Регион

Србија ги игнорира проблемите на војниците

Маја Живановиќ, Белград

На 29 март пред Собранието на Србија се случи инцидент. Фото: Раде Мароевиќ.

Нискиот животен стандард на војниците, посттрауматскиот стрес и немањето закон за воени ветерани, се причина за страдањето и инцидентите, како оној што се случи во четвртокот, кога војник се закани дека ќе изврши самоубиство пред српскиот Парламент, велат за БИРН од Воениот синдикат и Здружението на учесници во конфликтот на територијата на поранешна Југославија (Здружението на ветерани).

„Во многу наши соопштенија, предупредувавме дека ова сѐ почесто ќе се случува“, вели Новица Антиќ, претседател на Воениот синдикат на Србија.

„Припадниците кои што се бореа во војните, сега се чувствуваат напуштени, разочарани и отфрлени“, предупреди Антиќ.

Тој додава дека повеќе од 75 отсто од војниците имаат потпросечна заработка и дека многу од нив се во „долгови“, бидејќи плаќаат кредити.

Медиумите во Србија објавија дека во четвртокот пред Собранието, војник се заканувал дека ќе се самоубие.

Во извештаите се наведува дека војникот имал пиштол и рачна бомба. По разговорот со полицијата, тој се предал.

На 29 март пред Собранието на Србија се случи инцидент. Фото: Бета

Антиќ истакнува дека повеќе од 80 отсто од војниците се воени ветерани.

„За три години имавме три обиди за самоубиство и едно самоубиство“, додаде тој.

Телото на еден војник, во понеделникот наутро, беше пронајдено во неговиот стан во Ниш.

Иако нема официјална потврда, медиумите во Србија објавија дека се работи за самоубиство.

Во јули 2016 година, мајор се закани дека ќе се самозапали пред Министерството за одбрана на Србија. Откако му беше ветено дека ќе се разговара за неговиот случај, тој се врати дома.

Во март 2016 година, во касарната во Зајечар, еден војник се самоуби, пукајќи си во главата.

Еден месец претходно, член на специјалните антитерористички единици на српското Министерство за внатрешни работи, се самоуби на должност во Белград.

Во октомври 2016 година, пензиониран војник се закани дека ќе се разнесе со бомба пред зградата на Владата во Србија.

Тој потоа беше уапсен, а полицијата објави дека причина за заканата биле „лични проблеми“ на војникот.

Во мај 2017 година, во Лозница, уште еден војник изврши самоубиство, скокајќи во реката Дунав. Медиумите објавија дека војникот го сторил тоа поради долгови.

Претседателот на Здружението на ветерани, Жељко Вукелиќ, за БИРН изјави дека оваа организација има четири психолози кои им помагаат на ветераните.

„Имаме групни, но и индивидуални сесии, бидејќи многумина се срамат да признаат дека имаат проблеми“, објаснува Вукелиќ.

Тој додава дека од пет ветерани, кои волонтираат секој ден во ова здружение, кај тројца е дијагностициран ПТСП.

„Ова е многу честа појава, а државата не инвестира ништо во решавањето на ова прашање“, додава тој.

Вукелиќ сугерира дека во повеќето случаи, семејното насилство во кое е вклучен ветеран, е предизвикано од ПТСП.

„Иницијална искра е обично некоја мала работа, секојдневен настан кој го буди она најлошото во личноста“, нагласува тој.

Вукелиќ се согласува дека на Србија и е итно потребен закон за ветерани и додава дека неговото здружение во сабота ќе го претстави својот предлог закон.

„Потоа, ќе почнеме со собирање на 30.000 потписи за поддршка, за да можеме да го ставиме (на дневен ред) на српскиот парламент“, истакна тој.

За прашањата за кои е покрената петиција, за да бидат ставени на дневен ред на Собранието, потребни се 30.000 потписи.