Поради ситуацијата со корона вирусот во земјата, Србија беше принудена да ја откаже голема комеморација планирана за 5 август во Белград, со која се одбележува четвртина век од операцијата на хрватската војска, „Бура“, поради која околу 200 000 Срби беа принудени да ја напуштат Хрватска.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека наместо масовен настан во Белград, ќе се подигне спомен-обележје во Сремска Рача, преку која конвојот на српски бегалци влезе во Србија во август 1995 година.
„Ќе го одбележиме, како и секоја година, но без присуство на голем број луѓе, таму каде за прв пат го направивме тоа заедно во 2015 година, на преминот Рача, каде ќе поставиме спомен-обележје“, изјави денеска Вучиќ за медиумите.
Со операцијата „Бура“, хрватската војска и полиција, на 4 август 1995 година, ја вратија територијата што неколку години претходно ја окупираа бунтовничките Срби, на која прогласија своја држава, Република Српска Краина (РСК).
Кога ХВ повторно влезе на оваа територија, околу 200.000 Срби, во долг конвој од трактори, автобуси и автомобили, избегаа во босанскиот ентитет, Република Српска, и во Србија.
Вучиќ најави дека ќе се гради и спомен-парк во Сремска Рача, „заедно со Република Српска – ние ќе финансираме 95, а Република Српска 5 одсто“.
„Ќе направиме најголем спомен-парк, за никогаш да не се заборави злосторството на најголемото етничко чистење по Втората светска војна“, нагласи Вучиќ.
Од 2015, српските власти секоја година ја одбележуваат годишнината од „Бура“ со големи комеморации и говори во повеќе градови или општини, каде претежно се населија Србите од Хрватска, кога дојдоа во Србија.
И оваа година беше планиран голем настан во Белград, на плоштадот Република, но поради епидемијата на корона вирусот, од средината на јули се забранети собири со повеќе од 10 лица.