Регион

Да се испита „говорот на омраза“ на собирот на четниците

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Собир на четниците во Вишеград. Фото: fokus.ba

До обвинителите на БиХ беше упатен повик, да покренат истрага, во врска со вчерашниот собир на членовите на Равногорското четничко движење, во босанскиот град Вишеград, кои беа облечени во црни униформи и, како што беше наведено, пееле националистички провокативни песни.

Новинската агенција АФП објави дека четниците во неделата биле снимени како ја пеат песната „Повторно ќе биде пекол и крвава Дрина“. Вишеград, кој се наоѓа на реката Дрина, беше место на воени злосторства, кои Србите ги извршија над Бошњаците во 1992 година.

Министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ, денеска изјави дека неговото министерство ќе поднесе извештај до Обвинителството на БиХ, за вчерашниот собир на четниците.

„Договорот е дека ќе ги документираме сите настани. Особено од стојалиште на испраќање на одредени пораки и за сè она што вчера беше чуено во Вишеград. Потоа, за тоа, во следните неколку дена, ќе доставиме извештај до обвинителството“, рече Мектиќ на прес-конференција.

„Но, факт е дека обвинителството мора да донесе одлука, дали ќе започне истрага за целиот овој случај или не“, додаде тој.

Овој собир се одржува секоја година и со него се одбележува денот кога во 1946 година, комунистичките власти го фатиле водачот на четничкото движење, Драгољуб Дража Михаиловиќ, чии сили за време на Втората светска војна, извршија воени злосторства и други кривични дела, вклучително и злосторства над Бошњаците во регионот на Вишеград.

Адвокатот и поранешен судија, Василија Видовиќ, за БИРН изјави дека обвинителството треба да започне истрага, бидејќи на собирот е извршено кривично дело.

„Ова што се случува во Вишеград од година во година, и што кулминира оваа година, сигурно дека претставува кривично дело – предизвикување на верска и национална омраза, во најмала рака, јасен е говорот на омраза“, вели Видовиќ.

„Не станува збор само за собир, ниту пак за мирен собир, туку видовме најцрни фашистички пораки, насочени кон предизвикување не само на национална омраза, туку и на нетрпеливост и страв кај локалното население, кај повратниците и, на крај, и кај локалното население од православна вероисповед, кое нема исти фашистички идеи“, додава таа.

Кривичното дело, поттикнување на верска и национална омраза, постои во кривичниот закон на Република Српска, ентитетот во кој се наоѓа Вишеград, како и во кривичниот закон на БиХ.

Американската амбасада во Сараево го осуди вчерашниот собир и ги повика властите во БиХ да реагираат.

„Ние сме вџашени од извештаите за заканите и националистичката реторика за време на денешните настани во Вишеград. Ваквото однесување е неприфатливо“, објави Амбасадата на САД на Твитер.

„Очекуваме од надлежните институции да ги преземат сите неопходни чекори, да се справат со овие закани и да повикаат на одговорност“, стои во објавата на Амбасадата на САД.

Претседателот на Советот на министри, Денис Звиздиќ, во неделата изјави дека собирот ги вратил сеќавањата на деведесеттите години, кога „четничката идеологија, расизмот и хегемонизмот биле основа на бруталната агресија (на БиХ)“, објави Н1 телевизија.

Душан Сладојевиќ, еден од организаторите, застана во одбрана на четничкиот собир, велејќи дека тие се собираат во чест на Дража Михаиловиќ, кого тој го опиша како „човек кој го посветил својот живот на слободата на српскиот народ, на развојот на демократијата и на одбраната на татковината од фашистичките агресори“, објави Ал Џезира.