Останато

Адвокатите на тројца обвинети за убиства во Ловас ја негирааа нивната вина

Во своите завршни зборови, изнесени пред Специјалниот суд во Белград, адвокатите на тројца поранешни српски борци, истакнаа дека обвинетите немаат командна одговорност за убиствата на 40 невооружени цивили, извршени во 1991 година, во хрватското село Ловас.

Пишува: Вања Ѓуриќ, Белград

Специјалниот суд во Белград. Фото: БИРН

Адвокатите на Милан Девчиќ, Жељко Крњајиќ и Миодраг Димитријевиќ пред Специјалниот суд во Белград во средата изјавија дека поради недостиг на докази, обвинетите треба да бидат ослободени од обвинението за убиства на хрватски цивили во Ловас, извршени во октомври 1991 година.

Според обвинението, Девчиќ бил полициски командир во Ловас, но неговата адвокатка, Бранкица Мајкиќ, рече дека нејзиниот клиент ова никогаш не го потврдил, како што не го потврдиле ниту поголемиот дел од сведоците на судењето.

Девчиќ е обвинет за притворање на цивили од Ловас, во две мали канцеларии во земјоделскиот центар во селото.

„Не постои доказ дека можел да одлучува за притворање на цивилите, бидејќи тој немал моќ да одлучува за такво нешто. Затворениците главно биле борци од Хрватска и за ова добивме потврда од Министерството за внатрешни работи на Хрватска, а што се однесува до условите во овие канцеларии, тие не биле нехигиенски и нехумани“, рече Мајкиќ.

Посочи дека Девчиќ не може да биде прогласен за виновен за дискриминаторско однесување, бидејќи тој не им наредил на затворениците да стават бели платна на своите куќу и бели ленти околу раката, за да се знае дека се Хрвати.

Додаде дека нејзиниот клиент не може да биде прогласен за виновен за тортура на цивили, бидејќи сведоците тоа не го потврдиле.

Девчиќ, заедно со уште девет други поранешни припадници на локалната територијална одбрана, на Југословенската народна армија (ЈНА) и на паравоената формација „Душан силни“, се обвинети за воени злосторства над цивили и убиство на 40 цивили, жители на хрватското село Ловас, на 10 октомври 1991 година.

Обвинетите беа осудени во 2012 година, но Апелацискиот суд на Србија, во 2014 година ја поништи пресудата и предметот го врати на повторно судење.

Во меѓувреме, 4 од обвинетите починаа. Се работи за Љубан Деветак, Драган Бачиќ, Александар Николаидис и Милан Радојчиќ.

Радоје Алексиќ, адвокат на Жељко Крњајиќ, исто така нагласи дека неговиот клиент нема командна одговорност, иако во обвинението се наведува дека тој бил командир на полициската станица во Товарник, мал град во близина на Ловас.

„Тој бил само обичен полицаец кој го заменил својот командир на 6 и на 8 октомври и никогаш повеќе“, објасни Алексиќ.

Негираше дека Крњајиќ на своите луѓе им наредил да отворат оган, да употребат експлозив и да ги запалат куќите во Ловас.

Негираше и дека неговиот клиент му се заканувал на селанецот Томислав Шелебај, буткајќи го со пиштол и пцуејќи го.

„Дури и ако му рекол дека е усташ, тоа не е кривично дело, бидејќи Шелебај самиот за себе велел дека се чувствува како усташ и пеел усташки песни“, рече Алексиќ.

Борис Зорко, адвокат на обвинетиот Димитријевиќ, кој во октомври 1991 година како офицер на ЈНА бил присутен во Ловас, изјави дека неговиот клиент не треба да биде осуден само затоа што бил присутен во селото во тоа време.

„Фактот дека тој бил офицер на ЈНА е ирелевантен и не може да биде доказ дека бил командант во Ловас. Доказите покажуваат дека Љубан Деветак (еден од починатите обвинети) бил личноста која давала наредби“, рече Зорко.

Другите адвокати своите завршни зборови ќе ги презентираат во четврток.

Инаку, обвинителството во март оваа година, побара, десетте обвинети да бидат осудени на вкупно 83 години затвор.