Истражувањa

Сомнителни јазични сертификати: Како функционерите го заобиколуваат системот

БИРН открива „креативни“ начини да се дојде до сертификат по англиски и двојни аршини во истрагите на обвинителството

Контроверзите околу сертификатот по англиски јазик на новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, фрлија ново светло на информациите дека со години при избор на директори се користат сертификати по странски јазик со сомнително потекло.

За да стане директор, тој достави ТОЕФЛ сертификат, кој го добил од бугарската фирма „Јулија“, која со години е неактивна. ДКСК бргу го отвори и го затвори предметот и жешкиот костен му го префрли на обвинителството, кое повеќе од три месеци истражува дали сертификатот е валиден.

Додека исходот на оваа истрага е неизвесен, БИРН открива различни недоследности околу законските правила за сертификатите, но и други „креативни“ начини за добивање потврди за положен испит, како и двојни обвинителски аршини за истраги за спорни јазични сертификати.

Во меѓувреме, власта крои законски измени, со кои ги брише имињата на сертификатите што се признаваат како валидни.

Добила сертификат, па се регистрирала да полага

Сертификатот на едната од двете осудени директорки | Фото: БИРН

„Честитки! Вие сте на чекор да ги постигнете вашите цели. Сега откако креиравте ЕТС сметка, следниот чекор на вашето патување ќе биде да се регистрирате за ТОЕФЛ-тест“.

Оваа автоматска компјутерска порака ја добила една од двете осудени директорки, која приложила фалсификуван сертификат ТОЕФЛ (Test of English as a Foreign Language) за познавање англиски јазик, во која БИРН имаше увид.

Пораката, за неколку секунди му стигнува на секој што ќе направи профил нa ЕТС, американска компанија што единствено во светот ги издава ТОЕФЛ сертификатите. Но, оваа порака е само почетокот на процесот. Потоа кандидатот треба да се регистрира и да полага во еден од центрите со кои ЕТС соработува.

Но, кандидатката за директорка на училиште поднела сертификат за положен испит со датум 3 декември 2022 година, додека, пак, електронската потврда дека се регистрирала на системот на ЕТС е од 6 декември 2022 година, односно три дена откако наводно полагала. Таа приложила и сертификат од бугарското јазично студио „Јулија“, на кое пишува дека посетувала подготвителен онлајн-курс во ноември, а тоа го приложила, заедно со ТОЕФЛ сертификатот, како доказ дека ги поседува сите квалификации за да стане директорка.

Призна вина, беше осудена и повеќе не е на функцијата.

Истата година, само девет месеци порано, сертификат од истото јазично студио „Јулија“ доби и новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

Тој тврди дека неговиот сертификат не е фалсификат. Антикорупционерите го префрлија испитувањето на валидноста на документот на скопското обвинителство.

Оттогаш поминаа три месеци. Државниот обвинител и шефот на скопското обвинителство, на јавните настапи оттогаш говорат исто – чекаат помош од Бугарија.

Доказ што (не) се бара

Копија на сертификат од македонски функционер добиен од јазичното студио Јулија | Фотo: БИРН

Додека случајот тоне во заборав, БИРН открива дека истражните органи, намерно или не, истрагата за директорките и за новиот директор на АНБ ја водат по различни патишта.

Го прашавме скопското обвинителство дали во предметот со двете директорки што приложија сертификат од истото бугарско студио и признаа вина, била побарана помош од Бугарија, како што веќе три месеци се бара за сертификатот на Христовски.

За тој случај, обвинителството не барало помош од Бугарија, затоа што полицијата „преку каналите за меѓународна полициска соработка ја проверило валидноста на исправите, за што достави и доказ во поднесената кривична пријава.“

Посебни безбедносни белези

На официјалната страница на ЕТС пишува дека TOЕФЛ има неколку безбедносни белези на печатените тестови. Тие вклучуваат „специјално мастило чувствително на топлина, кое, кога ќе се активира, ја потврдува автентичноста на извештајот, сребрена лента што оневозможува скенирање или фотокопирање на извештајот за резултатот“…

Каков е тој доказ што полицијата го приложила со кривичната пријава за директорките, од кој се гледа дека сертификатите од јазичното студио „Јулија“ се невалидни, не одговорија ниту од полицијата, ниту од обвинителството.

Нејасно е зошто МВР и обвинителството, и во овој случај преку САД, каде што е регистрирана фирмата, не ја прашаат компанијата издавач на сертификати, дали на Христовски му е издаден ваков документ, бидејќи сертификатите ги издава ЕТС, а јазичните центри само го спроведуваат испитот.

Според извор на БИРН, кој бил во контакт со предметот, токму на тој начин биле фатени во лага двете директорки. Во нивниот случај, МВР добило одговор од ЕТС дека ги нема имињата на двете директорки во нивниот систем.

На прашање до обвинителството дали побарале одговори од компанијата, прецизен одговор не добивме. Само беше повторено дека се чека соработка од Бугарија, па откако ќе добијат одговор, ќе одлучуваат што понатаму.

Во јавните настапи на обвинителите засега нема одговор на прашањето дали пуштиле ургенција до бугарските власти, а нема одговор и дали е побарана помош преку агенцијата на Европската Унија за соработка во правосудството (Еуроџаст).

ДКСК ги штити личните податоци и истрагата за Христовски

Антикорупционерите не ни дадоа увид во јазичниот сертификат на Христовски | Фото: БИРН

БИРН побара копија и увид во сертификатот за познавање странски јазик во предметот што против директорот на АНБ го водеше Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

Комисијата, по 20 дена чекање, не ни даде увид во сертификатот, со образложение дека ќе му се повредат личните податоци.

Предметот за Хрстовски е затворен и архивиран. Иако ДКСК досега дозволувало увиди во завршени предмети, во случајов се правдаат дека скопското обвинителство води предистрага. Сметаат дека тоа ќе ја наруши постапката што ја води друга институција.

И додека обвинителството чека помош, а ДКСК не дозволува увид, сите досегашни наоди на медиумите отвораат прашања околу валидноста на сертификатот на Христовски.

360 Степени објави наоди, според кои, фирмата „Јулија“, од каде што е добиен сертификатот, нема деловна активност во бугарскиот регистар од 2017 година, а документот на Христовски е од 2022 година.

Рано е да се каже дали предистрагата за Христовски ќе ја доживее судбината на предметот од 2016 година, кога 41 кандидат за судии и обвинители беа пријавени дека приложиле фалсификувани сертификати по англиски јазик.

Дури во декември 2023 година, по шест години, обвинителството го затвори случајот. Се чекаше одговор од Велика Британија, од каде што ги сертифицираат центрите за полагање англиски јазик. Повеќепати барале, но не добиле одговор дали сертификатите што биле издадени во Албанија се веродостојни.

Образложението што БИРН го доби од обвинителството е дека кандидатите „полагале во испитен центар во Тирана, Албанија“, но во времето на полагањето и на добивањето на сертификатот „погрешно сметале дека е испитен центар, кој претставува овластен тестатор за испитот Булатс.“

Од обвинителството велат дека настанот „е без штетни последици“. Со тоа случајот е затворен. Јавноста никогаш не дозна дали некој од кандидатите за судии и обвинители, кој во меѓувреме се јавил на новите конкурси, е избран и дели правда.

Нечитливи копии и „креативно полагање“

Функционери наместо сите, полагале по два дела англиски јазик | Фото: БИРН

Меѓу сертификатите за познавање странски јазик, БИРН пронајде уште еден, на државен функционер, кој е добиен од јазичното студио „Јулија“ од Бугарија. Сертификатот е на поранешен директор на скопска Дрисла.

На копијата, која е со речиси нечитлива содржина, најлесно видливи се името на кандидатот и насловот што е напишан на средина „ТОЕФЛ тест за подготовка“. Директорот приложил и ТОЕФЛ сертификат, која наликува на оригиналот, но, и копијата, и фотографијата не се доволно читливи.

Јазичен сертификат на функционер | Фото: БИРН

Покрај тоа, кандидати за функции нашле и друг „креативен“ начин за полагање.

Сите што полагале меѓународно признат испит по странски јазик, знаат дека треба да полагаат четири вештини: слушање, читање, говорење и пишување. За секој од овие делови добиваат посебна оценка, а на крајот просечна од сите четири.

Но, некои функционери, наместо сите делови, во обидот прекутрупа да дојдат до меѓународен сертификат, полагале по желба.

БИРН, од Владата, доби копии од неколку сертификати за познавање англиски јазик на поранешни и актуелни функционери.

Актуелниот директор на Царина, Бобан Николовски, во април 2023 полагал во Центарот за странски јазици Скопје, единствениот сертифициран центар за полагање на испитот АПТИС во Македонија. Но, не ги полагал сите четири дела, туку само два: слушање и читање. Во кусиот телефонски разговор, кога го прашавме зошто ги полагал само двата дела, а не и сите четири за да добие единствена оценка, одговори со прашањето: „A каде пишува дека сите делови треба да ги имам?“

Иако законските одредби не дефинираат експлицитно дека испитот се смета за положен ако се полагаат сите четири дела, професорите по англиски јазик се децидни дека сертификатот се смета дека е добиен кога ќе се положат сите делови и ќе се добие единствена средна оценка. „На тој начин се вреднува целокупното познавање на јазикот“, ни рече професорка по англиски јазик, која побара да остане анонимна.

Од Центарот за странски јазици, за БИРН, велат дека „кандидатите сами одбираат и се пријавуваат за полагање онлајн на нашата веб-страница“. Не можат да им наложат на кандидатите да ги полагаат сите делови.

Нема систем за проверка

Уште во 2021 година, ДКСК, во одлука по пријава за лажен сертификат за директор на Центарот за социјална работа, забележува дека „не е воспоставен јасен систем за контрола, надзор и верификација на веродостојноста на сертификатите за познавање странски јазици стекнати во странство.“

И поранешен директор на Државниот завод за индустриска сопственост полагал само слушање и читање, за што добил сертификат во 2018 година.

Oд Центарот за странски јазици, за БИРН, потврдуваат дека од октомври 2023 година, на овие сертификати има бар-код и oттогаш лесно може да се провери валидноста на тестовите.

Дополнителна нелогичност во некои од законските одредби за поседување сертификат е тоа што налага дека документот не треба да биде постар од пет години, иако и овие сертификати, како ТОЕФЛ, на пример, се валидни две години, па ако кандидатот полагал пред повеќе од две години, не може да се смета дека има валиден сертификат.

И додека полицијата и обвинителството истражуваат дали има и други фалш сертификати низ институциите, новите директори избираат начини за побрзо да дојдат до сертификат, власта предлага законски измени, според кои, нема да се бара изречно меѓународен сертификат од ТОЕФЛ, ИЕЛТС, АПТИС или од другите.

Таков е, на пример, предложениот закон за инспекциски надзор.

Во него, имињата на меѓународните признати сертификати се бришат, а во новото законско решение пишува дека е потребен: „меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање англиски јазик.“

Оваа пракса ја има и за други предложени закони, како што е Законот за внатрешни работи.