Регион

Србија: Демонстрантите организираат прошетка во знак на сеќавање на Ѓинѓиќ

Убиениот српски премиер Зоран Џинѓиќ

Организаторите на протестите во Србија, кои под слоганот „1 од 5 милиони” се одржуваат секоја недела, најавија комеморативна прошетка, по повод годишнината од убиството на поранешниот српски либерален премиер, Зоран Ѓинѓиќ. Некои од блиските соработници на поранешниот премиер велат дека граѓаните кои ќе учестуваат во прошетката, ќе ги бранат идеите на Ѓинѓиќ.

Ѓинѓиќ беше еден од основачите на центристичката и прозападна Демократска партија, која го предводеше бунтот против авторитарниот режим на Слободан Милошевиќ, во октомври 2000 година.

Тој стана премиер во 2001 година и одигра клучна улога во апсењето и екстрадицијата на Милошевиќ во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), за да се соочи со обвиненијата за воени злосторства. Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година во Белград.

Зад решетки поради убиство на премиерот

Милорад Улемек Легија, поранешен командант на Единицата за специјални операции, ЕСО, на Mинистерството за внатрешни работи на Србија, беше прогласен за виновен за заговор и организирање на групата што го изврши убиството на Ѓинѓиќ.

Звездан Јовановиќ, кој во времето на атентатот беше активен член на единицата, беше прогласен за виновен за убиство на премиерот, во кого пукал од огнено оружје.

И двајцата моментално се наоѓаат на издржување на 40-годишните затворски казни, на кои беа осудени.

Беше утврдено дека припадниците на ЕСО го испланирале убиството со помош на Земунскиот клан, организирана криминална банда. Политичката заднина на убиството, сепак, и денес не е разјаснета.

Зоран Живковиќ, кој го наследи Ѓинѓиќ на местото премиер, инаку актуелен шеф на опозициската Нова партија, за БИРН изјави дека сегашното протестно движење, има право да се сеќава на Ѓинѓиќ.

„Веќе 14 седмици граѓаните протестираат во Белград и во другите градови, против режимот (против владејачката Напредна партија), за нормална Србија која ќе биде дел од ЕУ и со надеж за подобра Србија. Тие имаат право да ја одбележат годишнината од убиството на Ѓинѓиќ”, нагласи тој.

Живковиќ додаде дека тој и неговите партиски колеги ќе ѝ се приклучат на комеморативната прошетка, бидејќи таа е дел од „борбата за идеите на Зоран Ѓинѓиќ од 2000 година”.

Организаторите на протестот „1 од 5 милиони”, во понеделник најавија оти комеморативната прошетка за Ѓинѓиќ ќе се одржи под слоганот: „Ако денес не успееме, единствената причина за тоа ќе бидеме ние самите”, што е една од познатите реченици на Ѓинѓиќ.

„На 12 март ќе се сетиме на сѐ што загубивме и сè што можевме да имаме, во едно нормално демократско општество”, изјавија организаторите, повикувајќи ги граѓаните да ги остават дома свирчињата што обично ги носат на протестите и да донесат цвеќиња или свеќи.

Прошетката ќе започне од Студентскиот плоштад во центарот на Белград во 18.00 часот, од каде што секоја сабота, почнувајќи од 8 декември, почнуваат протестите, а ќе заврши пред зградата на Владата.

Еден од блиските соработници на Ѓинѓиќ, социологот, Весна Пешиќ, се согласува со Живковиќ дека е добра идејата, граѓаните кои протестираат против владата, да му оддадат почит на Ѓинѓиќ.

„Не гледам ништо спорно тука”, вели Пешиќ за БИРН.

Партиите кои неформално стојат зад протестите, собрани во Сојузот за Србија, вклучувајќи ја и Демократската партија, ги повикаа граѓаните да присуствуваат на настанот.

Сепак, Либерално демократската партија (ЛДП), која во изминатите години беше еден од организаторите на комеморациите на Ѓинѓиќ, останува при својата стара традиција.

Таа ги покани граѓаните на прошетка што во 11.00 часот започнува кај седиштето на партијата. ЛДП е една од ретките опозициски партии што не го поддржуваат протестот „1 од 5 милиони”.

Ова е главно поради тоа што ЛДП го осудува учеството на проруските и на ултрадесничарските партии во протестите.