Регион

Реакции на опозицијата во Хрватска: Прашањата за минатото на Вучиќ, “забранети”

Свен Милекиќ, Загреб

Од прес-конференцијата на Вучиќ и Грабар-Китаровиќ. Фото: Бета/Хина/Даниел Касап/MO.

Некои пратеници од хрватската опозиција, упатија критики до хрватскиот државен врв, поради тоа што на новинарите им било речено, за време на прес-конференцијата одржана по средбата со претседателката, Колинда Грабар-Китаровиќ, на Вучиќ да не му поставуваат прашања во врска со неговата контроверзна реторика во војните во деведесеттите години.

Најгласен меѓу опозиционерите беше Бојан Главашевиќ, пратеник на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), кој ги цитираше извештаите на медиумите, во кои се наведува дека од кабинетот на претседателката, добиле конкретни инструкции, на Вучиќ да не му поставуваат прашања во врска со изјавата што тој ја дал во март 1995 година во хрватскиот град Глина.

Имено, кога во март 1995 година, го посетил хрватскиот град Глина, кој во тоа време бил под контрола на хрватските Срби, Вучиќ, на јавен собир, изјавил: „Никогаш повторно тука усташка власт нема да може да дојде”.

Неговиот тогашен четириминутен говор, во Хрватска се смета за националистички говор.

„Фактот дека токму хрватската претседателка им забранила на новинарите да го прашуваат Вучиќ за неговите подбуцнувачки говори, претставува понижување и плукање во лицето на секоја жртва на војната”, рече Главашевиќ во хрватскиот парламент.

Toj истакна дека „Хрватска е понижена” поради посетата на Вучиќ, бидејќи тој не дошол како пријател и „нема добри намери кон Хрватска”.

<
Александар Вучиќ во 1995 година

Таткото на Главашевиќ, радио новинарот Синиша Главашевиќ, бил убиен во ноември 1991 година, по падот на Вуковар во рацете на Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени единици.

Кога прв пат посетата на Вучиќ беше најавена, Главашевиќ го покрена прашањето за учеството на Веселин Шљиванчанин, поранешен офицер на ЈНА, кого Хашкиот трибунал го прогласи за одговорен за масакрот во Вуковар во 1991 година, како говорник на официјалните настани што ги организира партијата на Вучиќ, Српската напредна партија.

„Ова е човек кој и ден денес е пријател со правосилно осудениот вуковарски крвник, Веселин Шљиванчанин”, додаде Главашевиќ.

„Постои пат на помирување, но Вучиќ и Грабар-Китаровиќ не можат да нè водат по тој пат. Само добри луѓе можат да нѐ водат по тој пат“, заклучи Главашевиќ.

И Миро Буљ, пратеник на опозицискиот Мост, ја критикуваше посетата на Вучиќ. Изјави дека на Вучиќ, во понеделникот, додека одел кон зградата на хрватскиот парламент, му рекол да оди во Глина.

Вучиќ, во вторник, ја посети српската заедница во Вргинмост. Буљ додаде дека “треба да оди во Глина и да им се извини на граѓаните од српска националност”.

Потенцира оти Вучиќ, за време на војните во 90-тите години во поранешна Југославија, бил член на националистичката Српска радикална партија

Вучиќ, без да влезе во детали, накратко го спомна своето воено минато, во авторскиот текстот објавен во порталот Политико.

„Како млад човек во тоа време, не гледав што може да се добие со соработка, наспроти поделбата. Сега знам дека мојата земја плати висока цена за националистичките ексцеси“, пишува Вучиќ.

Во овој текст, тој повика на поблиска економска соработка меѓу земјите од регионот, односно, ги повика државите да „се фокусираат на она што нè поврзува”.

„Прашањата што нè обединуваат, се посилни од оние што нè делат”, заклучува Вучиќ.