Во своето прво интервју дадено по неговото именување за нов главен обвинител на специјалниот суд на Косово, Дејвид Швендиман за БИРН вели дека негова цел се осомничените злосторници, а не Ослободителната војска на Косово (ОВК)
Пишува: Марија Ристиќ, Белград
„Не гонам организација, не гонам етничка група, туку барам индивидуална одговорност за она што е направено“, вели Дејвид Швендиман, во интервју за БИРН.
„Ако таа порака им стане јасна на луѓето кои се засегнати со ова, тогаш можеби ќе сфатат дека судот не е ниту проалбански, ниту антиалбански, ниту просрпски, ниту антисрпки, туку дека едноставно си ја вршиме својата работа“, нагласува Швендиман.
Швендиман е главен обвинител на новото Специјализирано обвинителството во Хаг, кое има мандат да ги гони злосторствата на поранешните борци на ОВК, извршени од 1998 до 2000 година.
Се очекува да бидат подигнати обвиненија против високи личности на ОВК, за злосторства што тие наводно ги извршиле за време и по конфликтот со српските сили, иако првите обвинија сѐ уште се обработуваат.
Во Косово, судот се смета за пристрасен, бидејќи пред него ќе им се суди само на поранешни борци на ОВК, кои поголемиот дел од албанското население на Косово ги смета за ослободители, додека во Србија, судот има широка поддршка, бидејќи буди надеж дека ќе ги гони злосторствата врз Србите.
Швендиман нагласува дека главната порака што сакал да ја испрати за време на неговата прва посета на Србија и на Косово, која беше остварена минатата недела, е дека тој ќе биде независен и дека нема да потпадне под политичко влијание.
„Наша задача е да го свртиме вниманието кон поединци, а не кон етнички групи; знам дека постои таква перцепција, и јас не можам ништо битно да сторам во врска со тоа, освен да си ја вршам работата и да си ја вршам правилно“, објаснува тој.
Пред овој суд ќе се најдат случаите кои произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ (СИТФ) објавен во 2014 година, во кој се наведува дека неименувани припадници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за спроведување на „кампања на прогонство“ на Србите, Ромите и на Албанците, за кои се верувало дека се соработници на режимот во Белград.
Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирања, нелегално затворање и сексуално насилство.
Медиумите во Косово и во Србија нашироко шпекулираат кој би можел да се најде пред овој суд.
Во извештајот на Советот на Европа од 2011 година, кој практично беше основа за истрагата на СИТФ, се наведува дека претседателот на Косово, Хашим Тачи, бил клучна фигура во мрежата на организираниот криминал, одговорен за кршење на човековите права во повоено Косово. Тачи ги негираше овие тврдења.
Сепак, Швендиман одби да ги идентификува лицата за кои се спроведува истрага. Додава дека една од причините за неговата посета на Белград и на Приштина, е да стави крај на тие шпекулации.
„Сакав да го потенцирам прашањето за шпекулациите, претпоставките и гласините и да бидам сигурен оти луѓето ќе сватат дека доколку нешто не дошло од мене, тогаш тоа не е нешто во кое што треба да верувате“, рече тој.
Обезбедување на помош и независност
Минатонеделната посета, на Швендиман му беше прва посета на Косово и на Србија, иако тој веќе има искуство на Балканот. Всушност, од 2006 до 2009 година, тој работел како меѓународен обвинител во Специјалниот оддел за воени злосторства на Обвинителство на Босна и Херцеговина.
„Никогаш не сум бил во Приштина и во Белград, иако сум бил во регионот. Сакав, со оглед дека продолжуваме со следната фаза, да се сретнам со луѓето со кои што треба да работиме. Сакав да бидам сигурен дека тие ќе разберат оти ја цениме нивната континуирана поддршка и нивните напори, но, исто така, и од мене да слушнат за клучните точки во мојата работа и за моите обврски“, вели Швендиман за БИРН.
Во Приштина и во Белград, тој се состана со високи функционери, од кои ќе му треба континуирана поддршка.
„Јас, исто така, разговарав и за својот мандат, кој не е широк со километри, туку е фокусиран мандат, и јас сум специјален обвинител не затоа што има нешто посебно во врска со мене, туку бидејќи задачата е фокусирана, не како општите пленарни надлежности на трибуналите, туку во голема мера фокусиран мандат“, објасни тој.
Специјалниот суд ќе се занимава со злосторствата извршени од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година, но ќе ги процесира само инволвираните лица на едната страна од војната, косовските Албанци, што се смета за нов пристап, бидејќи се фокусира на одговорноста на „победникот“ во конфликтот.
Швендиман уште еднаш повтори дека ова не значи дека обвиненијата се пристрасни.
„Сакав да ја нагласам својата независност, односно дека клучната работа што ja вршам e независна, дека сѐ што треба да направам ќе биде базирано исклучиво на моето разбирање на фактите што сме ги собрале и што ќе продолжиме да ги собираме, и на законот, онака како што јас го читам. А во законот, како што знаете, се апсорбирани и интегрирани меѓународни стандарди кои веќе постојат, и сакам луѓето да го разберат тоа“, нагласи Швендиман.
Тој и неговиот тим, исто така, сакаат да се осигураат дека ќе ја добијат потребната континуирана поддршка од Србија и од Косово, вклучувајќи го и пристапот до документи, сведоци и до секаков друг материјал кој се смета за важен за истрагата.
„Косовската влада во текот на истрагата помогна на различни начини, и ЕУЛЕКС (Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово), исто така. Сите со кои зборувавме во текот на оваа посета ме уверија дека ќе ја добиеме сета потребна помош и јас сум апсолутно убеден дека ќе ја добиеме“, изјави Швендиман.
„А една од целите на посетата беше да се сретнам со луѓето кои ќе бидат одговорни за тоа, да ги погледнам во очи, да им кажам што сакам и да ги замолам уште еднаш да ја потврдат својата поддршка“, додаде тој.
Солидна основа на докази
Сепак, останува нејасно, кој ќе ги спроведува апсењата и како ќе се спроведува процесот на екстрадиција.
Допрва треба да се утврди и кои докази Специјализираното обвинителство ќе може да ги користи.
Врската со Албанија
Во извештајот на СИТФ од 2014 и во извештајот на Советот на Европа од 2011 година се наведува дека некои криминални активности биле извршени во соседна Албанија.
Пред косовските судови осудени се неколку членови на ОВК, за учество во тортура на затвореници во логори во Албанија, во април, мај и јуни 1999 година, за време на конфликтот во Косово.
ОВК имала своја база во албанскиот град Кукс, од каде биле водени прекугранични герилски операции.
ОВК, исто така, имала воспоставено мрежа на затвори во своите бази во Албанија и во Косово, за време и по конфликтот.
СИТФ во повеќе наврати ја посети Албанија, иако првично оваа држава одбиваше да дозволи да се спроведе истрага на нејзината територија.
„Ги наследив добрите односи што Клинт (Вилијамсон, главниот истражител на СИТФ), ги воспостави со албанската влада и јас во целост очекувам дека таа ќе ни помогне да го направиме она што мораме. Ќе одам каде што треба да одам и јас не ја затворам вратата никому“, нагласи Швендиман
Во текот на 17-годишното присуство на меѓународните мисии во Косово, собрани се информации во речиси 1.000 предмети, иако многу од нив никогаш не влегле во судска фаза. И Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), работеше на многу случаи врзани за војната во Косово.
Според косовскиот закон за Специјализираните совети, чие усвојување го овозможи формирањето на судот, „доказите собрани во текот на кривичната постапка или истрагите во рамките на предметот кој што е во надлежност на Специјализираните совети, пред нивното формирање, од страна на било кое национално или меѓународно тело или агенција за спроведување на законот или за спроведување на кривичните истраги, вклучувајќи ги и обвинителот на Косово, секоја полициска власт во Косово, МКТЈ, ЕУЛЕКС или СИТФ, може да бидат прифатени пред Специјализираните совети.
Сите овие институции имаат илјадници страници на сведоштва, извештаи, наредби и други документи кои може да ги користи Специјализираното обвинителство, но што е она што ќе може да се користи во судот, ќе биде јасно откако ќе бидат усвоени процедурите и доказите, по претходен избор на судии и претседател.
„Сигурен сум дека тоа ќе биде мешавина од она што можеме и она што не можеме да го користиме; во Босна и Херцеговина, на пример, моравме како сведоци да повикуваме живи сведоци, но судовите ги прифаќаа и веќе утврдените факти“, рече Швендиман.
Иако многумина се прашуваат дали, поради недостиг на писмени наредби, е навистина можно да се докажат злосторства што ги извршила герилска сила, како што е ОВК, Швендиман е убеден дека е можно, истакнувајќи дека Клинт Вилијамсон, главниот истражител на СИТФ, му оставил солидна основа на докази.
„Не би ја прифатил работата доколку Клинт и јас нѐ разговаравме за она што тој го сметаше за постигнато во јули 2014 година (кога СИТФ го објави својот извештај). Работев на ова година и пол како главен истражител, и јас не би ја прифатил работата главен обвинител, доколку не верував дека може да се преземе и следен чекор, а тоа се обвиненија“, рече тој.
Но Швендиман е свесен дека тој ќе мора, во голема мера, да се потпре на сведоците и нивните изјави. Да се осигура безбедноста на заштитените сведоци кои ќе сведочат за злосторствата извршени за време и по војната во Косово, е проблем со кој во минатото се соочиле сите институции кои биле вклучени во кривичното гонење на ваквите случаи. И МКТЈ, и Мисијата на ООН во Косово УНМИК, и ЕУЛЕКС и домашните судови во Србија и во Косово.
„Заштитата на оние за кои сметаме дека се загрозени или дека стануваат ранливи поради своето учество во овој процес, е апсолутно од витално значење. Имам овластувања да го направам ова, добив уверување дека ќе добијам помош за да го направам ова и јас не можам и не сакам да зборувам за конкретните тимови или методи кои ги користиме или ќе ги користиме за да го оствариме тоа“, истакна тој.
Многу сведоци, во досегашните судења на припадници на ОВК во Косово и во Хаг, ги менуваа своите искази.
„Ова е голем проблем за нас, голем предизвик, тоа е нешто што го сфаќаме многу сериозно, на што му посветивме многу време и труд за да се справиме со тоа. Мораме да ја задржиме довербата на луѓето во нас и мораме да ги заштитиме ранливите на сите можни начини, за да не ја изгубиме оваа доверба“, вели Швендиман.
Заплашување во заедницата
Швендиман се сретнал со заплашувањето на сведоци, додека спроведувал истраги за злосторствата извршени во босанската војна.
Примат на Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство
Според законот на Косово за Специјализираните совети, новиот суд има примат над сите други судови во Косово.
„Член 10 и 11 од овој закон им даваат примат на обвинителите за сите прашања во рамките на мандатот“, вели Швендиман.
Во согласност со членот 10 од овој закон, обвинителот може во секое време да донесе одлука дали некој случај што го водело обвинителството на Косово, и сите документи кои се однесуваат на него, ќе им бидат пренесени на Специјализирани совети.
Сепак, не се знае каква би била процедурата во случај специјалниот суд да бара лице на кое му се суди во Косово за друго кривично дело.
Кога во такви случаи МКТЈ покренуваше обвиненија, судењето на осомничените пред домашните судови паузираше, до донесување на конечната пресуда во Хашкиот трибунал
„Во Босна и Херцеговина тоа не беше вообичаено, но се случуваше, луѓето ги загубиле семејствата и поддршката, а имаше и сторители што живееат во соседството на овие луѓе, кои јас ги молев да сведочат и иако нивните имиња беа редактирани во обвиненијата, јас совршено ги разбирав кога доаѓаа и велеа ‘не’“, се сеќава Швендиман.
Тој раскажува за еден случај на жена која одбила да влезе во судницата поради притисок на нејзината средина да не кажува ништо, за да не предизвика потенцијални проблеми.
„Таа не беше обесхрабрена од заедницата на сторителот, туку од својата заедница, во која и велеа: ‘Не мораш да го правиш ова, знаеш дека тоа ни носи само напнатост, зошто сакаш да зборуваш?“, раскажува тој.
„Сепак, успеавме да ја убедиме, со чести посети и разговори за овие прашања, при што бевме чувствителни, разговаравме и со нејзиниот син, кој можеше да ја увери дека таа има поддршка. Најважно е луѓето да имаат доверба во нас“, додава тој.
Како што истакна, искуствотото во Босна и Херцеговина му овозможило да им пријде на ваквите ситуации со подлабоко разбирање.
„Важно е да бидете чувствителни со работите со кои немате искуство и да не се однесувате како да имате. Не можам некому да кажам дека разбирам низ што поминал, кога не разбирам, кога немате поим“, вели тој.
„Зборувате со луѓе кои преживеале многу поужасни работи отколку што можете да замислите, кои останале без солзи, за кои не останала вистинска надеж, кои не живеат таму каде што секогаш живееле, кои се раселени … Го имате сето тоа разочарување, омраза во нив, поради што е многу тешко да воспоставите контакт, но тоа доаѓа со искуството“, додава тој.
Како и во БиХ, тој се надева дека и во овој случај неговото истражување ќе помогне во потрагата по останките на околу 1.660 лица исчезнати во конфликтот на Косово.
„Имам искуство со тоа и апсолутно се обидувам да помогнам колку што можат повеќе за да се лоцираат (жртвите), да се ексхумираат и да се вратат на нивните семејства“, рече Швендиман.
Тој, сепак, е свесен за големите очекувања што некои луѓе ги имаат од него, особено во Србија, каде што новиот суд се смета за единствена можност да се донесе правда за српските жртви.
„Сочувствувам со ова и јас ќе направам сѐ што можам, но мора да бидам и реален, чесен и транспарентен што е можно повеќе“, вели тој.
„Управувањето со очекувањата е многу важно, бидејќи ќе влијае на прифаѓањето на резултатот како легитимен или како нелегитимен. Тоа е голема цел за мене и јас ќе дадам се од себе да им помогнам на луѓето да сфатат што можат да очекуваат, а потоа тие ќе можат да ме сметаат за одговорен ако успеам, односно не успеам да ги исполнам овие очекувања“, додава тој.
Сепак, признава Швендиман, како и кај другите меѓународни судови, одредено ниво на разочарување е неизбежно.
„Секогаш ќе има луѓе што ќе бидат разочарани, не се сомневам во тоа“, вели тој.
Иако од крајот на војната во Косово, поминаа 17 години, Швендиман смета дека за иднината на земјата е важно сторителите да се донесат пред лицето на правдата.
„Без разлика на она што претходно се случувало, постојат вечни прашања за работите што се случиле за време на војната, кои влијаат на средината и на луѓето лично“, рече тој.
Ако сторителите на ваквите злоупотреби бидат повикани на одговорност, заклучува тој, тоа „ќе им помогне на луѓето да живеат со своето минато“.