Интервјуа

Скопје е град без визија

Интервју со архитектот Филип Конески

Градилиште од кое се наѕираат високите контури на зградите во градба. До градилиштето веќе изграден деловен центар со маркет на приземјето, а по него следува повторно градилиште со реклама дека на тоа место наскоро ќе никне нов голем трговски центар.

И тука некаде има мала постара зграда. Ако не ја знаете ќе ја одминете како неважен објект поклопен од новите облакодери и места за шопинг.

Таа зграда, изгубена меѓу големиот градежен потфат на инвеститорите на скопскиот булевар Свети Кирил и Методиј, е Старата железничка станица, симболот на Скопје, но и на земјотресот.

Односот кон објектот во кој е сместен и Музејот на град Скопје е само пример за тоа како „оние кои треба да имаат урбанистичка визија за градот, да ги спојат различните стилови и да му дадат нов изглед, не го прават тоа, туку сосема спротивното“, вели во разговорот за БИРН архитектот Филип Конески, основач на порталот посветен на македонската архитектура МАРХ.

„Како може градот да нема приоритет да ја заштити Старата железничка станица?“ | Фото: БИРН

Градот ја дочекува шеесет годишнината од земјотресот со збунет и хаотичен визуелен идентитет.

„На Скопје му недостига визија“, повеќе пати во разговорот нагласува нашиот соговорник.

Конески е еден од ентузијастите кои и кога се чини дека работите се излезени од контрола се обидуваат да кажат што е можното решение.

„Многу е тешко нешто да се смени. Нема да биде лесно. Но, мора да имаме идеја. Зошто би работеле што било ако немаме идеја за тоа кој е правецот по кој се движиме. Сега сме во ситуација на одвоени делувања“ вели Конески.

Клучниот момент за основање на порталот МАРХ, како што вели нашиот соговорник, се совпаѓа со поразот на отпорот кон проектот Скопје 2014 и прифаќањето на тековната масовна граѓанска култура, во чие место архитектурата е многу малку присутна, што го упатило на борба на долги стази преку масовна едукација и достапност на податоци за домашната архитектонска сцена.

„Треба да се едуцираат граѓаните за важноста на урбанизмот и архитектурата. Тоа е битка на долг рок, но само тоа е начинот да го подигнеме општото ниво на свесност за просторот околу нас“ вели Конески.

Не е точно дека не може да се интервенира на приватни парцели

Околу Старата железничка станица, симболот на Скопје и на земјотресот со години е градилиште | Фото: Васко Маглешов, БИРН

Со него разговараме на неколку дена пред одбележувањето на шеесет годишнината од скопскиот катастрофален земјотрес. За Скопје, за новите градби и старите маала, за некогаш и денес, за урбанистичкото планирањe…

„Има многу голем притисок од нехуманото градење и нормално е од другата страна да се појави нешто што оди во другата крајност- ништо да не се гради. Така доаѓаме до момент на борба меѓу фанатизми, што секако не е добро и далеку е од професионален став“.

Коментирајќи го урбанизмот во Скопје Конески вели дека е сплет на индивидуални интервенции односно „интервенции на различни сегменти од општеството под влијание доминантно на политиката, без визија за комплексниот организам наречен град“

Како последица на тоа градот се креира преку “политички агенди кои што градоначалниците се обидуваат да ги реализираат во четири годишен мандат и се поврзани со различни бизнис структури“.

„Денес ние се соочуваме со приватна сопственост и големата манипулација дека општините не може да проектираат ништо на приватни парцели .“

„Тоа не е точно, тоа е лажна слика“, дециден е Конески.

„Ние брзаме со чекори. Навикнати сме на создавање бизнис со кревање телефони на познаници, барање врски.. ние не знаеме да следиме постапка па дури и политичарите така менаџираат, па ако на странски инвеститор нешто му ветат, тоа е над се“

Тој вели дека кога станува збор за подрачја од јавен интерес, и како пример го наведува делот каде се зградите на Лимак, во непосредна близина на Старата железничка станица, Градот не смее да седи од страна и да дозволи приватниот интерес да биде решавачки фактор.

„Градот требаше прво да направи конкурс за архитектонско – урбанистичко решение, да го одбере најдоброто од пристигнатите трудови и потоа да направи тендер на кој ќе се јават заинтересирани бизнисмени да го реализираат тоа. Секако дека и за нив ќе имаше економска логика, без да се загуби градскиот и јавен интерес“.

Сега урбанистичката политика се води по принципот „ние повикуваме инвеститори и не размислуваме за јавното добро, па им оставаме на нив да си дозамислат и изградат се што сакаат“.

Тоа е така затоа што и општините се зависни од парите од комуналиите кои ги плаќаат инвеститорите, но „слободниот простор е ресурс кој што ќе се потроши, па прашањето е што од кога тој ресурс ќе се исцрпи, што ќе се прави следно?“

Во таа насока е и сугестијата дека „не треба да се бега од идејата и државата, наместо само да продава, да откупи приватни парцели кај кои постои голем јавен интерес или да понуди замена на парцелата од интерес со друга парцела каде ќе се дозволи градба“.

Неопходен е главен градски архитект

„Со проектот Скопје 2014 ги загрозивме слоевите од средниот век до модернизмот“ | Фото: БИРН

Во меѓувреме, во скопските населби атрактивни за градба граѓаните станаа своевидни експерти за читање „дупови“ и „гупови“ во страв дека утре пред прозорецот ќе почне да им никнува нова зграда.

А всушност проблемот не се решава преку читања на дупови, туку преку, она на што Конески постојано инсистира – долгорочна визија за градот или трака што ќе ја следат сите, независно од мандатите и локалните избори.

„Скопје е специфичен пример, имаме десетина општини и градот над нив со поделени ингеренции. Градот поседува сегменти и главната сообраќајна мрежа се останато помеѓу е сопственост на општините“

“Треба да се врати постапката на конкурс и за урбанистичкото планирање за граѓаните и стручната јавност да имаат увид во процесите, а потоа избраното решение да оди на тендер за доработка и преточување во урбанистички план“

И во таква ситуација тешко се вклопуваат визиите од „дуповите“ односно Деталните урбанистички планови кои ги носат општините со „гупот“, односно Генералниот урбанистички план кој го носи градот Скопје. Генералниот план и нема многу влијание во суштината на деталните планови, а урбанизмот мора да биде централизиран на Град Скопје“.

Конески инсистира дека е неопходно враќање на институцијата – главен градски архитект.

„Од кога се изгуби таа позиција почнаа многу работи да одат во погрешна насока, оти главниот градски архитект има слобода да коментира дури и за контекст, дали на некој објект треба да му се придаде значење или не…таа контрола се изгуби“

Немаме однос кон она што е изградено

„Баланс мора да постои- мора и да се гради, но мора и да се внимава“ | Фото: БИРН

Во меѓувреме скопјани живеат со години со недоградените и запуштените градби на милионскиот проект кој го спроведе поранешната владата на Никола Груевски.

Шест години откако тој ја изгуби власта на централно и локално ниво некои сегменти од проектот изгледаат како сами да се распаѓаат, како на пример зградите покрај кејот на Вардар, други се запуштени како плоштадот и споменикот Воин на коњ, а трети недовршени, како огромната зграда на ЕВН која излупена стои со години.

„Не е чисто, плочниците речиси сите се искршени, апсолутно не знаеме што правиме со заштитните столпчиња по улиците, изгледа запуштено..Видете ја Триумфалната капија. Околу неа има таксисти кои паркираат под неа, а партерот околу неа има десет различни материјали. Каде постои таков летаргичен однос?“ прашува Конески констатирајќи дека во последниве години неверојатно заборавено изгледа центарот на Скопје.

„Недозволиво е запуштањето на центарот на градот затоа што ние сме против Скопје 2014. Тоа не смее да се случи без разлика дали ви се допаѓа или не, оддржувањето и јавната хигиена не смеат да се мешаат со ставот за проектот“.