Регион

Србија и Хрватска ги занемаруваат спомениците посветени на Втората светска војна

Спомениците изградени во чест на жртвите од Втората светска војна во Србија и во Хрватска, често се занемаруваат, некои од нив и намерно, велат најновите податоци на Центарот за истражување и едукација за холокаустот.

Филип Рудиќ, Белград

Споменикот во Делиблато во Србија Фото: Никола Радиќ Лукати, Центар за истражување и едукација за холокаустот

Голем број локации кои што во Втората светска војна во Југославија беа места за масовна егзекуција, се занемарени или необележани, се вели во последното истражување на Сојузот на еврејските заедници во Србија, Центарот за истражување и едукација за холокаустот и на Одделот за културни студии при Филозофскиот факултет во Риека.

„Во Србија има локации кои не се означени, локации кои се означени но напуштени и локации на кои и денес се одржуваат комеморации”, вели Милован Писари од Центарот за истражување и едукација за холокаустот.

„Во Хрватска, ситуацијата е поинаква – локациите не само што се заборавени, туку се и избришани од сеќавањето”, додава тој.

Овие три организации од Србија и од Хрватска, ги одбележаа местата на кои биле извршени злосторства во првата фаза од холокаустот во Југославија, од мај до август 1941 година.

Во тоа време, на 12 локации во Србија беа убиени околу 7.000 Евреи и 2.000 Роми, а на три локации во Хрватска егзекутирани 20.000 Срби и 2.000 Евреи.

Писари за БИРН нагласува дека овие три локации во Хрватска, Јадовно, Паг и Госпиќ, „намерно се игнорираат”, заради злосторствата што на овие места ги извршила Независната Држава Хрватска (НДХ).

„Колегите што беа на терен, велат дека ситуацијата е катастрофална. Тие не можеле да го најдат споменикот во Јадовно, но и спомениците на други места. Талкале низ шумата три часа“, информира тој.

Островот Паг го посетуваат пливачи, кои понекогаш наоѓаат делови од жицата која служела како ограда, не знаејќи дека тоа е дел од оградата на логорот кој се наоѓал таму, нагласува Писари.

„Замислете, луѓето пливаат на прекрасна плажа, во убаво море, покрај остатоци од логорот и покрај местото за масовна егзекуција”, додава тој.

Како што истакна, во Србија, на некои локации, и денес се одржуваат комеморации, но само на местата на кои нацистичките сили и нивните сојузници, убивале Срби.

Спомен-парковите во белградската населба Јајинци и во Крагуевац се одржуваат, но местата каде што се извршени воени злосторства над Евреите и Ромите, се заборавени.

Во белградското предградие Бежанија, каде што се убиени Евреи, спомен-плочата е скршена, а локацијата е тешко достапна, вели Писари.

Спомен-плоча што се наоѓаше на местото на некогашниот логор Топовски шупи е тргната и “нема ниту трага” која би укажала дека на ова место се наоѓал првиот логор за Евреите и Ромите во Белград, додава тој.

„Постоеја споменици и тие се одржуваа, но тоа веќе не се прави. Мојот впечаток е дека единствено местата на кои што Србите биле погубени, сѐ уште се чуваат“, заклучува тој.

Објавено и на Балканска транзициска правда