Регион

Косово:Сулејман Селими ослободен од затвор

Дие Морина, Аделина Ахмети, Приштина

Косовски Албанци, држат фотографија на поранешниот командант на ОВК, Сулејман Селими, на протестите во Приштина, во 2015 година. Фото: KALLXO.com

Поранешниот командант на ОВК, Сулејман Селими, денеска беше условно ослободен, изјави директорот на косовските затвори, Нехат Тачи.

Ослободувањето на Селими го поздрави претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, лидер на Демократската партија на Косово, ПДК.

„Вистината може да доцни, но секогаш победува. Сулејман Селими е синоним за вистината на ОВК. ДОБРЕДОЈДОВТЕ КОМАНДАНТЕ!“, напиша Весели на Фејсбук.

По ослободувањето, Селими, до 30 октомври 2020 година, ќе биде под назор на Одборот за условни ослободувања.

Селими беше прогласен за виновен за мачење на цивилен затвореник, во импровизираниот затвор на ОВК, во селото Ликовац, општина Србица, во 1998 и во почетокот на 1999 година.

Во мај 2015 година, Основниот суд во Митровица, го осуди на осум години, но Апелацискиот суд во октомври 2016 година, му ја намали казната на седум години затвор.

Селими беше припадник на „Дреничката група“ на ОВК, од која, по војната, произлегоа многу политички водачи на Косово, меѓу кои и актуелниот претседател, Хашим Тачи.

И други тројца припадници на „Дреничката група“, Јахир Демаку, Зекир Демаку и Исни Тачи, беа осудени за мачење на цивили во притворниот центар во Ликовац.

Во јуни 2018 година, Уставниот суд на Косово донесе одлука според која Врховниот суд мора да го преиспита случајот „Дреничка група“.

По војната, Селими беше именуван за командант на Националната гарда на Косово, а потоа за командант на Косовскиот заштитен корпус.

Подоцна беше назначен за командант на Косовските безбедносни сили. На оваа функција остана до 2011 година, кога беше именуван за амбасадор во Тирана.