Регион

Специјалниот суд му го продолжи притворот на Салих Мустафа

Салих Мустафа Фото: ССК/Скриншот.

Судија на Специјализираните совети на Косово (ССК), формирани да им судат на поранешните припадници на ОВК за воени и повоени злосторства, вчера донесе одлука, Салих Мустафа да остане во притворот во Холандија.

Одбивајќи го барањето на одбраната за ослободување на Мустафа, судијата Никола Гуи истакна дека постои ризик осомничениот да избега.

Судијата додаде дека неодамнешното откривање на доказите од страна на обвинителството, на одбраната, „ги зголемува мотивите на г. Мустафа да побегне, бидејќи ја расветлува сериозноста на обвинувањата и ја прави поконкретна можноста за осуда и за можно изрекување на подолга казна“.

Тој, исто така, ги наведе „врските на Мустафа со косовскиот разузнавачки апарат со ефективен пристап до информациите и ресурсите и можноста за слободно патување во земјите што не бараат виза“, како причини за сомневање дека тој може да избега.

Гуи изрази загриженост дека Мустафа може да влијае врз сведоците, со оглед на тоа дека е запознаен со доказите.

Тој објасни дека „ограниченото време и географскиот обем на случајот ќе го олесни процесот на идентификување и влијание врз жртвите и сведоците, особено на искусен разузнавач како што е г. Мустафа“.

Тој додаде дека постои ризик Мустафа да изврши нови злосторства, бидејќи во јуни 1999 година, на прес-конференција, тој јавно се пофалил со егзекуција на Срби.

Мустафа, во војната познат како командант Кали, беше уапсен на Косово во септември 2020 година и оттогаш е во притвор.

Тој е обвинет за убиство, тортура и нехуман третман.

Според обвинението, Мустафа, заедно со припадниците на ОВК, познати под прекарите Табути, Илми Вела, Бими, Дардани и Африми, незаконски притворил најмалку шест лица на имот во селото Злаш, во април 1999 година, за време на војната во Косово.

Уапсените биле приведени во штала на имотот и биле подложени на суров третман и тортура, со цел од нив да се извлечат информации или изјави, се наведува во обвинението.

Мустафа е обвинет и за учество во убиство на еден од притворените, при што се наведува дека тој бил присутен на имотот во Злаш, кога припадниците на ОВК го претепале и убиле затвореникот.

За време на неговото прво појавување пред судот во октомври, Мустафа се изјасни за невин.