Истражувањa

Штипска болница: Задоцнета градба, стабилни хонорари

Околу 20 хонорарци со години се плаќале за неизградената болница

„Нема ништо спорно. Тие луѓе сe тука, си работат“.

Ова во петокот ни го кажа министерот за здравство, Венко Филипче, на долго одложуваната средба за ангажманот на околу 20 луѓе што биле плаќани од потсметката на Министерството за здравство за изградба на нови клинички центри во Скопје и во Штип.

Оној поголемиот, скопскиот, поради политичките блокади, остана празна полјана и барем засега, завршена приказна, која ќе чека нови „раскажувачи“.

Но, затоа дел од кредитот од 97 милиони евра што Македонија уште го троши, а го доби од Банката за развој на Советот на Европа, се само за новата клиничка болница во Штип.

Таа во март ќе направи петта година како се гради.

Кредиторот на 5 ноември со писмо го извести министерот дека се откажуваат да го финансираат проектот.

Причината е бавната градба.

Успешна само првата година и пол од градбата

За банката-кредитор успешни се само првите 18 месеци откако почнала градбата во 2016. Проектот, според нивниот увид, забавува од есента 2017.

„Со оглед на бавниот напредок на терен од есента 2017 година и фактот дека целите на проектот не може да се постигнат, датумот на затворање на проектот, моментно поставен на 31 декември 2021 година, ќе остане непроменет, а преостанатиот заем од 13,43 милиони евра ќе биде откажан“, пишува во писмото од Банката до Филипче.

Ден пред да стигне писмото, поточно на 4 ноември, на 15-тина луѓе што се ангажирани да работат на проектот на сметките уредно им легнале хонорарите за ангажманот околу новата клиничка болница.

Сумите се меѓу 30.000 и 90.000 денари.

Откако банката соопшти дека се откажува, јасно е дека нивниот хонорар би бил сигурен заклучно само до крајот на годината.

„За потоа ќе видиме“, рече Филипче уверен дека градбата на болницата ќе продолжи:

„Со Министерството за финансии ќе најдеме начин“, ни кажа министерот, чија функција веќе е дел од политичкиот пазар за ново собраниско мнозинство.

Координатор, асистент, експерти, лице за односи со јавност…

1,4 милиони евра од Банката за проектната единица на Министерството | Фото: Весна Коловска

БИРН направи увид во исплатите за проектот во изминатите години.

Освен градежните работи, редовно, некои секоја година, некои по неколку години, а некои почнувајќи од годинава, биле исплаќани и хонорари за луѓе ангажирани околу изградбата на клиничката болница во Штип.

Тоа се случувало и во годините кога забавувала градбата на болницата, на пример, поради судски процеси.

Одговорот што го побаравме од Министерството за неколкумина од ангажираните луѓе беше дека работат на различни позиции како: административен координатор, општ канцелариски асистент на единицата, експерт за набавки по процедури на кредиторот, експерт за јавни набавки, кои се спроведуваат по национално законодавство, експерт за медицинска опрема, лице за односи со јавност…

Износот за овие трошоци што се водат како расходи за проектната единица што го менаџира проектот, го пишува во известувањето до него од Банката за развој на Советот на Европа.

Таму пресметката покажува дека кредитната транша од 11,6 милиони евра заклучно со април, била искористена за да се платат 9,7 милиони евра за градежни работи, пола милион за супервизија и 1,4 милиони евра за проектната единица.

Од државата може двапати

Здравство избира, Банката ги одобрува хонорарците | Фото: БИРН

За некои хонорарци, медиумите пишувале на големо, како на пример раководителот на проектната единица, и државен советник на министерот, Јован Грповски, кој првично добивал по 150 илјади денари месечно, а последниве години по 90.000 денари.

Потоа, пратеникот на ВМРО-Народна, Љупчо Балковски, исто така е меѓу луѓето што добивале хонорари како прв човек на проектната единица. Годишно во просек тоа се околу 19 илјади евра.

Од мај годинава ангажиран е и ексградоначалникот на Центар, Андреј Жерновски. Тој од главната сметка на Министерството за здравство добива по 60.000 денари за координација на изградбата на болницата.

Венко Филипче | Фото: Роберт Атанасовски

Изборот на луѓето што ќе бидат ангажирани, кои потоа ги одобрува и кредиторот, е „дискреционо право на министерот“.

Меѓу ангажираните во рамките на проектот се и луѓе што веќе работат во Министерството за здравство, односно се редовно вработени административни службеници.

Меѓу нив е и советничка на министерот, која од 2020 добива хонорар и за изградбата на клиничката болница во Штип. И не е само таа.

„За ова бев повикан во Обвинителството во предистражна постапка, во ДКСК, со ДЗР…“, рече министерот за здравство, „и никој не најде ништо спорно“.

Толкувајќи два закони, антикорупционерите во постапката за едно од овие лица оцениле дека „не постои законска одредба што го уредува прашањето на дополнителен ангажман на лице што е во редовен работен однос и има статус на административен службеник“.

Се повикуваат на Законот за работни односи, според кој, „работодавачот може со определено лице да склучи договор поради вршење работи што се надвор од дејноста на работодавачот“.

Според тоа, ангажманот на Министерството за здравство во изградба на клиничката болница во Штип е „надвор од неговата дејност“.

Во ноември две фирми и петнаесетина хонорарци

На крајот, помалку фирми, повеќе хонорарци | Фото: БИРН

Првите лопати за болницата беа фрлени во март 2016 година, а првите исплати од оваа потсметка се некој месец подоцна, поточно од јули истата година.

Најмногу пари отишле на фирмите што работат на болницата.

Уште на почетокот, на главниот изведувач на болницата, „Интраком констракшн“ му се исплатени 1,4 милиони евра во јули, па уште 1,5 милион во октомври, па уште 760 илјади евра во ноември 2016 година…

Тука се и други фирми што добиле пари за проектот: „Евро-консалтинг“ за надзор над градежните работи, потоа „Пелистер“ од Битола…

Тоа било на почетоците од проектот, кога за различни потреби во градењето годишно се плаќале по 20-тина фирми.

Во последниот месец, ноември 2021, исплатени се само две фирми и петнаесетина хонорарци.