Уште пред да почне судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, меѓу Јавното обвинителство и дел од адвокатите што ги бранат обвинетите се отвори жесток јавен судир.
Адвокатите го оценија обвинението како паушално и нејасно и со предвидување дека предметот ќе се суди маратонски. Обвинителството испрати писмо до Адвокатската комора, барајќи одбраната да се воздржи од јавни настапи додека не почне судењето. Оттаму, пак, возвратија дека барањето е обид за замолчување на бранителите.
Правната квалификација, бројот на обвинети и временскиот период за кој се однесува, го прави ова обвинение едно од најделикатните во поновата судска историја.
Токму тоа што сите обвинети се товарат дека со своето недејствување во период од 13 години директно се одговорни за пожарот во „Пулс“, предизвика реакции на дел од правната фела, која предупредува на ризикот да опстои обвинението.
За судењето да почне, судиите Моника Бахчовановска, Софче Гаврилова-Ефремова и Илија Трпков требаше да го поминат последниот правен филтер – решението за оценка на обвинението.
Скромно судиско образложение

Решение за оценка на обвинението | Фото: БИРН
БИРН дојде до оценката на судот за обвинението, која има 117 страници.
На 109 од нив се приговорите на обвинетите и нивните адвокати. Советот за оценка на обвинението не се впуштил во анализа на сите приговори поединечно. Оценил дека обвинетите ќе може да ја кажат нивната одбрана во судница.
Во кусото образложение, судиите се осврнуваат само на неколку, како оспорувањето на надлежноста на судот, прашањето за застареноста и вештачењето на Градежниот факултет. Таквите приговори ги отфрлаат како неосновани.
Над 30 адвокати, најмногу локални бранители од Кочани, ги застапуваат обвинетите. Меѓу бранителите има долгогодишни и искусни адвокати, кои застапувале обвинети во високопрофилни случаи.
Обвинителството го обвини и вистинскиот сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев. Обвинението за него се очекува да се припои со главниот предмет.
Ниту еден од обвинетите во оваа фаза од постапката не признал вина. Некои од адвокатите побарале судиите да закажат јавно рочиште на кое ќе се оценува обвинението. Но, тројцата судии одлучиле тоа да биде на затворена седница.
И додека Обвинителството тврди дека трагедијата е последица на долгогодишно верижно непостапување на повеќе институции, кои ги управувале поранешни министри, градоначалници и инспектори, најчесто повторуваниот приговор на обвинетите е дека обвинението е паушално и нејасно.
Спротивно на обвинителството, обвинетите сметаат дека не може за пожарот во дискотеката, во 2025 година да одговара некој што бил на функција десетина години порано.
Според многуте приговори, евидентно е дека обвинетите не гледаат вина кај себе. Обврската за постапување ја префрлаат или кај други обвинети, па и кај некои што се починати, или во немањето пријави или надлежности за постапување.
Сопственикот ја префрла вината на институциите и на бендот

Задниот дел од објектот | Фото: БИРН (октомври, 2025)
Првообвинетиот сопственик на дискотеката, Дејан Јованов го чека датумот за судењето во кумановскиот затвор. Неговата одбрана, вината за трагедијата ја префрла кон институциите, кои пропуштиле да го регулираат објектот. Дел од одговорноста, според приговорот што го поднел, лежи и кај бендот ДНК, затоа што не му пријавиле дека ќе користат пиротехника.
Адвокатката на Јованов објаснува дека тој не е ниту инженер, ниту архитект, туку „среднообразован електричар“, „чија желба да води угостителски објект ја доверил на институционалната служба – која очигледно не знаела стручно да работи.“
Идентичен е приговорот на неговиот син Михаил Јованов, кој одговорноста ја префрла кон други, како, на пример, кон покојниот Александар Карадакоски, кој се водел како управител на дискотеката. Меѓу доказите има пораки од Вибер со вокалистот на ДНК, Владимир Блажев – Панчо и Михаил, во кои, како што вели, пишува „кои сценски услови и материјали ги барале.“
Братот на Дејан Јованов, Тодор, преку неговиот адвокат се изјаснил дека нема ниеден доказ со кој ќе се потврди дека Тодор бил формално одговорен во фирмата на неговиот брат, како што тврди Обвинителството. Тодор продавал влезници во дискотеката, но тоа, според приговорот, е „работа што се извршува хонорарно за надоместок.“
Невидливите градежни интервенции

Залепени парчиња стиропор на стаклата од објектот | Фото: БИРН (октомври, 2025)
Огњан Георгиев е еден од тројцата општински градежни инспектори што се обвинети за овој случај. Тој објаснува дека не можел да го предвиди пожарот затоа што интервенциите во објектот „се вршени тајно, без притоа на кој било начин да биде известен градежниот инспектор, без оформено градилиште, па затоа градежниот инспектор, во вонредна контрола, не можел да утврди што се работи во објектот…“
Идентичен приговор стигнал и од колега, 63-годишниот Љупчо Стаменков: „Никогаш ниту бил во ноќниот клуб „Пулс“, ниту имал какво било сознание дека таму се наоѓа ноќен клуб.“
Тврди дека до Општина Кочани не стигнала пријава или поплака за градежните инженери да излезат на терен. Таква обврска за контрола немало во годишните програми за инспекциски надзор што ги донесува градоначалникот на Општината.
Во приговорот на нивниот колега Николчо Гоцев се вели дека општинските градежни инспектори, „никогаш не вршеле контрола на угостителски објекти во однос на нивната дејност и фактичка намена.“
Обвинетата локална архитектка Милка Едровска, во приговорот нагласува дека нејзиниот проект од 2012 година за дискотеката бил „само елаборат за сообраќајно решение, заштита при работа и заштита од пожари и опасни материи и не е поднесен во Општина Кочани, а не е проследен ниту до надлежните институции и органи, односно до Дирекцијата за заштита и спасување.“
Едровска ја потврдува тезата во обвинението дека во 2023 година, воопшто не излегла на терен пред да го изработи документот, туку му верувала на инвеститорот дека во објектот нема промени.
Во приговорот, обвинетиот пазарен инспектор Миле Ампов прашува „дали постои правно лице дискотека ‘Пулс’, за таа да биде предмет на инспекциски надзор“, алудирајќи на тоа што подружницата на дискотеката никогаш не била впишана во Централниот регистар.
За едни има, за други (да) нема одговорност

Главниот влез на дискотеката | Фoто: БИРН (октомври, 2025)
Спротивно на теоријата на случајот на Обвинителството, двајцата поранешни министри за економија и високи службеници во Министерството тврдат дека обвинението е логички и правно неосновано.
Па така, приговорот што до судот го поднела адвокатска канцеларија за поранешниот министер Ваљон Сараќини се потпира на прашањето, како е можно лиценците од 2012 и од 2013 да бидат поврзани со пожарот од 2025 година.
Последната лиценца што ја издал Сараќини била во 2013 година и важела една година, па адвокатскиот тим прашува како е можно Сараќини да одговара за измените во објектот што се правеле кога тој не бил министер.
Обвинението беше поднесено на 13 јуни, а оценето три и пол месеци подоцна.
Адвокатскиот тим прашува како е можно да не бидат обвинети и поранешните министри за економија „Беким Незири и Дритон Кучи“, „кои издале лиценци за вршење угостителска дејност на истиот правен субјект и за истата локација при непроменети услови во објектот и со иста согласност од МВР.“
Крешник Бектеши, во приговорот, нагласува дека сите инспекциски надзори што биле извршени над работењето на дискотеката покажале дека објектот ги исполнува сите услови, а кон тоа биле приложени согласностите на СВР Штип и елаборат за заштита од пожар.
Обвинетата државна секретарка Размена Чекиќ-Дуровиќ тврди дека „кога во пријавата за исполнување на минималните технички услови за вршење угостителска дејност е ставен печат на Државниот пазарен инспекторат Кочани, Министерството за економија нема никаква надлежност да врши контрола или да врши надзор над работењето на Државниот пазарен инспекторат или на објектот.“
Службеникот Џеваир Камбери, кој е еден од ретките што Обвинителството го товари и дека зел поткуп за лиценцата, во одбраната тврди дека парите што му биле дадени од Дејан Јованов, биле заем, „по склучен устен договор.“
Градоначалниците гледаат вина кај други, не кај себе

Поранешните градоначалници отфрлаат секаква одговорност | Фото: БИРН
Приговори на обвинението поднеле и поранешните градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов. Во нив стои дека било невозможно да знаат што правеле нивните претходници, а уште помалку нивните следбеници.
Димитровски навел дека е единствениот што реагирал и предупредил „за несоодветност на објектот согласно ДУП на Општина Кочани и за непостоење паркинг-места.“ Eкс градоначалникот приговара дека не можел да го спречи обвинетиот сопственик на дискотеката да уплати надоместок на општинската сметка.
Поранешниот градоначалник Илијев, пак, приговарал дека дискотеката работела повеќе од една година без лиценца и дека е апсурдно што е обвинет затоа што не им наредил на градежните инспектори да направат надзор.
„Не треба да постои општинска администрација, туку само единствено треба да има градоначалник“, кој, како што стои во приговорот, „ќе биде слуга и измеќар и ќе патролира по целата територија на Општината“, и „ќе ги известува останатите органи на државната управа што се случува“…
Последниот градоначалник на Кочани, Папазов смета дека спроведувањето на Деталниот урбанистички план е надлежност на градежните инспектори и дека дури и да имало план за заштита и спасување на објектот што постои 25 години, Општината нема законска обврска за тоа да ги извести надлежните институции.
Нафрлани законски одредби

Зградата каде што се наоѓаат кочанскиот суд и кочанското обвинителство кое го почна предметот | Фото: БИРН
За обвинението приговарале и обвинетите екс директори на Дирекцијата за заштита и спасување, ДЗС, Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џеват Селами.
Салиу приговара дека обвинението го изедначува него како директор со генералниот инспектор за заштита и спасување, кој имал надлежност да врши инспекциски надзор над објекти во државата.
„За постоење на работењето на објектот ‘Пулс’, ДЗС никогаш не била известена дека постои.“
Во Обвинителството за гонење организиран криминал се` уште се води истрага за триесетмина осомничени, меѓу кои, најголемиот дел полицајци.
Адвокатката на деветнаесеттообвинетиот, Аднан Џаферовски, наведува дека „никаде во обвинението не е наведено кој конкретен пропис го прекршил обвинетиот“ и дека директорот на ДЗС нема законска обврска лично да поставува или одржува противпожарна опрема во приватни угостителски објекти. Поранешниот директор Селами, тврди дека ниту Општина Кочани, ниту МВР, ниту пазарниот инспекторат не се обратиле до нив за проверка.
Сите овие приговори ќе може да се чујат во судница кога ќе почне судењето што ќе го водат судијката Диана Груевска-Илиевска, заедно со уште една судијка и тројца поротници.
Обвинителството уверува дека има доволно докази со кои ќе ја докаже вината на обвинетите. Бројот на обвинети и обемноста на доказите, пак, навестува дека ова ќе биде судење што ќе трае со години.
Се очекува судот да го закаже датумот за првото рочиште.