Регион

Следењето на ДБ „злоупотребено со цел Ќурувија да се убие“

Оперативците на службата за Државна безбедност (ДБ) на Србија, биле злоупотребени, со цел во 1999 година да се убие опозицискиот новинар Славко Ќурувија, рече пред Специјалниот суд во Белград, поранешниот началник на оваа служба, Горан Петровиќ.

Пишува: Вања Ѓуриќ, Белград

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“

Петровиќ, поранешен началник на ДБ, во петок, пред Специјалниот суд во Белград, изјави дека оперативците на ДБ, кои го следеле опозицискиот новинар, Славко Ќурувија, кој беше убиен во април 1999, во текот на надзорот не прекршиле никаков закон, и дека некој ги злоупотребил за да добие информации за движењето на новинарот.

„По убиството, луѓето што го следеа беа шокирани кога на вести слушнаа дека тие, всушност, учествувале во убиство“, рече Петровиќ.

„Ако некој сакал да знае кога Ќурувија ќе биде пред својот стан (каде што е убиен), за мене тоа е показател дека некој сака да го убие“, додаде тој.

Петровиќ не одговори прецизно на прашањето на одбраната, кој ги користел информациите на тимот за следење во врска со Ќурувија, кој беше критичар на Слободан Милошевиќ, што, како што верува семејството на Ќурувија и неговите колеги, било причина новинарот да биде убиен.

Петровиќ изјави дека во тоа време на чело на белградската канцеларија на ДБ бил Милан Радоњиќ, кој сакал да биде информиран за секојдневната рутина на новинарот.

„Ќурувија беше следен на нетипичен начин, бидејќи кога некого следите, не морате својот претпоставен од минута во минута да го информирате каде се наоѓа тоа лице. Никогаш во мојата 15 годишна кариера не сум слушнал за случај како овој“, објасни Петровиќ.

Додаде дека не знае кој го наредил и организирал убиството на Ќурувија, основач на весникот „Дневен телеграф“.

Според обвинението, во случајот Ќурувија, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на ДБ го поддржал злосторството, додека тројца припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.

Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.

Марковиќ моментно отслужува казна од 40 години затвор за убиство на поранешниот српски претседател Иван Стамболиќ и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ минатиот септември беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија.

Сопругата на Ќурувија, Бранка Прпа, која беше со него во времето на убиството, изјави дека во Ќурувија пукал Лука Пејовиќ, припадник на единицата за специјални операции на МВР Србија.

Пејовиќ беше убиен во Белград во 2000 година, а во понеделник ќе сведочи неговата сопруга Билјана.