Во строгиот центар на главниот град, во периметар помал од километар сѐ уште „зјаат“ карабините на неколку објекти што требало или да се подигнат или да се реновираат во она што народски се нарекува барок како дел од проектот „Скопје 2014“.
И покрај големите очекувања и скромните ветувања дека новата власт ќе се справи со контроверзниот проект и по заклучоците на Работната група за „Скопје 2014“, која, само за пример, ги прогласи речиси сите споменици за дивоградби, се чини дека власта „закочи“ по пресметките дека поевтино е ништо да не се прави, отколку да се руши или да се пренаменува.
Објектите од „Скопје 2014“ што ги градат приватници се соочуваат со други проблеми, меѓутоа и нивниот перформанс заедно со безидејноста и неодлучноста на власта придонесуваат центарот на градот и понатаму, години со ред да изгледа како градилиште, кое не се знае „на каде тера“.
Несудената „барокница“ пред ГТЦ
Неколку години, градежен работник не се качил по скелињата што сѐ уште се зацврстени за зградата на ЕВН, една од најрепрезентативните точки во центарот на Скопје. Ја извадија старата стаклена фасада, по која беше препознатлива кулата, и тука застанаа со работата оставајќи ја заштитната метална ограда долу на земјата.
Австриската ЕВН ја дели зградата со државното ЕЛЕМ – денес преименувано во препознатливото ЕСМ, Електрани на Северна Македонија.
Власта на ВМРО-ДПМНЕ ја замисли кулата како највисока барокна атракција и, согласно нејзината желба, тогашното ЕЛЕМ и австриската ЕВН најдоа изведувач. Фирмата што го изгради најголемиот дел од „Скопје 2014“, „Бетон“ требаше да ја преслече и оваа зграда во барокно-бело.
Интервенцијата почна во 2013 и новата фасада требаше да биде готова некаде во 2015 година, меѓутоа рокот се проби. По пожарот следната година и по промената на власта, се стопираше реновирањето и сопствениците на објектот, тогашното ЕЛЕМ и ЕВН, решија дека веќе не сакаат барок и се откажаа од кулата.
При крајот на 2018 ја дадоа на продажба, меѓутоа никој не сакаше да ја купи. Цената не се дозна, а од ЕВН денес тврдат дека една од причините зошто имало оглас е и „испитување на реалната цена “. Оттаму за БИРН велат дека нов оглас сѐ уште нема.
Иако зградата е половина на ЕВН и половина на поранешното ЕЛЕМ – а сега ЕСМ, австриската компанија таму користи само дел од приземјето како архива, додека ЕСМ сѐ уште е во објектот. Таму е дирекцијата на оваа државна компанија, и покрај тоа што ЕСМ има цела нова барокна зграда, изградена како дел од „Скопје 2014“ лоцирана спроти Старата железничка станица.
Од ЕСМ велат дека новиот објект нема соодветна документација зашто за време на градбата се правеле измени што не се внесувале во проектот.
„Зградата е градежно комплетирана, но не може да се употребува. Не може да се изврши технички прием“.
Новиот сѐ уште нефункционален објект, според потпишаните договори, ја чинеше државата околу 17 милиони евра.
Преговори за излупената „Пелагонија“
Триумфалната порта на скопскиот плоштад ја дели кулата на ЕВН од уште една „излупена“ зграда, на која, исто така, не се работи со години. Зградата на „Пелагонија“ е речиси во истата состојба како онаа на ЕВН. И околу неа сѐ уште стои металната ограда и веќе подолго време се гледаат белите градежни блокови што биле под оригиналната фасада.
Градот Скопје под капата на Коце Трајановски ја извади старата фасада со идеја да ја замени со барокна, како и повеќето згради на потегот по улицата кон Рекорд.
Се најде изведувач, меѓутоа договорот беше раскинат зашто рефасадирањето не се одвиваше според договорената динамика. Трајановски распиша нов тендер, меѓутоа неговиот наследник Петре Шилегов не го потпиша договорот.
„Раката да ми се исуши ако го потпишам“, рече Шилегов на стартот од мандатот и најави враќање на автентичниот изглед на зградата.
Со оглед дека сѐ уште нема решение, БИРН се обрати до градските власти.
„Градот разговара со сопствениците на објектот, со цел заемно надминување на состојбата“, велат од кабинетот на Шилегов.
Покрај фасадата на „Пелагонија“, Шилегов во наследство го доби и Панорамското тркало, кое го сведе на пешачки мост, кој, исто така, сѐ уште се гради.
Она што требаше да биде тркало од речиси 20 милиони евра, сега ќе биде висечки мост за пешаци. Сите четири бетонски столбови ќе се урнат и со тоа коритото на реката Вардар ќе биде ослободено.
„Градежните работи се во завршна фаза“, тврдат од градот.
На терен може да се види дека столбовите сѐ уште се во Вардар и проѕирната оградата не е поставена.
Крајната цена на мостот би била околу 13 милиони евра, од кои 10 ги исплатила претходната гарнитура на Коце Трајановски.
„Мериот 2“ тоне во судските лавиринти
На самиот плоштад, во линија со белиот хотел „Мериот“, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко сѐ уште ги гради Офицерскиот дом и деловната зграда, комплекс познат како „Мериот 2“ зашто и во него ќе има хотел од оваа позната светска франшиза.
Офицерскиот дом е доведен до карабина со поставени прозорци, а другиот сѐ уште не е подигнат до дозволената висина од 29 метри, таму штрчат челичните конструкции во висина. Сега нема работници и градежни активности и меѓу двата објекта надвиснува кран. Се гледа дека работата престанала при поставување на стиропорните фасадни блокови.
Двете згради, всушност, се последните од проектот „Скопје 2014“ што не се подигнати и, за разлика од другите објекти од овој потфат, тие уште на стартот беа замислени како инвестиција на приватници.
Според првичните најави, на Градот Скопје ќе му припадне делот од Офицерскиот што се наоѓа на вториот кат и официјално сопственик на тој простор ќе биде државата.
Таму треба да има влезен хол, матичар со архива и со служба, просторија за подготовка на младенците, голема сала за состаноци, три работни кабинети, од кои едниот за градоначалникот на Скопје, и сала за свечени приеми.
Од фирмата на Самсоненко „СИС-инвест“ за БИРН велат дека привремено е попречена градбата поради стечај, кој, како што тврдат тие, бил предизвикан од непостоечко побарување и чија цел била само да се нанесе штета.
Адвокатот на Самсоненко поднел кривична пријава за овој случај.
„Оставаме судот и обвинителството да ги завршат овие постапки, кои, за жал, се одвиваат со низа пропратни небулози и одолжувања“, тврди фирмата инвеститор.
Поради стечајот, Самсоненко не успеал да добие и кредит од Бугарија.
Офицерскиот дом е со рок за изградба до 2022, додека соседниот деловен комплекс до 2023 година.
„Мајка Тереза“ чека идеи
Уште едно градежно плашило оковано со скелиња и обраснато со треви и со грмушки е недоградената скулптурална композиција „Мајка Тереза“, која ја блокира самата улица меѓу „Мериот“ и градбите на Самсоненко. Подигната е само портата, на која зад скелињата може да се видат релјефи врз бела фасада.
Работната група за „Скопје 2014“, формирана од актуелната власт, заклучи дека и споменикот на „Мајка Тереза“ е дивоградба, меѓутоа владата одлучи да не се руши. Поевтино било да се пренамени.
Последната информација за неговата судбина е дека во февруари, Министерството за култура добило задача да објави конкурс на кој би се нашла идеја за пренамена.
Меѓутоа, конкурсот сѐ уште не е распишан. Од Министерството за култура, за БИРН велат дека тоа ќе го направат на почетокот од следната година.
Споменикот требаше да го гради Субрата Рој, меѓутоа откако пропаднаа неговите инвестиции во Македонија, објектот вреден околу пет милиони евра падна врз грбот на Министерството за култура.
Министерството за БИРН открива дека потрошило 2,9 милиони евра за она што досега е изградено.