Регион

Сеќавања на детството поминато во логорот Јасеновац

Новиот документарен филм, „Завештание“, ги прикажува трауматичните и емоционални приказни на Србите, кои како деца, за време на Втората светска војна, биле затворени во логорот Јасеновац.

Старица која во филмот говори за своето детство поминато во логорот Јасеновац. Фото: исечок од филмот „Завештание“

Свен Милекиќ, Загреб

Филмски работници, Срби, снимија документарен филм за судбината на српските деца, кои во Втората светска војна биле затворени во концентрациониот логор Јасеновац. Филмот вклучува потресни лични приказни за страдањата, смртта и љубовта кон убиените членови на семејството.

Режисерот на документарниот филм, Иван Јовиќ, и неговата сопруга, продуцентот, Моња Јовиќ, го завршиле документарниот филм „Завештание“ во 2016 година, по речиси пет години снимање.

Филмот ги носи приказните на 55 српски логорски затвореници од Јасеновац, кои во тоа време имале од 7 до 12 години, а кои денес живеат во Босна и Херцеговина и во Србија.

Логорот го водел хрватскиот профашистички усташки режим. Според научно потврдениот список на Меморијалниот центар Јасеновац, во кој секоја жртва е воведена со свое име и презиме, од август 1941 година, до април 1945, биле убиени или починале 83.145 лица.

Жртвите биле Срби, Евреи и Роми, кои биле цел на расистичките закони на усташкиот режим, но, исто така, и Хрвати, кои биле сметани за непријатели на државата. Голем број деца биле затворени во специјалните логори за деца во Јастребарско и во Сисак.

Во овој 88-минутен документарен филм, поранешни затвореници, денес старите луѓе, зборуваат за нивното притворање, за насилството и смртта на кои што им сведочеле, но и за своите чувства по сѐ што преживеале.

„Сите ние, филмски креатори и гледачи, имаме обврска да ја споделите оваа вистина и да ги мотивираме идните генерации да се занимаваат со слични работи“, вели Иван Јовиќ за БИРН.

„Ова е најдобриот начин за справување со (историскиот) ревизионизам и начин да се охрабрат потомците на сторителите, да не одат по стапките на своите предци“, нагласува тој.

Јовиќ, чија жена Моња има многу роднини кои за време на Втората светска војна поминале низ слично искуство, објаснува дека филмот е „многу важен за овие луѓе и за нивните семејства.“

„Тие сакаат филмот да го видат што повеќе луѓе, за нивната исповед да не биде залудна“, вели тој.

Дел од филмот „Завештание“ на режисерот Иван Јовиќ.  Terirem Production on Vimeo.

На премиерата на документарниот филм во Српската православна општа гимназија во Загреб, која се одржа во саботата, авторите изјавија дека дел од жртвите изразиле желба, нивние сведоштва, по нивната смрт, да ги добијат нивните деца.

Јовиќ истакна дека целиот тим кој работел на филмот има голема одговорност поради сето она што овие луѓе им го раскажале, „како кога некој ќе ви се довери, и тогаш вие навистина имате нешто за чување; некоја вредност што треба да ја негувате“.

Раскажува како некои од учесниците „експлодирале од радост“ на крајот на разговорот.

„По овие интервјуа, од кои некои траеја по пет часа … среќата на овие луѓе, тоа е нешто што не може да се прераскаже, нешто надвор од овој свет“, вели тој.

При снимањето на документарниот филм, била користена адаптирана верзија на наративната филмска техника на Фондацијата Шоа, која ги колектира спомените на Евреите кои го преживеале холокаустот.

Фондацијата Шоа има архива која не постои и за српските жртви од Втората светска војна. Затоа, авторите на филмот, решиле да ги инвестираат своите пари заработени од продажба на учебници, за да соберат сведоштва за филмот.

Снимиле вкупно 450 минути сведоштва на 94 лица. Некои од нив за прв пат, во овој документарец, зборувале за нивното заробеништво надвор од потесните семејни кругови.

Поради огромната количина на материјал, монтажата на филмот била предизвик. При тоа екипата внимавала документарниот филм да не се претвори во „пропаганден филм“, да не дојде до иницирање на омраза, туку едноставно да поттикне емоции, прикажувајќи сеќавања на трауми од детството.

Снимениот материјал ќе биде архивиран во Јад Вашем во Израел и во Музејот на жртвите на геноцидот во Белград, а можеби и во Меморијалниот музеј на холокаустот во САД.

Иако Јовиќ смета дека за јавниот радиодифузен сервис во Хрватска, ХРТ, би било важно да го прикаже филмот, вели дека сепак е подобро да се почека, додека јавноста не биде подготвена за таква трауматска приказна.

„Мислам дека треба да се почека додека сите не бидеме подготвени за тоа“, вели тој.

Некои јавни личности во Хрватска се обидуваат да ја оспорат тежината на злосторствата извршени во Јасеновац, како што е контроверзниот режисер, Јаков Седлар, автор на документарниот филм „Јасеновац – вистината“, со кој се доведува во прашање бројот на убиени во овој логор.

Според зборовите на Јовиќ, сите треба да се обединат околу една едноставна идеја, дека „убивањето деца никогаш нема да биде во ред“ и да се признае дека овие нешта се случиле.

„Кога ќе се признае, следи покајание. По покајанието, простување, и тука се затвора кругот; а потоа стануваме едно“, заклучува тој.