Назиф Мехмети, поранешен командант на воената полиција во Лапската зоната на ОВК, во вторникот и во средата во Приштина, беше сослушан како осомничено лице од страна на обвинителите за воени злосторства од Хаг, изјави за БИРН неговиот адвокат.
Адвокатот, Тахир Рецај, одби да даде повеќе детали за сослушувањето на неговиот клиент од страна на Специјализираното обвинителство, кое води истраги за воените и повоените злосторства во Косово.
„Можам само да кажам дека е сослушан за периодот од 10, 11 октомври 1998 година, до крајот на војната, кога беше командант на воената полиција во Лапската зона“, рече Рецај.
Претходно овој месец, во Хаг на разговор со Специјализираното обвинителство, отпатуваа двајца високи членови на ОВК, Рустем Мустафа и Сами Луштаку, додека разговорот со Мехмети беше воден во Косово.
Сепак, Рецај истакна дека „ова нема правно значење“ и сугерираше дека намерата можеби била да заштедат пари.
Мехмети веќе еднаш е осуден за воени злосторства. Имено, косовскиот суд, во 2013 година, го осуди на три години затвор за воени злосторства извршени над цивилното население, заедно со Мустафа и Латиф Гаши.
Апелацискиот суд потоа им ги потврди пресудите на сите тројца, кои се познати како Лапска група.
Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Хаг. Нивна задача е да спроведат истраги и да ги гонат осомничените за злосторства извршени за време и по војната 1998-2000 година во Косово.
Се очекува, пред овој таканаречен специјален суд, да бидат обвинети високи личности на ОВК, за наводни злосторства поврзани со убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство.