Истражувањa

Зад кулисите на музеите: неред во Атина и Белград

Сагата зад многу одложуваниот проект за современа уметност одразува многу од современите проблеми на Грција и може да се направи паралела со проблематичниот проект во Србија

Пишува: Фотини Барка – Атина и Белград

Атињаните беа многу изненадени еден сончев ден, во септември 2013 година. Беше симнато скелето и се откри фасадата на новиот музеј за современа уметност во Грција. Долго очекуваното реновирање на зградата на пиварницата од 1950-те години донесе бран на оптимизам во земјата која трета година по ред се соочуваше со строги мерки на штедење.

Сепак, не за прв пат, надежта дека наскоро ќе се отвори музејот се покажа како предвремена. Беше предвидено дека проектот ќе заврши во 2004 година, годината на Олимписките игри во Атина. Различните рокови дојдоа и поминаа. Околу 35 милиони евра, средства од ЕУ и Грција беа потрошени. Но сѐ уште нема уметнички дела во пространите бели ентериери зад бетонските ѕидови обложени со камен и стакло.

Ноќна слика од Националниот музеј за современа уметност во Атина, кој сѐ уште не е отворен за јавноста. Фото: Национален музеј за современа уметност

Ноќна слика од Националниот музеј за современа уметност во Атина, кој сѐ уште не е отворен за јавноста. Фото: Национален музеј за современа уметност

Сагата на Националниот музеј за современа уметност содржи многу елементи од тековната економска и политичка криза во Грција – хаотично управување со јавните и парите од ЕУ, политички пресврти, величествени личности, правни битки и контроверзни зделки меѓу јавниот и приватниот сектор.

Вангелис Стилианидис, архитектот одговорен за проектот, се жали на „неспособноста на грчката држава да заврши нешто”. Во неговата канцеларија во централна Атина, тој пали цигара и ја опишува празната зграда како „дух во градот”.

Наскоро ќе има потреба од значително одржување, бидејќи е оставена ненаселена толку долго, вели Стилианидис. Пред сѐ тој ги обвинува членовите на одборот на музејот и политичарите. Со текот на годините, осум грчки влади и повеќе од десетина министри за култура биле вклучени во проектот.

„Да имаше силна политичка волја, музејот ќе беше отворен до сега”, вели тој.

Бев во можност да ја набљудувам оваа драма и однадвор и однатре. Како новинар што пишувал за култура во еден од водечките весници во Грција, напишав многу приказни за проектот во текот на над една деценија. Потоа, во ноември 2012 година, заминав да работам за музејот да подготвам стратегија за комуникација за неговото отворање. Кога мојот договор истече на крајот од 2014 година, сѐ уште немаше знаци дека тоа ќе се случи.

Официјалната причина зошто музејот останува затворен, две години откако реновирањето на зградата беше конечно завршено, е недостатокот од пари. Сепак, Балканската истражувачка мрежа (БИРН) може да открие дека милиони евра му се потенцијално достапни за музејот, но се фрустрирачки недостапни поради правни, политички и бирократски пречки.

Концептот зазема конкретна форма

Идејата за национален музеј за современа уметност била дискутирана во Грција со децении. Музејот, сега често познат едноставно под акронимот ЕМСТ, што потекнува од неговото име на грчки јазик, конечно беше основан со закон во 1997 година, но постоел само на хартија, сѐ додека не била назначена неговата прва директорка, Ана Кафеци, во јануари 2000 година.

Кафеци, познат куратор, која била вработена во Националната галерија на Грција од 1983 година, била меѓу првите што ги вовела големите изложби на грчката и меѓународна современа уметност во Атина во 1990-тите.

Архитектот Вангелис Стилианидис и Ана Кафеци, основачки директор на Националниот музеј за современа уметност во Грција, на покривот на музејот во април 2013. Фото: Фотини Барка

Архитектот Вангелис Стилианидис и Ана Кафеци, основачки директор на Националниот музеј за современа уметност во Грција, на покривот на музејот во април 2013. Фото: Фотини Барка

Смела и бескомпромисна, оваа 60-годишна жена била движечката сила зад одлуката музејот да се смести во престижната, но напуштена зграда „Фикс“, именувана по пивото што некогаш се правело таму. Набргу по нејзиното именување, Кафеци, која користи инвалидска количка, бидејќи страда од болест на мускулите, била внесена во зградата и „окупирала” дел од приземјето, дури и без да бара одобрение.

„Немав ништо. Само една канцеларија во една делумно руинирана зграда. Уреден остров среде хаосот. Секој пат кога врнеше, срцето ќе почнеше да ми трепери, бидејќи таванот протекуваше и претставуваше закана за уметничките дела”, се сеќава таа со носталгија во нејзиниот приморски дом надвор од Атина. Ова не е изненадување, бидејќи оние груби почетоци биле всушност време на невиност. Кафеци немала поим што ќе следува.

Зградата, на неколку минути од Акропол, стоела напуштена и запуштена на авенијата „Андреа Сигру“ повеќе од две децении, како отворена рана во срцето на градот. Со своите долги, чисти линии и стаклени ѕидови на приземјето, бетонската зграда од 1957 година, пионерски потфат на архитектот Такис Зенетос била еден од најдобрите примери на повоената индустриска архитектура во Грција.

Зградата на пиварницата „Фикс“ од 1957, во своите најславни години. Половина од зградата подоцна бил срушен. Фото: Национален музеј за современа уметност

Зградата на пиварницата „Фикс“ од 1957, во своите најславни години. Половина од зградата подоцна бил срушен. Фото: Национален музеј за современа уметност

Со зграда во урнатини, без кадар и без своја колекција, отворањето на музејот се чинело како далечен сон. Но Кафеци била бестрашна. Таа веднаш почнала да изложува современа грчка и меѓународна уметност, создавајќи изложбен простор од 1.800 квадратни метри на приземјето.

Таа почнала да ја создава постојната колекција од нула и да организира едукативни програми. Колекцијата сега се состои од повеќе од 1.000 дела од грчки и странски уметници, меѓу кои Бил Виола, Мона Хатум, Волфганг Лајб, Кендел Геерс, Ширин Нешат, Гери Хил, Нан Голдин, и Спенсер Тјуник. Сепак, до денешен ден, таа никогаш не била изложена во целост.

Во 2003 година, музејот се отселил од зградата на „Фикс“ за да започне реконструкцијата. Следните 11 години, се селел од еден привремен простор во друг. Но, дури и овие времени изложби завршиле во декември 2014 година.

„Јас создадов музеј и ја собрав збирката на современа уметност. Покажав како невозможното може да биде можно. Како да се понуди нешто кога немаш ништо. Тој (музејот) не заслужува ваков крај”, вели Кафеци, поткревајќи го малку гласот.

Одлагање по одлагање

Реновирањето барем имало јасен почеток. Бил избран проектен менаџер, а архитектите, предводени од „3СК Стилианидис“, едно од најголемите архитектонски бироа во Атина, биле избрани по пат на меѓународен повик.

Потоа дошло одложувањето. Грција избрала нова влада во пролетта 2004 година, што довело до промена на кадарот на врвот на Министерството за култура. Биле потребни дополнителни 18 месеци за објавување на меѓународниот тендер за изведувач што ќе го изврши реновирањето.

Во јуни 2006 година, музејот го доделил договорот на „Биотер СА“, градежна компанија што во тоа време била одговорна за големи проекти, вклучувајќи го и анексот за приватниот Бенаки музеј во Атина. Таа ја доставила најниската понуда од 24,43 милиони евра што било 31 отсто под цената проценета од страна на менаџерот на проектот.

Следеле нови одложувања бидејќи друг понудувач, „Актор СА“, една од најголемите градежни фирми во Грција, и третиот по вредност понудувач на тендерот, поднел жалба против одлуката пред грчките судови и Европската комисија.

Нејзините аргументи биле отфрлени и, конечно, во јуни 2007 година, на свечена церемонија во зградата на „Фикс“ бил потпишан договорот со „Биотер“. Договорот предвидувал дека работата треба да биде завршена за две години – до јуни 2009 година.

Сиромашниот музеј со милиони евра

Но две години подоцна, помалку од 10 отсто од проектот бил завршен, според одборот на музејот. Тој го прогласил договорот за неважечки, што е многу ретка појава во грчкиот јавен сектор.

Кога „Биотер“ го добил договорот, доставил гарантни писма од разни банки, всушност, потврда од банките дека тие ќе плаќаат значителни износи доколку носителот на набавката не ја сработи својата работа.

Според тужбата поднесена од „Биотер“ со цел да се оспори одлуката на музејот, најголемите гаранции биле дадени од банката „Пиреус“, во вкупен износ од околу 9,16 милиони евра.

Овие средства биле префрлени на сметка на името на музејот, се вели во тужбата. На крајот од 2014 година, според официјални претставници на музејот, вкупниот износ на сите гаранции плус каматата биле повеќе од 13 милиони евра.

Но, музејот не ги допрел тие пари заради судскиот спор со „Биотер“. Компанијата тврди дека работела со загуби, бидејќи студијата на музејот за работата што треба да се заврши воопшто не соодветствувала со реалноста. На пример, во тужбата се вели дека неочекувано морало да се потрошат 14 месеци на расчистување азбест.

Во мај 2015 година, судот го одбил барањето на „Биотер“, но од компанијата се очекува да поднесе жалба до Врховниот суд.

Никос Калогерас, поранешен претседател на одборот на музејот, кој е и професор по архитектура, ја сумира иронијата на ситуацијата: „Ние имаме сиромашен музеј со милиони”.

Калогерас исто така изразува незадоволство од договорот што е доделен на компанијата која управува со проектот, „Хелинотекники СА“, кои немале фиксна цена.

Калогерас нагласува дека компанијата е добро квалификувана за извршување на работата, но додава дека „генерално надоместоците биле нејасни”.

Лина Мендони, поранешен висок функционер во Министерството за култура, која што е одблиску вклучена во музејската сага, го опишува договорот на „Хелинотекники“ како “срамотен”.

Фирмата, според Мендони, на државата и испраќа фактури за сите работи за кои вели дека се потребни, како дел од реновирањето.

„Има постојани барања. Многу е проблематично што договорот му дозволува на менаџерот на проектот, „Хелинотекники“, да бара екстра пари,” вели таа.

Од своја страна, „Хелинотекники“ за БИРН изјави дека договорот и забранува на фирмата да зборува за својата работа во музејот, но додаде: „Сите договори, вклучително и на нашата компанија, со ЕМСТ се одобрени од страна на сите правни лица на грчката држава (Грчкиот врховен суд за ревизии и сл.) и се целосно законски”.

Можат ли да го поправат тоа?

Во текот на годините, многу силни карактери се појавија во приказната на музејот. Еден од нив е Софија Стаику, член на управниот одбор од 2006 до 2014, која два пати била потпретседател, во времетраење од вкупно три години.

Стаику е на чело на културната фондација на банката „Пиреус“. Таа, исто така, е и сопругата на претседателот на банката, Мајкл Салас.

Некои поранешни членови на одборот и претставници на музејот сугерираат дека Стаику имала потенцијален конфликт на интереси, со оглед на правниот спор на музејот со „Биотер“ во врска со парите гарантирани од страна на „Пиреус“ и другите банки.

На судското сослушување во јануари 2010 година, претставник на банката „Пиреус“ бил на страната на „Биотер“ против музејот, истакнувајќи дека банката има правен интерес во случајот бидејќи ќе мора да плати доколку градежната фирма изгуби, стои во писменото решение на судот.

Запрашани за коментар во врска со случајот, од банката „Пиреус“ рекоа: „Банката не може да обезбеди информации за банкарските активности, бидејќи е обврзана со банкарската тајна”.

Стаику одби да биде интервјуирана за оваа сторија. Но Мендони, која имала два петгодишни мандати како генерален секретар на Министерството за култура, ги отфрла сите грижи во врска со нејзината улога.

„Сметам дека не постои морален проблем или конфликт овде. Господин Салас не ја поседува банката. Банката има акционери. Тој едноставно не прави како што сака, без оглед на г-ѓа Стаику”, вели Мендони.

„Мислам дека таа беше премногу активна во областа на уметноста, како претседател на фондацијата за култура на банката, за да се има сомневања во искреноста на нејзиниот интерес за грчките музеи”.

Стаику, сепак, отворено била во судир со другите членови на одборот на музејот.

Во октомври 2011 година, додека таа била заменик-претседател, објавила напис во весникот „Катимерини“ укажувајќи дека музејот треба да биде сместен во еден од неискористените објекти останати од Олимпијадата во 2004 година.

„Атина нема потреба од нови згради, туку и требаат отворени простори”, напишала таа.

Можеби многумина ќе се согласат со неа. Но нејзиниот предлог дошол кога поголемиот дел од одборот се обидувал повторно да го покрене проектот со зградата на „Фикс“ со нов изведувач.

Во овој случај, музејот продолжил по тој пат. Еден месец по нејзината интервенција, музејот потпишал нов договор за реновирање на зградата на пиварницата со „Актор СА“, компанијата која била на третото место во оригиналниот тендерски процес.

Овој пат, работата течела многу полесно и „Актор“ ја завршил својата задача до февруари 2014. Но, тоа не било крај на приказната.

Зградата е завршена, но не и музејот

Да се создаде функционален музеј на современа уметност потребна е обемна инфраструктура, од софистицирана техничка и аудио-визуелна опрема за изложбен простор од 7.000 квадратни метри до секојдневни работи како што е систем за билети.

Со оглед на тешката состојба со јавните финансии на Грција, државата вели дека не може да плати за оваа завршна фаза.

Решението се чинело дека било најдено кога Фондацијата „Ставрос Ниархос“, една од водечките филантропски организации во Грција, објавила во април 2014 година дека одобрила грант од 3 милиони евра за „итно завршување” на останатите работи.

Но, постоело и дополнување со мали букви. Фондацијата барала музејот да основа непрофитно тело на кое ќе му се префрли грантот, а државата морала да гарантира буџет за работа за првите три години на музејот и доволен број на вработени за да се овозможи неговата работа.

Овие барања придонеле за нови одложувања, спорови и бирократија. Одборот на музејот го заобиколил формирањето на непрофитното тело. Конечно ова било направено во април 2015 година.

Во однос на планот за вработените исто така имало конфузија. Постојат спротивни изјави за тоа кога и какви планови биле испратени, и од кого. Никос Ксидакис, министер за култура до крајот на август оваа година, изјави за БИРН во јули дека неговото министерство сѐ уште чекало да го добие планот, кој потоа ќе требало да биде одобрен од повеќе државни органи.

А потоа тука е и буџетот. Ксидакис признал дека би требало да се зголеми од околу 400.000 евра на милиони за да се овозможи отворање на музејот. Но, политичарите не се подготвени да дадат толкав износ за музеј во толку тешка финансиска клима.

Како последица на сите овие одложувања, Фондацијата Ставрос Ниархос објавила на 19 ноември, 2015 година, дека го повлекува грантот. Сегашниот директор на музејот Катерина Коскина се обидела да го минимизира значењето на овој потег, изјавувајќи дека музејот сѐ уште може да ги побара пари со поднесување на ново барање.

Но неизбежна е вистината дека е изгубено уште повеќе време.

Толку многу се има променето од основањето на музејот, што дури и нејзиниот основач и директор, Ана Кафеци, веќе не е на функција. Таа била отпуштена во ноември 2014 година, обвинета од страна на тогашната министерка дека не соработува со одборот на музејот. Таа одлука сега е предмет на уште еден спор, бидејќи Кафеци поднела жалба до Врховниот суд.

„Останува да се види дали изградбата на зградата на музејот ќе се покаже како полесна отколку отворањето на вистински музеј”, шепоти Кафеци додека ја напуштам нејзината куќа, по долгото интервју.

Таа застанува, се свртува кон мене и ми вели:.. „Сè во врска со овој музеј се случи на необичен начин. Сè. И постојано моравме да се справуваме со последиците. Арно ама, да не беше необичен, едноставно немаше воопшто да биде…”

Неволјата на белградскиот музеј: бескрајното одбројување

Музејот во Атина не е единствениот во регионот чии врати биле затворени многу подолго од очекуваното, поради проблематичниот проект за реновирање.

Музејот за современа уметност во Белград бил затворен во текот на летото 2007 година заради она што требало да биде кратко разубавување за да се вклопи во 21-от век. Но, останал затворен во изминатите осум години.

Модернистичката зграда, со триаголници и трапези истакнати на неговата фасада од бел мермер и стакло, стои во паркот во близина на устието на реките Сава и Дунав. Со месеци, електронски часовник од надворешната страна го одбројувал рокот до завршување на проектот – 20-ти октомври 2015 година, 50-годишниот јубилеј на музејот. Но, сите веќе однапред знаеле дека и овој рок, исто така, ќе биде пробиен.

Музејот за современа уметност во Белград во јули 2015 година, со дигиталниот часовник кој одбројува до уште еден пропуштен краен рок за завршување. Фото: Фотини Барка

Музејот за современа уметност во Белград во јули 2015 година, со дигиталниот часовник кој одбројува до уште еден пропуштен краен рок за завршување. Фото: Фотини Барка

Музејот бил дизајниран од страна на белградските архитекти Иван Антиќ и Иванка Распоповиќ. Иако привлекол остри критики уште во фазата на изградба (бил споредуван со штала или „колиба на нозе”), потоа станал најважно архитектонско дело на градот од тој период.

Самиот музеј одиграл голема улога во современата култура. Во своите сјајни денови, бил домаќин на изложби на Пикасо, Миро и Кле и послужил како платформа за промовирање на југословенската уметност на меѓународно ниво.

„Никој на Балканот немал ваков музеј со 5.500 квадратни метри изложбен простор за современа уметност”, изјавил со гордост извршниот директор на музејот Слободан Накарада.

Музејот има голема колекција на југословенската модерната уметност. Но, речиси сите 8.000 дела моментално се наоѓаат во трезорите на Народната банка на Србија.

Музејот почнал да пропаѓа за време на владеењето на Слободан Милошевиќ во 1990-тите. Неговиот режим ги криел несрпските уметнички дела во подрумот. Музејот престанал со изложби на странски уметници и бројката на негови посетители се намалила во просек на само двајца луѓе на ден. Претрпел сериозни оштетувања кога проектил на НАТО удрил во една зграда во непосредна близина за време на косовската војна во 1999 година. Веќе не било можно да се контролира температурата или влагата во галериите.

Конечно српската влада одвоила 8 милиони евра за реновирање, за кои било проценето дека ќе траат една година, се сеќава Накарада. До 2009 година, речиси една третина од планираните работи биле завршени. Биле поправени покривот и подрумот, а електричната трафостаница била преместена во посебна зграда. Вкупната цена била околу 2 милиони евра.

Но, одеднаш работата престанала. Министерството за култура објавило дека немале 6 милиони евра за остатокот од реновирањето. Ентериерите, фасадата и музејските објекти сѐ уште треба да се реновираат.

Влегов внатре во напуштената зграда во јули оваа година. Останата е само мрежа од тенки греди на таванот. Црно и црвено фантастично толкување на грчките митолошки суштества од некоја претходна изложба ги красеа ѕидовите. Впечаток беше дека на зградата и е потребно внимание, но ништо слично на масивното реновирање во Атина.

Празниот Музеј за современа уметност во Белград Фото: Фотини Барка

Празниот Музеј за современа уметност во Белград Фото: Фотини Барка

Пролонгираното губење на музејот е особено акутен бидејќи и едно од другите главни места во земјата за уметност, Националниот музеј на Србија, во изминатите 12 години се соочува со свои одлагања при процесот на реновирање.

Како и во Атина, членовите на сцената на современа уметност во Белград сметаат дека имаат низок приоритет кај јавните службеници кои се често фиксирани на античката историја и наследство.

„Визуелните уметности тука се сметаат како нешто проблематично, нешто што нема привлечност за пошироката јавност”, вели 39-годишниот уметник Иван Грубанов, кој неодамна се вратил од претставување на својата земја на Венециското биенале.

Политичарите ја обвиниле меѓународната економска криза за нивниот неуспех да најдат пари за да ја завршат работата.

Но, Бранислава Анѓелковиќ, директор на музејот во периодот 2001-2013, вели дека потребните пари се релативно мали.

„Трошоците за изградба на еден километар автопат е еднаква на завршувањето на Музејот за современата уметност”, вели таа.

„Тоа е прашање на приоритети, а не пари”, вели Бранислав Димитријевиќ, историчар на уметноста и поддржувач на музејот, кој, исто така, е и сопруг на Анѓелковиќ.

На крајот, поддржувачи на музејот нашле некој што ќе ги чуе во владата. Иван Тасовац, кој станал министер за култура во 2013 година, е повеќе ориентиран кон уметноста од повеќето политичари, бидејќи бил концертен пијанист и директор на оркестарот на белградската филхармонија.

Тасовац се борел да обезбеди финансирање за завршување на реновирањето и го поставил часовникот за одбројувањето за да покаже дека навистина го мисли тоа.

Но, како ехо на сагата во Атина, потоа дошол спорниот тендер. Три компании поднеле претставки, кои биле уважени.

Високи личности вклучени во проектот, меѓусебно се обвинувале дека се обидуваат да влијаат на тендерскиот процес за да ги зголемат своите економски интереси или интересите на нивните сојузници.

„Јас никогаш не бев популарна кај политичарите, бидејќи секогаш го повторував истото: тоа се наши пари, зделки не доаѓаат предвид,” вели Анѓелковиќ.

За проблемот да биде уште поголем, наследникот на Анѓелковиќ, како директор на музејот, Јован Деспотовиќ, бил скаран со извршниот директор Слободан Накарада.

Слободан Накарада, извршен директор на Музејот за современа уметност во Белград, пред едно уметничко дело. Фото: Саша Рељиќ

Слободан Накарада, извршен директор на Музејот за современа уметност во Белград, пред едно уметничко дело. Фото: Саша Рељиќ

Но, во септември 2015 година, Деспотовиќ бил разрешен и Накарада се согласил да ги работи и двете работни места. Сега, вели тој, ќе биде објавен нов тендер во 2016, со цел повторно да се отвори музејот во летото истата година.

Накарада предложил сега веќе нефункционалниот часовник за одбројување да стане дел од колекцијата на музејот.

Останува да се види дали новиот рок ќе заврши со успех. Ова лето, Накарада признал дека веќе згрешил во однос на едно предвидување: „Мислев дека музејскиот живот ќе биде досаден”.

И во Грција и во Србија во последниве години, тоа секако не е случај. Во оваа сага има речиси сè, вклучувајќи судири на личности, политички караници и судски расправии. Само неколку работи недостасуваа цело време: музеи што функционираат, отворени за јавноста].

Фотини Барка е фриленсер од Атина, која претходно работела во весникот „Елефтеротипија“. Овој текст беше објавен како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност (Balkan Fellowship for Journalistic Excellence), со поддршка одERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка со Balkan Investigative Reporting Network.