Истражувањa

Систем вон систем: Државата слепа за парите на МПЦ-ОА и ИВЗ

Институциите оставаат работењето на двете најголеми верски заедници да се одвива вон законските рамки

Ако имате каква било фирма или организација што работи со пари, веројатно знаете дека сѐ што правите мора да пријавите во Управата за јавни приходи. Преку таа институција месечно поминува вашата плата, таму ги плаќате даноците, а еднаш годишно, во Централниот регистар поднесувате завршна пресметка. Ако не го правите сево ова, веројатно ќе ви дојде инспекција, па ќе треба да плаќате и казни.

Но, овие државни правила не важат за сите.

МПЦ-ОА и ИВЗ се ослободени од фискална одговорност, никој од нив не бара финансиска транспарентност

БИРН открива многу нелогичности и замижувања на надлежните органи, кога станува збор за најголемите верски заедници – Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Исламската верска заедница.

Тие функционираат многу покомотно – ослободени се од фискална одговорност, никој од нив не бара финансиска транспарентност, а за сето тоа уживаат толеранција од страна на институциите.

Не поднесуваат завршни пресметки, не пријавуваат приходи, а Управата за јавни приходи и Централниот регистар им прогледуваат низ прсти. Двете државни институции, контролната и казнената обврска си ја префрлаат една на друга.

Занемарени обврски

Соборната црква во Скопје е најголемиот православен храм | Фото: БИРН

Верските заедници се регистрирани според Законот за верски заедници и религиозни групи, но сметководството и обврските кон државата, како што велат од УЈП, ги исполнуваат исто како и невладините организации, односно според Законот за сметководство на непрофитни организации.

Тоа значи дека имаат обврска еднаш годишно, да поднесат завршна годишна сметка. Обврската не мора да ја почитуваат единствено ако вкупната вредност на имотот или годишниот приход им е помал од 2.500 евра.

Неколкумесечното истражување на БИРН, расплетувајќи сложени административни процедури и прописи, открива дека, иако ги исполнуваат условите за поднесување завршна сметка, двете верски заедници со најголем број следбеници во државава, МПЦ-ОА и ИВЗ, всушност, со години ја занемаруваат оваа законска обврска.

Од 2010 до 2023 година, Македонската православна црква доставила само една завршна пресметка, во која не пријавила приходи. Исламската верска заедница, пак, не поднела ниту една.

Синодот на МПЦ-ОА, избегнувајќи директно објаснување за тоа што не поднесуваат завршни сметки, за БИРН изјави дека ги почитува „прописите во постоечкото македонско законодавство и постапува во согласност со истите, како и во согласност со Уставот на МПЦ-ОА“. (Целосните одговори од МПЦ-ОА прочитајте ги тука.)

Од 2010 до 2023 година, Македонската православна црква доставила само една завршна пресметка, а ИВЗ ни толку

ИВЗ, пак, тврди дека во моментов „ниту една верска заедница во Северна Македонија не поднесува завршни годишни сметки, бидејќи законодавната рамка не го предвидува тоа за верските институции“. (Целосните одговори од ИВЗ прочитајте ги тука.)

Но, тоа едноставно не е точно. Проверките на БИРН покажаа дека Католичката црква секоја година, вклучително и последнава, ја извршила оваа законска обврска.

Ваквата ноншалантност на двете најголеми верски заедници, државата ја дозволува. Одговорот од Централниот регистар сугерира дека сѐ е оставено на нивната совест.

Велат дека не можат да претпостават „дали субјектот има годишен приход поголем од 2.500 евра за да поднесе предлог-постапка за порамнување/прекршочна постапка за правниот субјект“.

„Податокот за остварените приходи го знае самиот субјект“, велат од Централниот регистар. (Целосните одговори од ЦРМ прочитајте ги тука.)

Ако оваа институција целосно се потпира врз одговорноста и одлуките на верските заедници, Управата за јавни приходи е во поинаква позиција. Таа, во секој момент, може да утврди дека низ сметките на МПЦ-ОА и ИВЗ поминуваат големи средства за придонеси.

И сметки полни и броен имот

Двете верски заедници добиваат пари по различни основи | Фото: БИРН

Според податоците што БИРН ги доби од УЈП, заклучно со декември 2024 година, во МПЦ-ОА има 99 вработени, а во ИВЗ има 179 вработени. Тоа значи дека МПЦ треба да има најмалку 54.000 евра месечно за да ги плаќа вработените, а ИВЗ околу 97.000 евра. И тоа, ако се вработени за минимална плата.

Од УЈП велат дека во последниве пет години не влегле да направат инспекции во МПЦ-ОА и во ИВЗ, а претходно кога вршеле „одредени контроли, не биле констатирани никакви неправилности.“ (Целосните одговори од УЈП прочитајте ги тука.)

И според вториот услов за поднесување завршна сметка, односно вкупната вредност на имотот да е помала од 2.500 евра, двете најголеми верски заедници и тоа како влегуваат во оние организации што имаат обврска да поднесат.

Базата на податоци „Верски имоти под лупа“, на која БИРН работеше повеќе од една година, детално илустрира дека верските заедници поседуваат имот со далеку поголема вредност од минималниот праг, што ги исклучува малите невладини организации од обврската за завршни сметки.

Верските заедници поседуваат имот со далеку поголема вредност од минималниот праг, којшто ги исклучува малите организации од обврската за завршни сметки

„Верски имоти под лупа“ за првпат открива дека МПЦ-ОА располага со над 14.000 имоти низ државава, а ИВЗ со над 5.300 имоти запишани во Катастар. Станбени, деловни, комерцијални објекти – а некои од нив вредат и повеќе од 2.500 евра, но за квадратен метар, како на пример становите што МПЦ-ОА ги има во новиот комплекс „Гранд“, во центарот на Скопје.

Според Законот за данок на имот, верските заедници се ослободени од данок на имот за објекти во кои се вршат обреди. За станови и деловен простор – треба да платат.

МПЦ-ОА тврди дека ги почитува овие правила.

ИВЗ, пак, сметаат дека „секој квадратен метар“ има верско значење, бидејќи приходот оди во поддршка на верскиот живот. Од таму, за БИРН, велат дека во некои општини, советите одлучиле да ги ослободат вакуфските објекти од даноци – како чин на „разбирање.“

Колку реално имаат приходи?

За ИВЗ и дуќаните се верски имот, ослободен од давачки | Фото: БИРН

Верските заедници заработуваат на многу начини. Првенствено од извршување на верските обреди, но дополнителни финансиски инјекции добиваат и од државата и од општините.

Основни пребарувања на базата Отворени финансии покажуваат дека од државниот буџет на МПЦ-ОА, во периодот од 2010 до минатата година, ѝ се исплатени над шест милиони евра по разни основи, меѓу кои и за денационализација. Во истиот период, државата на ИВЗ ѝ исплатила над 200 илјади евра.

Пред пет години, пак, Државната комисија за спречување на корупцијата излезе со далеку поголема бројка. Врз основа на документ добиен од Министерството за финансии тврдеа дека на ИВЗ ѝ е исплатена државна обврзница од над девет милиони евра како компензација за имот кој не ѝ се вратил со денационализација, а дека покрај таквиот прилив оваа верска заедница не поднела годишна сметка.

Двете верски заедници, приходи добиваат и од изнајмување на своите имоти, а некогаш и преку фирмите што ги формираат за да инвестираат во други бизниси, како градежништво, енергетика или туризам.

Други стопански дејности

МПЦ-ОА се јавува како основач и на пет фирми, една фондација и еден факултет. ИВЗ, пак, има основано две фирми, две здруженија и еден факултет. За нив поднесуваат завршни сметки.

Но, кога завршните сметки не се поднесуваат, мистерија е балансот меѓу приходите и расходите на верските заедници што произлегле од стопанската дејност и ваквата ситуација може да ги амнестира од плаќањето данок, доколку реалните бројки надминуваат одредена сума приходи.

Законот за сметководство на непрофитни организации предвидува и дека ако МПЦ-ОА или ИВЗ, на крајот од годината имаат приход од стопанска дејност поголем милион денари, односно од 16.000 евра, што е реално сценарио бидејќи даваат под наем сериозни недвижнини и вклучени се во доходовни бизниси, законот предвидува уште една обврска за нив, да платат данок на добивка, но само еден отсто на заработените пари над таа сума.

Иако формално не пријавуваат приходи, фактите на терен покажуваат поинаква слика. На пример, МПЦ-ОА го издава хотелот „Изгрев“ во Струга, додека ИВЗ стопанисува со дуќани во Тетово, кои, исто така, ги дава под наем.

И самите верски заедници, за БИРН, потврдуваат дека економски го експлоатираат имотот.

За ваквите економски активности постојат и многу медиумски извештаи, но од УЈП велат дека, според нивните податоци, тие „не остваруваат приходи од стопанска дејност, како што се приходи од кирии по основ на договори за закуп на недвижности.“

Но, МПЦ-ОА и ИВЗ имаат и приходи што не минуваат низ банкарските системи и не се видливи за институциите.

На пример, за секој верски обред, верниците плаќаат на локалните свештеници, некогаш претходно одредена сума, некогаш по принципот „дајте колку имате.“ За тие собрани пари се води прецизна евиденција. Но, само внатрешна, која е предвидена во уставите на МПЦ-ОА и ИВЗ. Тие пари не се пријавени во даночниот систем, ниту, пак, се внесуваат на сметките на верските заедници.

Од нив живеат 709 свештеници, колку што вкупно се регистрирани според законот за вршење самостојна дејност. Тие не се вработени во верските институции, туку сами си плаќаат паушал што ќе им го одреди Управата за јавни приходи и вообичаено се движи од 200 до 400 евра годишно. Од нив околу 600 се свештеници на МПЦ-ОА, а другите претежно на Исламската верска заедница.

Единствен субјект, повеќе матични броеви – само за МПЦ-ОА

Македонската православна црква со административна привилегија | Фото: БИРН

Истражувајќи ги фискалните обврски на двете најголеми верски заедници, БИРН откри и недоследност како институциите административно ја водат Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

Имено, епархиите во Централниот регистар се заведени како подружници на Црквата, но имаат различен матичен број од правното лице МПЦ-ОА, што претставува своевиден преседан.

Според законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, секое правно лице мора да има единствен матичен број што се применува и на сите негови подружници, кои имаат дополнителен подброј.

БИРН откри и недоследност како институциите административно ја водат Македонската православна црква-Охридска архиепископија

Целта на ваквото законско решение е финансиската одговорност да биде централизирана. Така, доколку една подружница на компанија, на пример ако се работи за синџир маркети, не ги подмири обврските за електрична енергија, на удар ќе биде целата компанија, односно ќе им се блокира сметката, а ниту еден вработен не може да земе плата додека не се исплати долгот.

Овој принцип, меѓутоа, не важи за Македонската православна црква- Охридска архиепископија. Иако дејствува како еден правен субјект, нејзините епархии се регистрирани со различни матични броеви.

Со ваквото решение ѝ се овозможува на МПЦ-ОА истовремено да го ужива правото да ги контролира поединечните храмови и нивните деловни одлуки, а, од друга страна, да не ги трпи последиците од некоректното финансиско работење на секои поединечни црква или манастир.

Во институциите немаат конкретен одговор како е дојдено до ова. Од Централниот регистар, кој всушност го доделува матичниот број, велат дека ова е случај од февруари 2014 година, но одговорноста ја префрлаат на судот, од каде што добиле известување за регистрација, кое било поднесено по барање на МПЦ-ОА.