Истражувањa

Скопјани со најголема, а жителите на Демир Хисар со најмала здравствена заштита

Има градови без пунктови за заштита на деца и жени, а други без ниту еден болнички кревет

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Истражувањето на можностите за здравствена заштита покажува огромни разлики меѓу жителите на 30-те македонски градови. Кога станува збор за капацитетите што им стојат на располагање на жителите низ Македонија, воопшто не е сеедно дали живеете во главниот град, Скопје каде што има највисок степен на здравствена заштита или, на пример, во Демир Хисар, Берово, Свети Николе, Ресен и Виница, каде што жителите имаат најмали можности за здравствена заштита. Разликите се толкави што во Скопје, на пример, има 1 специјалист на 339 жители, а во Крушево дури на 3 182 жители.

Финалното рангирање, направено како композитен индекс од 21 различен индикатор за кои има расположливи податоци, ги зема предвид човечките и просторните капацитети што им стојат на располагање на жителите на тие градови, како на пример, клинички и општи болници, заводи за здравствена заштита, пунктови за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња.

Први на вкупната ранг-листа, очекувано, се градовите кои имаат клинички болници, меѓу кои, имајќи ги предвид и другите фактори, прв е Скопје, а по него следат Штип, Тетово и Битола.

Втората група градови се оние со општи болници и/или со центри за јавно здравје, а без клинички болници. Оваа група од 12 градови ја предводи Охрид, додека последна е Гевгелија.

На крајот е последната група градови што немаат ниту болници, ниту центри за јавно здравје. Во оваа група градови со најмала здравствена заштита на населението има 14 помали градови.

Имајќи ги предвид вкупно освоените бодови, пак, градовите можат да се распоредат во четири групи, при што жителите во градовите во рамките на една група имаат сличен степен на здравствена заштита. На дното се 14 градови со вкупно освоени до 20 бодови. Следната група се 6 градови со освоени од 20 до 40 бодови. Третата група се 7 градови со освоени од 40 до 60 бодови. На врвот се 3 градови со освоени меѓу 60 и 80 бодови.

Топ 10 градови според степенот на здравствена заштита

1. Скопје

Скопје има вкупен број бодови колку што имаат заедно петте последни рангирани градови / Фото: Роберт Атанасовски

Скопје има бодови колку што имаат заедно петте последни рангирани градови / Фото: Роберт Атанасовски

Жителите на главниот град уживаат најголеми можности за здравствена заштита. Скопје е единствениот град во земјата кој има и клинички и општи болници и центар за јавно здравје, што го издига на првото место на оваа ранг-листа.

Сепак, иако се наоѓа на првото место според вкупно освоените бодови, Скопје нема ниту едно прво место во поединечните групи на другите индикатори според кои е направено рангирањето. Ова најмногу се должи на големиот број жители во главниот град поради што многу индикатори, како што се број на кревети и медицински кадар, иако се во голем апсолутен број, сепак се сведуваат на мал број по жител.

Како и да е, Скопје стои многу добро според бројот на специјалисти по жител, а просечно во однос на кадарот во примарната здравствена заштита и на медицинските пунктови по жител. Најслабо, главниот град стои според постелниот фонд (кревети во болници и стационари) и според бројот на здравствените работници во секундарната здравствена заштита по жител.

Инаку, Скопје има вкупен број бодови колку што имаат заедно петте последни рангирани градови (Демир Хисар, Берово, Свети Николе, Ресен и Виница).

2. Штип

Штип / Фото: Роберт Атанасовски

Штип / Фото: Роберт Атанасовски

Штип е второрангиран на листата на градови според степенот на здравствена заштита што им е овозможена на неговите жители. Штип има освоено само нецел поен повеќе од треторангираното, Тетово. Штип има клиничка болница и центар за јавно здравје. Овој град стои добро според број на лекари, специјалисти и кревети по жител, но лошо според бројот на медицинските работници во секундарните установи. Некаде околу просекот е според кадарот во примарната здравствена заштита и според мрежите на медицински единици. Штип стои добро и според стапката на смртност на доенчиња. Воедно, Штип е и најдобро рангиран град во источниот регион, каде следно е Кочани на десеттото место.

3. Тетово

Штип / Фото: Роберт Атанасовски

Тетово / Фото: Роберт Атанасовски

Тетово има нецел поен помалку од Штип и е рангирано на третото место. И во Тетово има клиничка болница и центар за јавно здравје. Тетово има две најдобри потпозиции и тоа според мрежите на медицински единици, односно број на жители по пункт на здравствена заштита и според бројот на здравствени работници во секундарната здравствена заштита по жител. Од друга страна, Тетово стои лошо според број на кревети по жител, а просечно според бројноста на кадрот во прмарната здравствена заштита. Тетово е најдобро рангиран град во полошкиот регион. Следниот, Гостивар е рангиран на 13-то место. Со Тетово се затвора првата група градови со најмногу освоени бодови (меѓу 60 и 80).

4. Битола

Битола / Фото: Роберт Атанасовски

Битола / Фото: Роберт Атанасовски

Битола е на четвртото место според вкупните бодови, иако е најслабо рангирана од т.н. голема четворка градови во кои има клинички болници и ги држат првите четири места на вкупното рангирање. Битола е апсолутен лидер во земјата според достапноста на лекари, специјалисти, стоматолози и фармацевти по жител, но е последна според здравствени работници во секундарната здравствена заштита по жител. Добро стои според расположливоста на болнички кревети по жител, а просечно според бројот на жители по пункт на здравствена заштита.

Битола ја предводи втората група градови со освоени меѓу 40 и 60 бодови.

5. Охрид

Охрид / Фото: Роберт Атанасовски

Охрид / Фото: Роберт Атанасовски

Охрид, на петото место, е највисоко рангиран град на оваа листа од сите 26 градови што немаат клинички болници. Тој всушност заостанува зад Битола само со еден бод.

Охрид стои добро според кадарот (лекари и специјалисти) и кревети по жител, иако и според другите групи на индикатори, има просечна покриеност. Тука се мисли на мрежи на медицински пунктови, и на медицински кадар во примарната и во секундарната здравствена заштита. Меѓу подобрите градови е и според стапките на смртност (општа и на доенчиња).

Истовремено, Охрид е најдобро рангиран град во југозападниот регион, каде следно рангирани се Дебар и Струга на 11-то и 12-то место.

6. Куманово

Куманово / Фото: Роберт Атанасовски

Куманово / Фото: Роберт Атанасовски

Иако кумановскиот здравствен регион е трет според бројност на жители кои ги опфаќа, зад скопскиот и тетовскиот, сепак се наоѓа на, за него, високото шесто место. Куманово, како и Гостивар, иако како здравствени региони покриваат повеќе од 100 000 жители, сепак немаат клинички, туку само општи болници. Куманово има и центар за јавно здравје.

Куманово стои подобро во однос на мрежата на здравствени установи и на медицинскиот кадар по жител, а полошо во однос на постелниот фонд по жител. Тој е град со далеку помала стапка на смртност отколку републичкиот просек.

И Куманово е најдобро рангиран град во својот регион, североисточниот. Следниот град од овој регион, Крива Паланка е рангиран дури на 21-то место, од вкупно 30-те рангирани градови.

7. Струмица

Струмица / Фото: Роберт Атанасовски

Струмица / Фото: Роберт Атанасовски

И Струмица нема клиничка, туку само општа болница, но и центар за јавно здравје, а како здравствен регион покрива околу 100 000 жители. Подобри индикатори има во групите: лекарски и специјалистички кадар, здравствени работници во секундарната заштита и болничко-стационарни кревети по жител, отколку според мрежите на медицински единици по жител. Во однос на стапките на смртност, Струмица е некаде околу просекот.

Струмица е најдобро рангиран град во својот, југоисточен регион, каде следна е Гевгелија на 16-то место.

8. Прилеп

Прилеп / Фото: Роберт Атанасовски

Прилеп / Фото: Роберт Атанасовски

Прилеп, на осмото место, е вториот град од пелагонискиот регион по Битола, што се наоѓа меѓу 10-те најдобро рангирани градови. Ако се изземе Скопје, со тоа пелагонскиот регион е најдобро рангиран од сите региони.

Прилеп е само за нецел поен послабо рангиран од седмата, Струмица. Добро стои според лекарски и специјалистички кадар и медицински работници во секундарната заштита, но мошне слабо според постелниот финд и особено според бројноста на медицинскиот кадар во примарната здравствена заштита. Околу просекот е според мрежата на медицински установи, а малку полош од просекот е и според стапките на смртност.

9. Велес

Велес / Фото: Роберт Атанасовски

Велес / Фото: Роберт Атанасовски

Велес, на деветатат позиција има само еден поен помалку од Прилеп. Велес стои солидно според бројноста на лекари, специјалисти, стоматолози и фармацевти, како и расположливост на кревети. Од друга страна, при крајот е на листите е според бројоста на здравствените работници во примарната заштита и според расположивоста по жител на мрежите на медицински единици на сите нивоа (општа, претшколска и школска медицина, медицина на труд и заштита на жени).

Велес е најдобро рангиран град од вардарскиот регион. Следен од овој регион е Кавадарци на 14-то место.

10. Кочани

Кочани / Фото: Роберт Атанасовски

Кочани / Фото: Роберт Атанасовски

Кочани ја заокружува листата на десет најдобро рангирани градови, како втор град меѓу првите десет од источниот регион, покрај второрангираниот Штип. Исто така, Кочани ја заокружува и листата на градови со освоени повеќе од 40, од можни 100 поени. Воедно, источниот регион, заедно со пелагонискиот се единствените два региона што имаат по два града меѓу најдобрите десет рангирани.

Кочани остварува просечни вредности за речиси сите индикатори, освен за бројноста на мрежите на медицински единици по жител, каде е на претпоследното место. Исто така, значително под просекот е и во рангирањето според стапките на смртност на населението, особено таа на доенчиња.


Кликнете на ознаките за градовите за детали

20 градови со помалку од 40 бодови

Сите следно рангирани 20 од вкупно анализираните 30 градови или здравствени региони, имаат освоено максимум до 40 поени (од вкупно можни 100). Поточно, најдобро рангираниот меѓу нив Дебар на 11-то место има освоено 34 бодови, а последнорангираниот Демир Хисар има освоено 13 бодови.

Подобро рангирани од овие градови, покрај Дебар се Струга, Гостивар, Кавадарци, Кичево и Гевгелија, со кои се заокружува групата здравствени региони со освоени 30-34 бодови, што значи дека сите тие им пружаат сличен степен на здравствена заштита на своите жители.

Слична е состојбата и со 14 градови кои следат на листата, а кои всушност се најслабо рангирани. Тие имаат освоено меѓу 13 и 19 бодови, односно и жителите на овие градови имаат отприлика слична здравствена заштита. Како и да е, во сите овие најслабо рангирани здравствени региони каде жителите имаат значително помала здравствена заштита од останатите градови, живеат вкупно околу 250 000 луѓе.

Методолошки објаснувања и напомени
Истражувањето на степенот на здравствена заштита што им стои на располагање на жителите од 30-те македонски градови е направено со вкрстена анализа на 21 одделен индикатор. Изворните податоци, кои се земени од Институтот за јавно здравје на Република Македонија и кои дел се сведени по жител, ставени се во однос на просекот на ниво на држава, а потоа се индексирани, групирани и вкрстени со цел да се добие попрецизно рангирање на градовите.
Секој одделен индикатор има иста вредносна тежина во рамките на групата. Финалното рангирање на градовите е направено според композитен индекс составен од 2 главни групи индикатори. Првата е постоењето и бројот на здравствени установи од секундарна и терцијарна здравствена заштита, а втората се 18 индикатори распоредени во 6 подгрупи.
Рангирањето е направено врз основа на следниве индикатори:
  • Број на лекари по здравствени региони во РМ во 2014 – Број на жители на еден лекар;
  • Број на лекари по здравствени региони во РМ во 2014 – Број на жители на еден специјалист;
  • Број на стоматолози по здравствени региони во РМ во 2014 – Број на жители на еден стоматолог;
  • Број на фармацевти по здравствени региони во РМ во 2014 – Број на жители на еден фармацевт;
  • Постелен фонд во болничко-стационарните установи на 1000 жители во РМ во 2014;
  • Мрежа на медицински единици – Места пунктови во примарна и превентивна здравствена заштита по здравствени региони во РМ во 2014. Број на жители на една служба за општа медицина;
  • Мрежа на медицински единици – Места пунктови во примарна и превентивна здравствена заштита по здравствени региони во РМ во 2014. Број на жители на една служба за здравствена заштита на деца од 0-6 години;
  • Мрежа на медицински единици – Места пунктови во примарна и превентивна здравствена заштита по здравствени региони во РМ во 2014. Број на жители на една служба за здравствена заштита на училишни деца и младина;
  • Мрежа на медицински единици – Места пунктови во примарна и превентивна здравствена заштита по здравствени региони во РМ во 2014. Број на жители на една служба за здравствена заштита на жени;
  • Мрежа на медицински единици – Места пунктови во примарна и превентивна здравствена заштита по здравствени региони во РМ во 2014. Број на жители на една служба за медицина на трудот;
  • Број на жители на еден здравствен работник со висока стручна подготовка во примарна здравствена заштита во РМ во 2014 – лекар;
  • Број на жители на еден здравствен работник со висока стручна подготовка во примарна здравствена заштита во РМ во 2014 – стоматолог;
  • Број на жители на една патронажна сестра во РМ во 2014;
  • Здравствени работници во специјалистичко-консултативна дејност во секундарна здравствена заштита – Број на жители на еден лекар;
  • Здравствени работници во специјалистичко-консултативна дејност во секундарна здравствена заштита – Број на жители на еден специјалист;
  • Здравствени работници во специјалистичко-консултативна дејност во секундарна здравствена заштита – Здравствени работници со Виша и ССС на еден лекар;
  • Стапка на смртност според причини за смрт во РМ во 2014 – Вкупно Мт 100000;
  • Смртност на доенчиња во РМ во 2014 – Умрени доенчиња, Стапка на 1000 живородени;
  • Мрежа на здравствени установи во секундарната здравствена заштита – Клинички болници;
  • Мрежа на здравствени установи во секундарната здравствена заштита – Општи болници;
  • Мрежа на здравствени установи во секундарната здравствена заштита – Центри за јавно здравје;
Сите изворни податоци кои се влезени во обработката и врз основа на кои е направено истражувањето се последно расположливите податоци кои се однесуваат за 2014 година. 30-те градови се всушност здравствени региони, односно опфаќаат поголем број жители отколку самите градови.

Изворните податоци во вид на Excel датотека се достапни овде