Тамара Опачиќ | Загреб, Јасеновац, Киелце, Белград
Сликите направени при апсењето на Иво Голдстајн, еврејски библиотекар и продавач на книги, го прикажуваат со светли очи и смирен, иако поминал девет дена затворен во полициска ќелија во Хрватска. На една од фотографиите стои бројот 28888 со датум: 21 април 1941 година.
Седумдесет и шест години откако биле направени овие фотографии од страна на некој полициски фотограф, тие висат како триптих на ѕидот од спалната соба на синот на Голдстајн, Даниел, во едноличниот станбен блок во населбата Запруѓе во Загреб.
Даниел (85) е историчар и активист за човекови права. Имал девет години кога неговото детство било уништено по апсењето на неговиот татко во новосоздадената Независна држава Хрватска (НДХ) за време на Втората светска војна.
Оваа држава-марионета во рацете на нацистичка Германија и фашистичка Италија била формирана по инвазијата врз Кралството Југославија од страна на силите на оската во пролетта 1941 година. Била предводена од ултранационалистичкиот диктатор Анте Павелиќ, чие фашистичко усташко движење барало создавање на хрватска држава на било кој начин.
Во голема мера моделирани според германските СС, единиците на усташите не губеле време и ги спроведувале расистичките закони во нацистички стил, апсејќи и убивајќи Евреи, Срби и Роми, како и антифашистичките Хрвати.
Усташите граделе концентрациони логори низ НДХ, што опфаќала поголем дел од денешна Хрватска и Босна и Херцеговина, заедно со делови од Србија и Словенија.
Иво Голдстајн бил еден од првите Евреи што биле уапсени, во индустрискиот град Карловац.
Тој завршил во логорот Јадово, во подножјето на планинскиот венец Велебит, во близина на Јадранското Море. Документите покажуваат дека тој бил убиен таму, четири месеци по неговото апсење, на возраст од 41 година.
По војната, Даниел го променил своето презиме во Ивин (син на Иво) во спомен на неговиот татко. Тој вели дека и тој би бил убиен доколку на десетгодишна возраст не се придружил на антифашистичко партизанско движење, предводено од комунистот Јосип Броз Тито, роден во Хрватска, кој владеел со Југославија 35 години по војната.
„Кратко откако се приклучив кон партизаните, моите блиски роднини беа убиени во логорите на НДХ, вклучувајќи ги и моите баби и дедовци, кои дотогаш се грижеа за мене”, вели тој. „Вујко ми, кој беше убиен во Аушвиц, не успеа да се спаси”.
Со оглед на неговата животна приказна, не е изненадување што Ивин е лут поради сѐ побројните гласови во Хрватска кои бараат да се прикријат усташките злосторства сторени за време на Втората светска војна.
Тие дела вклучуваат убиства на десетици илјадници Срби, Евреи и Роми во озлогласениот концентрационен логор Јасеновац, што често се нарекува Аушвиц на Балканот.
Во Хрватска каде политичката клима е десно ориентирана откако во 2013 година стана најнова земја-членка на ЕУ, усташките апологети отворено ги искажуваат своите ставови преку социјалните медиуми, во предавалните и во ударните телевизиски емисии.
Книжарниците набавуваат монографии кои ги оспоруваат огромните докази дека Јасеновац бил усташки логор за истребување. Истакнати политичари фрлиле сомнеж врз геноцидната природа на режимот на Павелиќ.
Критичарите велат дека ваквата ревизија е еднаква на негирање на холокаустот.
„Негирањето дека Јасеновац бил логор на смртта, ме прави да се чувствувам толку огорчен”, вели Ивин. „Сметам дека ревизионистите кои тврдат такво нешто се криминалци, бидејќи тие по вторпат ги убиваат жртвите со своите лаги. Не знам како владата може да го дозволи тоа”.
Активистите за човекови права велат дека последните неколку влади предводени од конзервативната партија на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) ја занемаруваат неофашистичката носталгија, дозволувајќи му на говорот на омраза да цвета.
Во меѓувреме, тие ги обвинуваат државните институции дека не ги спроведуваат законите со кои се забранува јавно негирање, омаловажување или амнестирање на злосторствата за геноцид, кои биле воведени пред влезот на Хрватска во ЕУ во 2013 година.
Тие по вторпат ги убиваат жртвите со своите лаги
Даниел Ивин, син на еврејски библиотекар убиен во усташки концентрационен логор
Ефраим Зуроф, кој поминал повеќе од 40 години во лов на нацистите во рамки на Центарот „Симон Визентал“, ја опишува Хрватска како земја која од колевка на Холокаустот станала „лулка за искривување на вистината за холокаустот”.
Тој ја става Хрватска во групата заедно со некои источноевропски држави, за кои вели дека имаат селективна амнезија во врска со воената евиденција на соработниците, односно народните предавници и локални антисемити, вклучувајќи ги Естонија, Летонија, Литванија, Украина, Унгарија и до одреден степен Полска (види рамка).
„Она што е специфично за овие земји е тоа што тие би сакале да ги претворат поранешните борци за независност и против комунизмот во национални херои”, вели Зуроф во телефонското интервју од неговата канцеларија во оваа антифашистичка организација со седиште во Ерусалим.
„Во некои случаи, ова се лица одговорни за убиство на еврејски државјани за време на холокаустот, што би било доволно за нивно дисквалификување”.
Пребројување на мртвите
Никој не знае колку Срби биле убиени од страна на усташите за време на четиригодишниот масакр што историчарите велат дека ги изненадил дури и поддржувачите на нацистите на Павелиќ во Германија.
Меморијалниот музеј на Холокаустот во САД смета дека бројката е помеѓу 320.000 и 340.000. Во осумдесеттите години демографот Владимир Жерјавиќ проценил дека 197 илјади од нив биле цивили.
Истребувањето на Евреите е добро документирано. Околу 30.500 од 39.000 Евреи кои живееле на територијата на НДХ биле убиени од страна на усташите или испратени во нацистичките логори на смртта низ Европа.
Многумина од преживеаните се преселиле во Израел по војната. Хрватската еврејска заедница сега брои нешто повеќе од 500 лица, според последниот попис спроведен во 2011 година.
Во Јасеновац во централна Хрватска, усташите убивале со ножеви и чекани во комплексот составен од неколку логори во близина на денешната босанска граница.
Макотрпното и научно потврдено истражување на Меморијалниот центар Јасеновац го има утврдено идентитетот на 83,145 жртви, иако конечната бројка допрва треба да се утврди.
Истражувањето покажува дека за време на војната, во Јасеновац исчезнале 47.627 Срби, 16.173 Роми и 13.116 Евреи, заедно со неколку илјади Хрвати-дисиденти и луѓе од други националности. Од нив, 20.101 биле деца.
Во изминатите две години претставниците на српската и еврејската заедница заедно со антифашистичките организации ги бојкотирале државните комеморативни служби во спомен на жртвите од Јасеновац, во знак на протест поради она што го сметаат за попустливост на власта кон симпатизерите на усташите.
Посебно биле вознемирени од поставувањето на плочата минатиот ноември, во близина на Јасеновац од страна на ветераните од конфликтот во Хрватска од периодот 1991-1995 година, на која биле напишани зборовите „За татковината спремни”, усташкиот еквивалент на нацистичкиот поздрав „Зиг Хајл”.
Претседателката Колинда Грабар Китаровиќ ја намалила значајноста на употребата на слоганот, нарекувајќи го „стар хрватски поздрав” – опис што го оспориле историчарите кои велат дека тоа е изум на усташите.
По неколкумесечни критики за тоа како било дозволено плочата да остане во Јасеновац, владата во септември ја преместила во блискиот град Новска.
Многумина ја сметале реакцијата како многу задоцнета.
„Кога во едно општество почнуваат да се случуваат фашистички настани, тоа создава чувство на непријатност меѓу Евреите”, вели Сања Зоричиќ Табаковиќ, судијка и претставничка на еврејската заедница во Загреб.
„Но, кога институциите не реагираат, ова предизвикува страв, бидејќи не знаете каде навистина тоа може да нè одведе“.
Последниот годишен извештај на хрватскиот независен омбудсман, објавен во мај, укажува на зголемување на говорот на омраза и искривување на вистината за холокаустот.
„Сѐ повеќе и повеќе медиуми пропагираат и шират предрасуди и стереотипи, објавуваат текстови кои поттикнуваат омраза кон малцинствата, го рехабилитираат усташкиот режим и го намалуваат степенот или ги негираат злосторствата извршени во Втората светска војна”, се вели во извештајот.
Меѓу погласните кај ревизионистите е Друштвото за истражување на тројниот камп Јасеновац, невладина организација чии членови се новинари, професори, универзитетски професори и католички свештеници.
Друштвото ја застапува теоријата дека Јасеновац бил само работен логор под власт на усташите и дека станал логор на смртта дури откако бил преземен од страна на партизаните на Тито по војната.
Теоријата е спротивна на безброј официјални документи, сведоштва и студии за холокаустот на експерти и светски познати историчари.
Наташа Матаушиќ, историчарка и претседателка на одборот на директори на Меморијалниот центар Јасеновац, вели дека немало докази оти југословенските комунисти по војната управувале со концентрационен логор во Јасеновац.
„Тие [членовите на друштвото] користат документи од државните архиви, истите што ги користевме со години, и ги толкуваат на начин што им одговара”, вели таа. „На пример, фактот дека едно лице загинало во логорот Јасеновац во 1943 година и било прогласено за мртво во 1946 година, тие го користат како доказ дека лицето било убиено во 1946 година”.
Игор Вукиќ, секретар на друштвото, ја брани теоријата.
„Велиме дека ова е она што го пронајдовме, а ние навистина не сокривме ништо што не е во согласност со нашите тврдења”, вели тој.
Справување со минатото
Минатиот декември владата соопштила дека ќе формира специјален совет на експерти задолжен за давање препораки „со цел справување со минатото”, што беше одговор на контроверзата околу плочата подигната од страна на ветераните во Јасеновац.
Вукиќ вели дека Друштвото за истражување на тројниот логор Јасеновац побарало од владата да биде дел од советот, со мандат да ги разгледа прашањата како да се учи историјата во училиштата и да се одбележуваат годишнините.
Според Вукиќ, предлогот ја имал поддршката од Божо Петров, тогашниот претседател на хрватското собрание и претседател на помалата партија во коалиционата влада во тоа време.
Вукиќ вели дека „пријатели од земјата, Европа и светот” испратиле пораки до Петров во знак на поддршка за учество на друштвото, чија што партија Мост на независни листи (МОСТ) се сметала за партија што не е идеолошки ориентирана во поларизираната политика на Хрватска.
Во средината на февруари, две недели пред советот официјално да биде формиран, Петров му напишал писмо на премиерот Андреј Пленковиќ препраќајќи ги пораките за поддршка.
„Ја користам оваа прилика да ви ги испратам предлозите оти претставниците од Друштвото за истражување на тројниот логор Јасеновац треба да бидат вклучени во работата на советот”, напишал тој во писмото до кое дојде Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН).
БИРН немаше увид во препратените предлози ниту пак информации за тоа од кого биле тие.
Петров одби интервју, но портпаролката на МОСТ, Ружица Поповиќ, рече дека фактот што тој ги испратил пораките не значело и дека ги поддржал.
„Тие [од канцеларијата на претседателот на парламентот] ги препраќаат сите пристигнати предлози”, вели таа.
На крајот, Владата го одбила барањето друштвото да биде дел од советот.
„Она што навистина го прават е негирање на геноцидот и холокаустот што се случи во НДХ“
Наташа Матаушиќ, претседателка на одборот на директори на Меморијалниот центар Јасеновац
Матаушиќ од Меморијалниот центар Јасеновац смета дека треба да се забрани Друштвото за истражување на тројниот логор Јасеновац.
„Она што тие навистина го прават е негирање на геноцидот и холокаустот што се случи во НДХ”, вели таа.
Запрашан дали друштвото е вклучено во таквото негирање, Вукиќ вели: „Кога станува збор за геноцид, тој најчесто се поврзува со Србите. Ако станува збор за тоа, ние го негираме тоа”.
Тој продолжува: „Се разбира, ние не го негираме холокаустот … Кога станува збор за еврејскиот народ, никој што е сериозен, никој што е паметен не може да го негира или да не биде сочувствителен со тоа”.
Меѓутоа, истражувањето на профилот на Фејсбук на претседателот на друштвото, католичкиот свештеник Стјепан Разум, кој работи во хрватскиот државен архив, води до неколку видеозаписи на истакнати лица кои го негираат холокаустот кои се придружени со неговите одобрувачки коментари.
На 17 мај, Разум споделил видео од Ричард Вилијамсон, британски католички бискуп осуден за негирање на холокаустот од страна на германскиот суд во 2013 година, во кое Вилијамсон вели: „Верувам дека постојат многу историски докази кои се против тоа дека шест милиони Евреи биле намерно убиени во гасните комори како намерна политика на Адолф Хитлер”.
Над видеото, Разум коментирал: „Храбар човек! Честитки!“
Разум го одби барањето за телефонско интервју, но се согласи да одговори на прашањата преку е-маил.
Запрашан за ставовите на Вилијамсон, Разум напиша: „Му благодарам на Бога што живеам во Република Хрватска, која е слободна и демократска држава, а придобивките од тоа се дека сме слободни да размислуваме, слободни да зборуваме, слободни да користиме ФБ [Фејсбук], слободни да коментираме, слободни да истражуваме, слободни да се занимаваме со научна работа, слободни да патуваме, слободни да се прашуваме, слободни да честитаме…”
Истакнати ревизионисти
Активистите за човекови права велат дека искривувањето на злосторствата од Втората светска војна не е ништо ново во Хрватска. Тоа било особено распространето за време на балканскиот конфликт во раните 1990-ти години, кога анти-српското расположение било на високо ниво, а Хрватска го создавала својот идентитет како независна нација.
Погром во Полска
Негирањето на холокаустот е нелегално во Полска од 1998 година, каде што нацистичките окупатори убија милиони европски Евреи за време на Втората светска војна во логорите на смртта изградени како дел од „Финалното решение” на Германија.
Полските антифашистички борци го формираа најголемото движење на отпорот во Европа, а многу христијански Полјаци помогнаа во спасувањето на Евреите од истребување.
Но, историчарите велат дека погромите од локалните антисемити покажуваат дека некои Полјаци доброволно соработувале при злосторствата против Евреите.
Критичарите на владејачката Партија на законот и правдата (ПиС) велат дека владата отишла предалеку во поттикнување на национализмот со тоа што го прикрила полското соучество во злосторствата од Втората светска војна и ги критикувала оние кои сугерирале дека и Полската е одговорна.
Во август 2016 година, владата воведе нацрт-закон за криминализирање на употребата на терминот „полски логори на смртта”, наместо „концентрациони логори во окупираната Полска”. Ако биде усвоен, законот може да ги испрати сторителите во затвор до три години.
Во меѓувреме, министерката за образование, Ана Залевска, беше критикувана минатото лето поради тоа што во едно телевизиско интервју ја довела во прашање полската вмешаност во два познати масакри: палењето на најмалку 340 Евреи во една штала во Једвабне во 1941 година и убиството на 42 преживеани од Холокаустот во Киелце во 1946 година.
„Она што го рече таа е глупаво”, вели Богдан Бијалек, организатор на годишната комеморација во Киелце, град во јужниот дел на централна Полска. „Би било подобро да се занимава со нешто корисно”.
На 71-годишнината од погромот во јули, млади луѓе со креда ги напишаа имињата на жртвите надвор од куќата во Киелце, каде што Евреите биле тепани до смрт.
Според полската антифашистичка организација „Никогаш повторно“, злосторствата од омраза и случаите на говор на омраза – вклучувајќи ја и употребата на фашистички симболи и случаи на антисемитизам од страна на екстремистички групи – се зголемиле од почетокот на европската бегалска и миграциска криза во 2015 година.
Според активистот на „Никогаш повторно“, Мациеј Калужа, ПиС се обидело да поттикне ксенофобични чувства за време на парламентарните избори таа година и продолжило да заработува политички поени од нетолеранцијата.
„ПиС официјално не поддржува екстремно десничарски организации, но во исто време не прави ништо за да ги спречи”, вели Калужа.
ПиС не одговори на прашањата пратени по е-пошта.
Фрањо Туѓман, првиот демократски избран претседател на Хрватска, во 1989 година напишал во книгата насловена како „Беспаќата на историската реалност“ дека процената оти шест милиони Евреи биле убиени во холокаустот се базирала на „премногу емоционални и пристрасни сведоштва и на еднострани податоци во пост-воените пресметки на воените злосторства и казнувањето на поразените извршители на воени злосторства”.
Туѓман, кој го основал ХДЗ, на друго место напишал: „Евреин сепак останува Евреин, дури и во логорот Јасеновац. Во логорот тие ги задржаа нивните лоши карактеристики, што станаа уште повидливи. Себичноста, подлоста, превртливоста, скржавоста, перфидноста и тајноста се нивните главни карактеристики”.
Политичките научници велат дека Туѓман бил првиот политичар кој се обидел да најде еквивалентност меѓу фашистичките злосторства и оние што ги извршиле комунистите, вклучувајќи ги и убиствата на усташите како и на затворениците и цивилите на НДХ од страна на југословенските партизански сили веднаш по војната.
Овие напори делумно биле реакција на децениската југословенска историографија според која бројот на жртвите од Јасеновац изнесува околу 700.000, велат тие.
Додека хрватските националисти се обидувале да ги минимизираат бројките кон крајот на 1980-тите и 1990-тите, српските националисти максимално ги зголемувале во обид да ги обележат Хрватите како геноцидни. Вук Драшковиќ, лидерот на Српското движење за обнова, во 1985 година напишал дека милион и пол Срби се убиени во НДХ.
Во последниве години, меѓу истакнатите хрватски ревизионисти се и пратеникот на ХДЗ, Вице Вукојевиќ, кој бил дел од сега непостоечката комисија според која бројката на жртвите на Јасеновац е 2.238, како и Златко Хасанбеговиќ, министер за култура, кој го опишал крајот на НДХ во 1945 година како „наша најголема национална трагедија и пораз”.
Претседателката Грабар Китаровиќ формално ги осудила усташите како криминален режим и го изразила своето „најдлабоко жалење за сите жртви на холокаустот во Хрватска” за време на посетата на Израел.
Но, таа исто така е критикувана поради тоа што е фотографирана со знаме на кое е симболот на усташите и тоа дека нејзин омилен музичар е Томсон, провокатор, војник кој станал пејач и чии стихови го содржат слоганот „За татковината спремни“.
Во меѓувреме, Стјепан Месиќ, кој беше втор претседател на Хрватска и познат по своите либерални ставови, оваа година поднесе оставка како почесен претседател на Сојузот на антифашистичките борци и антифашисти откако се појавија видеозаписи од 1992 година во кои тој прашува дали Јасеновац бил логор на смртта.
„Луѓето беа убивани, но [само] пред да дојдат во Јасеновац”, вели тој во едно видео. „Кога некој ќе стигнеше во Јасеновац, тој практично беше спасен, како работник”.
Без обвиненија
Соработниците во Србија
Поголемиот дел од територијата на денешна Србија била окупирана од нацистичка Германија помеѓу 1941 и 1945 година, но земјата никогаш немала недостиг од соработници, велат историчарите.
Високиот суд во Белград размислува за можна постхумна рехабилитација на Милан Недиќ, водач на српскиот режим поддржан од нацистите, помеѓу август 1941 и октомври 1944 година.
Според извештајот на американскиот Стејт департмент за меѓународни верски слободи за 2016 година, владата на Недиќ била одговорна за убиството на 90 отсто од српското еврејско население за време на Холокаустот.
Нацистите го назначиле Недиќ за лидер на таканаречената Влада за национален спас. По војната тој побегнал во Австрија, а југословенските комунистички власти го прогласиле за воен злосторник пред неговата смрт во 1946 година.
Процесот за негова рехабилитација, инициран од потомците на Недиќ, го подели мислењето во Србија, која е во преговори да се приклучи кон Европската унија.
Надвор од судските сослушувања, антифашистичките демонстранти се соочија со поддржувачи облечени во црно, кои тврдат дека тој им дал засолниште на 600.000 Срби од целиот балкански регион.
„За да се рехабилитира нацистичкиот режим, треба да се биде нацист – а Недиќ не бил еден од нив”, вели Александар Недиќ, внук на воениот лидер и самостоен српски националист.
Седејќи на клупата пред неговиот стан од социјалистичко време во белградската населба Баново Брдо, тој вели дека без оглед на одлуката на судот, сослушувањето обезбедува контра-наратив за историјата на комунистичката ера која тој ја нарекува лажна.
„Тоа е како губење на тежината”, вели тој. „Колку години сте ставале килограми, толку години се потребни за да се ослободите од нив. Истото важи и за историската рехабилитација. Колку години биле раскажувани лаги, толку години сега мора да се кажува вистината”.
Но, историчарот Милан Радановци, автор на „Казна и злосторство – силите за соработка во Србија“ и силен противник на рехабилитацијата за Недиќ, вели дека само мал број луѓе биле за ослободување на воениот лидер.
„Никогаш не се случило една европска земја законски да ги рехабилитира нејзините предавници”, вели тој. „Тој бил многу свесен за десетици илјади Евреи, Роми и српски цивили кои биле одведени во концентрациони логори и потоа погубени”.
Во 2015 година, судот во Белград ја поништил осудата на Драгољуб Дража Михајловиќ од комунистичката ера, кој бил четнички лидер погубен во 1946 година поради високо предавство и соработка со нацистите.
За време на Втората светска војна, ројалистичките борци за отпорот, познати како четници, отворено соработувале со силите на Оската, и ги напаѓале босанските муслимани и Хрвати, како и комунистите.
Во мај, Вишиот суд во Ваљево, град во западна Србија, го рехабилитирал Никола Калабиќ, командант на озлогласениот корпус на Четничката планинска гарда, обвинет од страна на поствоените југословенски власти за соработка со нацистите и други злосторства.
Адвокатите велат дека прашањето дали јавните изјави како овие може да се сметаат за незаконски се сведува на толкување на кривичниот законик.
За разлика од другите земји на ЕУ, како што се Германија или Австрија, законот не упатува конкретно на злосторствата на холокаустот или оние извршени за време на Втората светска војна.
Членот 325 од законикот вели дека луѓето кои „јавно ги оправдуваат, негираат или значително ги обезвреднуваат кривичните дела на геноцид, агресивни злосторства, злосторства против човештвото или воени злосторства”, може да добијат до три години затвор ако нивните дејствија поттикнат насилство или омраза.
Полицијата никогаш не поднела кривична пријава во врска со овој дел од законот, објавило Министерството за внатрешни работи.
„Во Хрватска тоа треба да се направи на начин кој поттикнува насилство или омраза кон социјална група оштетена од злосторството”, вели Весна Алабуриќ, адвокатка со седиште во Загреб. „Тоа е многу субјективна врска со кривичното дело што е многу тешко да се докаже”.
Според Министерството за правда во Германија, 93 лица се осудени за негирање, одобрување или релативизирање на нацистичките злосторства за геноцид во 2015 година, годината за која се достапни најновите статистички податоци. Шестмина од нив добиле затворски казни.
Во Австрија минатата година, државните адвокати примиле 75 пријави за негирање, релативизирање, оправдување или ослободување од обвинување за нацистички геноцид или злосторства против човештвото, велат од австриското министерство за правда. Четири лица завршиле во затвор за такви кривични дела во 2016 година.
БИРН побара одговор од 22-те хрватски локални обвинителства на прашањето дали некогаш примиле кривични пријави за геноцид или искривување на вистината за холокаустот или негирање од страна на поединци или групи.
Од 20-те обвинителства кои доставиле одговор, само три одговориле потврдно.
Во 2013 година, три организации за човекови права поднеле заедничка кривична пријава до обвинителството во Кутина, град во централна Хрватска, обвинувајќи го Јосип Миљак, поранешен претседател на екстремно десничарската Хрватска чиста партија за правата, за кршење на законот со минимизирање на масакрот во Јасеновац.
Според пријавата од Центарот за мировни студии, Документа и Граѓанскиот комитет за човекови права, Миљак го оспорувал истражувањето направено од страна на меморијалниот центар Јасеновац, според кое бројот на загинати во логорот изнесувал 83.000.
Во пријавата, исто така, се вели дека тој во електронска порака испратена до поранешната раководителка на меморијалниот центар, Наташа Јовичиќ, напишал: „твоите лаги и омраза кон сето она што е хрватско ќе придонесе за твојот крај”, што таа и активистите за човекови права го толкуваат како закана.
Според документот до кој дојде БИРН, канцеларијата на локалниот правобранител одлучила да не покрене обвинение по кривичната пријава врз основа на тоа дека немало елемент на јавно поттикнување кое произлегло од наводното минимизирање на воените злосторства на Миљак.
Сепак, локалната адвокатска канцеларија покрена прекршочна пријава во врска со наводната закана на Миљак. Во 2015 година, локалниот судија Роберт Стрнишчак го ослободи Миљак. За време на судењето, Стрнишчак се најде на насловните страници бидејќи и самиот се запраша дали 83.000 луѓе навистина умреле во Јасеновац.
Во меѓувреме, во 2016 година, Антифашистичката лига на Хрватска поднела кривична пријава до државниот обвинител во Загреб, обвинувајќи го режисерот на документарни филмови Јаков Седлар за „јавно поттикнување на насилство и омраза”.
Лигата тврди дека Седлар го искористил својот филм Јасеновац – Вистината, кој го оспорува официјалниот број жртви на меморијалниот локалитет, за да ги таргетира хрватските национални малцинства, особено Србите.
„[Седлар] ги сокрил научно утврдените факти за геноцидниот карактер на НДХ”, се вели во пријавата.
Седлар го отфрлил обвинението. Во мај, за својата работа добил награда од градот Загреб.
„Потребни се дополнителни истраги за да се соберат сите релевантни информации и написи за да се донесе одлука [за тоа дали да се продолжи со гонење]”, пишува во електронската порака од канцеларијата на државниот обвинител.
„Отровен коктел”
Третата кривична пријава е поднесена во средината на октомври од страна на три организации за човекови права до Обвинителството во Пула, град во северозападна Хрватска, против блогер опишан како продавач на опасен говор на омраза.
„Постои конкретно лице зад сето ова, со вистинско име и презиме”, вели Дражен Хофман, истражувач на групата за човекови права „ГОНГ“ и еден од авторите на пријавата. „Неговата онлајн работа е посветена на антисемитизмот, афирмација на нацистичките идеи и негација на холокаустот”.
До објавувањето на овој напис остана нејасно дали обвинителството ќе го достави случајот на суд.
Опкружен со книги и стари весници, сместен на најгорниот кат од една зграда од 19-ти век, со поглед на главниот плоштад во Загреб, Хофман помага при одржувањето на една онлајн платформа каде луѓето може да пријават, меѓу другото, негирање на холокаустот и фашистички графити.
Овој 31-годишен политички научник вели дека говорот на омраза почнал да се зголемува кон крајот на 2013 година, кога радикалните елементи на ХДЗ почувствувале дека може да заработат политички поени со поттикнување на анти-српски чувства, откако биле поставени кирилични знаци во Вуковар, град во источна Хрватска, кој беше уништен од страна на српските сили во 1991 година.
„Тоа беше отровен коктел, чиј одек и испади сѐ уште можеме да ги видиме и слушнеме во јавноста”, вели тој. „Историскиот ревизионизам е тука со мисија да се оцрни било кое наследство на антифашизмот – и истото целосно да се идентификува со ’српството’, а тоа пак со злосторствата и агресијата од војната во 90-тите”.
ХДЗ не одговори на прашањата пратени по е-маил и телефонскиот повик.
Пристапувањето на Хрватска кон ЕУ во 2013 година, исто така, беше пресвртница, вели Хофман, истакнувајќи дека не се воспоставени системи за следење на заштитата на човековите права по влезот во унијата.
„Сосема е точно дека откако една земја ќе влезе во оваа заедница, по задоволувањето на условите, некои стандарди да се намалат”, вели тој.
Запрашан за следењето на човековите права во Хрватска, портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд, изјави дека Европската унија соработува со државите членки и со социјалните медиуми за справување со незаконскиот говор на омраза.
„Говорот на омраза и радикалната пропаганда немаат место во нашите општества – ниту онлајн, ниту офлајн”, вели тој.
Ефраим Зуроф од Центарот „Симон Визентал“ вели дека одговорноста лежи во рацете на владата.
„Тие конечно мора да ја признаат историската вистина и да им кажат на луѓето: ’Ова се факти, мора да живеете со нив, да разберете што се случило и да се стори сé што е можно за да не се повтори пак”, вели тој.
Тамара Опачиќ е извршен уредник на неделникот „Новости“ од Загреб. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондацијата Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.