Актуелно

Сите изборни рокови се сѐ уште на маса

„Предвремените избори најрано можат да се закажат кон крајот на мај и почетокот на јуни. На маса е и опцијата за септември. Пржино е процес што треба да доведе до одржување фер и инклузивни избори, а не држење до датуми“, вели за БИРН амбасадор на земја-членка на ЕУ.

polling stations and ballot box mac elections 2011

ЕУ и САД треба најдоцна до 20 февруари заеднички да проценат дали се исполнети условите да се одржат избори во април | Фото: БИРН архива

На Македонија ѝ претстојат политички турбулентни две седмици во кои треба да се заклучи дали има услови да се одржат фер избори на 24 април. До 15 февруари, како што брифираат дипломатски извори за БИРН, секој амбасадор на ЕУ треба да испрати свое мислење до еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за тоа дали можат да се одржат веродостојни избори во април. Истовремено, во Македонија се очекува да пристигне тим од Брисел кој ќе евалуира како се спроведуваат препораките од извештајот на Прибе.

ЕУ и САД треба најдоцна до 20 февруари заеднички да проценат дали се исполнети условите да се одржат избори во април врз основа на три критериуми кои беа напишани во писмо што минатата недела му го доставија на техничкиот премиер Емил Димитриев и беше испратено до лидерите на четирите најголеми партии.

Критериумите се однесуваат на задолженија од Договорот од Пржино: изборни реформи и прочистување на избирачкиот список, медиумски реформи и мерки што ќе обезбедат одвојување на државата и активностите на политичките партии.

Конечната одлука за тоа дали ќе има нов датум за избори треба да се донесе на средбата на еврокомесарот Јоханес Хан со лидерите на најголемите партии во втората половина на месецов, која не се знае дали ќе се одржи во Скопје или во Брисел, брифираат истите извори. Од Делегацијата на ЕУ велат дека сѐ уште не е закажан термин за средба со Хан, но извори на БИРН велат дека веројатно средбата ќе се случи на 19 февруари.

На маса е и септемвриски изборен датум

132986399

Конечната одлука за тоа дали ќе има нов датум за избори треба да се донесе на средбата на еврокомесарот Јоханес Хан со лидерите на најголемите партии во втората половина на месецов | Фото: БИРН архива

„Предвремените избори најрано можат да се закажат кон крајот на мај и почетокот на јуни, главно поради тоа што нема време да се прочисти избирачкиот список. На маса е и опција за поместување на изборниот датум за септември. Пржино е процес што треба да доведе до одржување фер и инклузивни избори, а не држење до датуми. Многу рокови беа поместени. Ако владејачката партија тврди дека анкетите им одат во прилог, тогаш треба да се согласат да има нов термин за избори“, вели амбасадор од земја-членка на Европската унија.

Тој вели дека во наредниот период ќе се работи со четирите партии за да се задоволат трите критериуми наведени во писмото од ЕУ и од САД.

„Во поглед на критериумот за медиумите, важно е да се обезбеди еднаков третман на различните гледишта и мислења. Тука се бара законите да се имплементираат. За критериумот за одвоеност на државата од активностите на партиите, се очекува партиите да понудат решенија кои ќе овозможат кривично да одговараат оние кои вршат притисок врз вработените од јавната администрација“, вели амбасадорот.

Меѓународната заедница очекува во наредниот период политичките партии да ја поддржуваат, наместо да ја опструираат работата на Специјалното обвинителство на чело со Катица Јанева.

Временски теснец за изборни реформи

Критериумот за кој постои најголем сомнеж дека нема доволно време да се спроведе во временската рамка што ја зададоа ЕУ и САД, според истиот извор, се однесува на изборните реформи.

Алексов: Дали ќе има време, зависи од вкрстувањето на податоците
Дарко Алексов, директор на граѓанската асоцијација „Мост“ смета дека не е можно однапред да се предвиди колку време ќе биде потребно за теренската проверка, односно тој процес ќе зависи од првичните вкрстени проверки на релевантните бази на податоци.

„Во писмото од ЕУ и САД експлицитно е посочено дека двете фази од проверката (административна и теренска), како и фазата на прочистување, мора да се спроведат. Тоа значи дека доколку процесот на проверка започне денес, тогаш до 24-ти февруари, поточно за 22 дена, ќе треба да се спроведат сите видови проверки, како и прочистувањето на избирачкиот список. Ова можеби ќе предизвика потреба од измена на одредени закони коишто индиректно се поврзани со запишувањето на избирачите во избирачкиот список“, вели Алексов за БИРН.

Проблемот, спред него, е во тоа што доколку се одржат изборите на 24-ти април, Собранието би се распуштило на 24-ти февруари, а тоа е институцијата која е единствено надлежна да ги измени и прилагоди постојните законски решенија со цел ефикасно прочистување на избирачкиот список.

„Земајќи ги предвид овие 22 преостанати и предизвикувачки дена, процесот на прочистувањето на избирачкиот список се проблематизира“, додава тој.

Откако СДСМ ја прифати методологијата на ДИК за чистење на избирачкиот список, се очекува до петок да се изберат две информатички домашни и една странска компанија кои ќе прават вкрстена проверка на базите на податоци.

За таа цел огласот е веќе објавен.

„Потенцијалните компании/експерти, кои ќе ги достават своите понуди, треба да располагаат сo докажана историја на успешно работење на проекти од голем размер во Македонија, и тоа особено проекти за управување со информации чие спроведување интензивно се следи од страна на јавноста“, се вели во огласот објавен на страната на Државната изборна комисија.

Од ДИК посочуваат дека потенцијалните компании/експерти треба да располагаат со искуство во креирање системи кои вклучуваат строга заштита на податоци, тајност и политики за безбедност при управувањето со личните податоци на поединци.

Супхи Јакупи, член на ДИК, објаснува дека секоја компанија посебно ќе ги вкрстува податоците за да се види дали ќе се појави разлика.

„Од понеделник компаниите треба да започнат со вкрстување на податоците, а потоа ќе се излезе на терен. Тешко е во овој момент да се направи проценка колку време ќе трае целиот процес. Тоа е жива материја“, вели Јакупи.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, пак, минатиот месец на претставниците на париите кои беа на средба со олеснувачот Питер Ванхауте им пренесе дека избирачкиот список не може да се прочисти до 24 април.

„Во овој краток рок проверката на избирачкиот список може да биде импровизација, и со таква постапка ние нема да добиеме кредибилен избирачки список и кредибилни избори“, кажа Чичаковски.

ЕУ и САД бараат до 19 февруари ДИК да биде целосно обезбедена со персонал и со финансии, но и да бидат завршени првичните вкрстени проверки на сите релевантни бази на податоци за да се добие добра слика за тоа колку опсежен ќе биде процесот на прочистување на избирачкиот список, вклучително и теренските проверки.

„ДИК мора да има веродостојна програма и доволно време и ресурси за да може да ги истражува и да одлучува по неправилностите што ќе се откријат за време на вкрстената проверка. Мора да постои јасна законска рамка за навремено отстранување на имиња кои не припаѓаат во избирачкиот список, како и да бидат водени соодветни мехнизми за одбележување на имињата кои нема да бидат отстранети, но за кои ќе биде потребна дополнителна проверка. Мора да постои опсежен и фер механизам за разгледување на жалбите што ќе произлезат од процесот на прочистување на гласачкиот список, а ОБСЕ да биде поканета да ја набљудува процедурата“, гласи критериумот од писмото на ЕУ.