Анализи

Што содржат доказите на Обвинителството за „Пулс“

Од фактури за запаливите сунѓери до плико со стотици влезници за дискотеката

Се чини дека Обвинителството го приложило секое ливче или документ што го собрало, а кое е поврзано со работењето на дискотеката „Пулс“ во Кочани за да биде доказ во судската постапка. Oва е првичниот впечаток кога ќе се види обемната листа на докази, што обвинителите ја поднесоа пред првото рочиште.

Тие предложија околу 1.400 материјални докази: oд документи од пред три децении, до билети од дискотеката, цедеа со фотографии, видеа, технички проекти и форензички вештачења распоредени на стотина страници…

А токму списокот на докази беше повод за првите расправи во судницата.

Адвокатите на обвинетите му се пожалија на судот дека освен тоа што некои докази се повлечени, на листата се додадени нови докази. Реакција имаше и дека доказите се измешани, ненумерирани и неименувани и дека на одбраната ѝ е тешко да се снајде во материјалите што им ги дало Обвинителството.

Поради тоа, тие побараа обвинителството да ги среди доказите. Судијката Диана Груевска Илиевска тоа не го прифати и рече дека за листата на докази адвокатите ќе може да се изјаснат со воведните говори, а таа дополнително ќе одлучува за нивните поднесоци.

Листата на докази е поделена во 12 целини. Секоја од нив се однесува на посебен дел од обвинението. Еден дел се вештачењата, друг дел се докази кои се поврзани со општината, трет со објектот, четврти со Министерството за економија и така натаму.

Очекувано, откако обвинителството предложи сведоци, па ги повлече, еден од бранителите предложи деветмина од истите сведоци во име на одбраната.

Фотографии и видеа од настапите на ДНК

Родителите на загинатите на второто судско рочиште | Фото: БИРН

Првиот дел од листата на докази содржи материјали од Одделот за форензички испитувања во Министерството за внатрешни работи.

Се чини дека во оваа целина тоа се и најдиректните докази поврзани со настанувањето на пожарот – кобната поставка со пиротехника на бината, како и куферот со осум слотови за пиротехника и два далечински управувачи.

Тие докази, како што најави обвинителството во воведниот говор, треба да покажат дека во „Пулс“ се користела пиротехника спротивно на дозволите, и дека токму тие искри го распламтиле огнот што проголта 63 животи. Ќе се гледаат и видео-снимки за бројот на гости во дискотеката.

Таму има повеќе вештачења што ги направило МВР за траги од пожар, траги од експлозивни материи, како и извештајот за настанувањето на пожарот што го изработил Градежниот факултет.

Во судницата ќе се презентираат видео-снимки од претходните настапи на бендот ДНК. Обвинителството приложило цедеа со фотографии и видеа од настапи на групата, на која била користена пиротехника.

Писмените извештаи од извршената обдукција на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, пак, треба да покажат како настапила смртта кај загинатите.

Плико со 140 влезници

Обвинетите за „Пулс“ во судницата | Фото: БИРН

Доказите поврзани со Општина Кочани се своевидна хроника за трансформацијата на објектот каде што се наоѓала дискотеката. Таму има многу административни документи: oд записници за инспекциски надзори од 2014 година, до најстарите докази за случајот – документи испратени до тогашното Министерство за урбанизам, до подрачната единица во Кочани. Некои од нив датираат од 1995 година.

Обвинителството исто така предложило докази за легализацијата на објектот, решението за утврдување бесправен објект од 2011 година, пресметка што ја издала општината за надоместок за „утврдување статус на бесправен објект“, решенија за вработување и распоредување на работно место…

Во судницата ќе може да се видат и фактурите со кои биле набавувани сунѓерите што гореа од искрите на пожарот. На листата ги има дури и добавувачите на сунѓерите од странство.

За самиот објект, пак, меѓу доказите што обвинителството предлага да се изведат се разни скици, главниот проект за електрична инсталација на објектот од 1998 година, скицата за водоводната шема, техничкиот опис на канализацијата…

Има и такви докази кои се поврзани со работата на државните органи за контрола на објектот: „Записник за извршен инспекциски надзор на ден 13.12.2012 година“, налог за контрола од Управата за јавни приходи од 2018 година, како и договорот за закуп на деловен простор од 2012 склучен помеѓу обвинетиот сопственик на објектот, Гроздан Милковски и „Класик ДМ“.

За докажување на врските помеѓу некои од обвинетите, Обвинителството предлага како докази да се изведе и телефонска комуникација со листинзи и извештаи за некои од обвинетите. На листата се наоѓаат докази насловени „екстракција од комуникација“ каде што ќе се презентираат пораки на дел од обвинетите, а ќе се читаат и пораки извадени од ајфонот на првообвинетиот Дејан Јованов.

Листата открива дека помеѓу доказите се наоѓа и комуникација со полициски службеници која била направена ден пред трагедијата на 15 март, на самиот ден на пожарот, 16 март и денот потоа.

Во доказите се приложени и фотографии и видеа од профилите на Фејсбук и Инстаграм на дискотеката „Пулс“.

Во судската постапка ќе сe презентира плико со 140 билети за влез во дискотеката како и договор за патролно обезбедување помеѓу агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“ и „ММММ Кафе“.

Ќе се презентираат и договорите што фирмата за обезбедување „Рубикон“ ги имала со други државни органи, училишта и фирми. Тука е и меил комуникацијата и пораките на обвинетиот сопственик на агенцијата, Александар Нацев.

Сите издадени лиценци

Обвинетите и нивните адвокати | Фото: БИРН

За улогата на поранешните министри за економија, како докази се приложени лиценците кои биле издавани, заедно со пријавата за исполнување на минимално техничките услови заедно со пропратната документација. Покрај дозволите што ги потпишале министрите Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши приложени се и лиценците што ги издале Дритон Кучи и Беким Незири, кои не се обвинети.

Меѓу доказите на Обвинителството се сите издадени лиценци за вршење угостителска дејност и уплатниците со кои Дејан Јованов уплаќал пари за дозволите.

За обвинетите од Дирекцијата за заштита и спасување, доказите на Обвинителството се претежно административни: извештаи од инспекциски надзори, записници за надзори над фирми, годишни планови за работа, методологија за процена на ризик при планирање инспекциски надзори…

Обвинителството на судот му предлага да се изведе и планот за заштита и спасување од пожари и оперативно-тактички мерки за евакуација од мај 2013.

Впечатливо е тоа што овде Обвинителството предлага докази за контролите и инспекциите кои биле направени и по трагедијата во Кочани, па така, меѓу нив има записници за надзори кои се направени два месеца по трагедијата.

Идентично е и со доказите за Министерството за економија и за вработените од Државниот пазарен инспекторат. Таму како докази се предложени годишните планови за работа што ги донесувал Инспекцискиот совет, разни извештаи, програми за работа…

На крајот од листата на докази со име и презиме се наведени 222 оштетени од пожарот.

Наведени се 63 застапници на починатите. Како сведоци и оштетени ќе сведочат 35-мина, претежно жители на Кочани.

Обвинителството оценило дека за обвинетите од различни институции треба да повика по неколку сведоци. Па така, петмина општински административци од Општина Кочани ќе сведочат пред судот.

Тројца сведоци предлага обвинителството во делот со Агенцијата за обезбедување и шестмина сведоци од Дирекцијата за заштита и спасување.

Пред судот ќе треба да сведочат и изготвувачите на вештачењето од Градежниот факултет како и вештаци од Институтот за судска медицина.

Следното рочиште е закажано за втори декември.