на мислење дека постои основано сомнение дека осомничениот го сторил кривичното дело за кое се товари, а имајќи го во предвид неговото поведение од почетокот на оваа постапка до денес, судијата смета дека постои опасност од бегство, па од тие причини го прифати предлогот на одбраната за определување гаранција и мерките на претпазливост“, се вели во соопштението на судот.
Против решението на Димовска, во однос на одбивањето на предлогот за притвор, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет во рок од 24 часа.
Инаку Димовска е на судиска позиција само 7 месеци, откако во септември беше избрана за судија како кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители.
Според анкетниот лист што го има пријавено до Антикорупциската комисија, Димовска располага со благородни метали, најверојатно накит од 10 илјади евра. Има и банкарски депозити од 10 илјади евра, како и побарувања по основ на даден заем на истата сума.
Димовска има три кредитни картички, а нејзиниот сопруг има земјоделски земјишта во Скопје од над 3 илјади квадратни метри, стан од 110 квадрати и акции.
Оваа судијка на 3 март го одби барањето на СЈО за одредување притвор на Сеад Кочан, а кога Кривичниот совет одлучи поинаку (му одреди мерка притвор од 30 дена), бизнисменот, со образложение дека е на службен пат, ја напушти земјава. Се врати дури 2 месеци подоцна и беше примен на Клиниката за кардиологија, откако Врховниот суд на чело со Јово Вангеловски одлучи да го укине притворот и случајот да го врати на повторно одлучување.
Овој случај, според судската јавност, претставува реткост во судската практика односно не се чести случаите судија да не одреди притвор на лице кое претходно се наоѓало во бегство. Можноста за бегство е еден од главните законски услови за на едно лице да му се определи притвор.
Кочан се сомничи дека преку неговата фирма „Трансмет“, а заедно со фирмите „Силекс неметали“ и „Вато“ со фалсификувани документи добиле тендер од ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра. СЈО го води случајот под кодно име „Труст“.