Регион

Милановиќ напушти воена свеченост, поради фашистички обележја

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Зоран Милановиќ Фото:https://www.predsjednik.hr/

Милановиќ, не присуствуваше на свеченото одбележување на годишнината од воената операција „Масленица“, во Задар, бидејќи некои од учесниците носеа симболи на усташкото движење.

Од неговиот кабинет соопштија дека Милановиќ го повикал премиерот, Андреј Пленковиќ, и го предупредил дека тоа е „неприфатливо“.

„Бидејќи подоцна беше утврдено дека и во официјалниот протокол на одбележувањето, учествуваат лица што на себе носат усташки обележја и поздрав, претседателот на Републиката го откажа учеството во програмата“, се вели во соопштението.

По наредба на претседателот, после првиот дел од свеченоста, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Република Хрватска, адмирал Роберт Храњ, и сите воени команданти, се повлекоа од свеченоста.

Милановиќ одлуката ја донесе откако беше забележано дека на одбележувањето присуствуваат и воени ветерани на десничарските паравоени Хрватски одбранбени сили (ХОС), познати по тоа што носат црни униформи со амблем на кој е испишан усташкиот поздрав, „За дом спремни“.

За време на Втората светска војна, усташите беа сојузници на нацистите и усвоија расистички закони против Србите, Евреите и Ромите.

Воени ветерани на десничарските паравоени Хрватски одбранбени сили (ХОС), Фото: Twitter TV N1

Во 2018 година, Советот за справување со последиците од владеењето на недемократските режими, објави дека властите треба да им дозволат на некои воени ветерани од 90-тите години, да го користат слоганот „За дом спремни“, во исклучителни ситуации и под строги услови. Сепак, организациите за човекови права сметаат дека употребата на овој поздрав е неприфатлив во какви било околности.

Министерот за одбрана, Марио Баножиќ, денеска за медиумите изјави дека луѓето со усташки обележја, не требало да присуствуваат на церемонијата. Првиот човек на Задарскиот округ, Божидар Лонгин, ги потврди зборовите на министерот, сугерирајќи дека тие дошле самоиницијативно.

Сепак, Анте Бараба Кнез, од здружението ХОС Задар, за медиумите изјави дека добиле официјална покана од Задарскиот округ.

„Господинот претседател, ако не е достоен да дојде меѓу бранителите и да им оддаде почит на жртвите на ‘Масленица’ и на другите воено-полициски акции, тој не мора да дојде“, изјави Бараба Кнез.

За време на операцијата „Масленица“, хрватските сили, во 1993 година, вратија некои територии во заднината на Далмација, кои беа под контрола на бунтовничките Срби од Хрватска, од 1991 година.

Минатата година, Милановиќ ја напушти свеченоста со која се одбележуваше годишнината од воената операција „Блесок“, спроведена во 1995 година, поради присуството на луѓе облечени во маици со амблемот на ХОС.