Регион

Случај Ивановиќ: Полицајци признале дека неадекватно постапувале со доказниот материјал

Филип Рудиќ, Бахрие Садику, Белград

Погребот на Оливер Ивановиќ во Белград. Фото: Милош Мишков/Бета

Двајцата полицајци, кои Основниот суд во Митровица, ги ослободи од притвор, признале дека не постапиле на адекватен начин со еден од доказите на местото на убиството на Ивановиќ, се наведува во записникот на судот.
 
Полицаецот идентификуван со иницијалите Ж.Ј., пред судот признал дека го направил она што го тврди обвинителството, но оти тоа го сторил „од незнаење и недволна обука, а не намерно“, при што истакнал дека искрено жали за својата постапка.
 
Според судскиот записник, адвокатот на другиот полицаец, идентификуван со иницијалите Д. М, пред судот изјавил дека неговиот клиент, од својот мобилен телефон, повикал брза помош, мислејќи дека на Ивановиќ му се слошило и дека тој не сфатил што всушност се случило.
 
За време на сослушувањето во Митровица во понеделникот, обвинителството изјави дека на снимките од камерите за надзор, кои истражителите ги погледнале, се гледа како полицаецот Ж.Ј., зема чаура од местото на убиството и ја става во џеб.
 
Според обвинителството, полицаецот Д. М. го видел ова, но не реагирал.
 
Обвинителството тврди дека полицајците, исто така, им дозволиле на минувачите да поминуваат на местото на кое на 16 јануари, беше убиен Ивановиќ.
 
Судот пресуди дека обвинителството веќе ги има сите докази од местото на злосторството, така што не постои стравување дека осомничените, кои беа ослободени од притвор во понеделникот, можеле да уништат некој доказ.
 
За потсетување, двајцата полицајци од северниот дел на Митровица, беа уапсени во саботата.
 
Ивановиќ беше лидер на политичката партија Слобода, демократија, правда, политички противник на партијата Српска листа, која има поддршка од Белград, а која е дел од косовската влада.
 
Ивановиќ неколку пати пред да биде убиен, изјавуваше дека тој и неговото семејство добиваат закани и дека побарал помош од Косово, од Србија, но и од други, но без никакви резултати.
 
Србија го прогласи неговото убиство за терористички чин и побара да учествува во пронаоѓање на сторителите.
 
Го сметаа за умерен политичар кој се залага за соживот меѓу српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.
 
Нему му се судеше во обновен судски процес по обвинението дека дал наредбата за убиство на Албанци во Митровица во 1999 година. Тој изјави дека не е виновен.