Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на 6 години затвор за злоупотреба на службената положба за случајот „Тенк“, односно за спорната набавка на мерцедесот од над половина милион евра.
Јанкулоска не се појави на денешното изрекување на пресудата, бидејќи во меѓувреме во тек е судењето за друг предмет на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) каде што и таа е обвинета, за масовното прислушување „Таргет Тврдина”.
Обвинителката Фатиме Фетаи побара на Јанкулоска да ѝ се забрани напуштање на живеалиштето, како мерка на претпазливост, поради опасноста од бегство. Одбраната на Јанкулоска се спротивстави на ваквото барање. Но судот по половина час расправа го прифати. Тоа значи дека Јанкулоска не смее да патува никаде надвор од Скопје.
На Јанкулоска ѝ се судеше во одвоена постапка поради бременост, а судењето почна во август откако ексминистерката се породи. На завршните зборови кои се одржаа пред пет дена, таа се расплака пред судот.
„Во ниту еден момент во мене не постоела умисла да поттикнам некого за набавка на возило. Како министер никогаш и на никого не сум вршела притисок и ниту сум потпаднала под нечиј притисок“, рече Јанкулоска.
За истиот предмет правосилно е осуден поранешниот премиер Никола Груевски, на 2 години затвор, а со затворска казна од шест и пол години осуден е Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер за внатрешни работи.