Регион

Косовскиот амбасадор сослушан во Хаг

Седиштето на Специјализираните совети во Хаг. Фото: Европол

Амбасадорот на Косово во Северна Македонија, Ѓерѓ Дедај, соопшти дека Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) со седиште во Хаг, го контактирало за можен разговор во врска со војната во Косово.

Тој рече дека веќе сведочел пред оваа институција во врска со поранешните несогласувања што ги имал со Ослободителната војска на Косово (ОВК).

„Веќе сум сослушан како сведок“, рече Дедај во средата за косовскиот јавен сервис, РТК.

Али Ахмети, лидер на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и припадник на ОВК за време на војната во Косово, на 23-ти јули изјави дека го прифатил барањето на СОК за разговор.

Специјализираните обвинители во Хаг, почнувајќи на 13 јули, четири дена го сослушуваа косовскиот претседател, Хашим Тачи, кој беше политички водач на ОВК за време на војната 1998-1999 година.  „Лесно можат да заклучат дека не сум сторил никакви воени злосторства“, им изјави Тачи на медиумите на 17 јули, по завршувањето на разговорите со обвинителите.

На 24 јуни СОК објави дека до Специјализираните совети на Косово (ССК) поднело обвинение од десет точки, со кое Тачи, лидерот на ПДК Кадри Весели, и други личности, се товарат за низа злосторства против човештвото и за воени злосторства, кои вклучуваат убиства, присилно исчезнување, прогон и мачење.

Дедај, кој со години вршеше функции на заменик министер во неколку министерства, беше назначен за амбасадор во Северна Македонија во октомври 2018 година.

„Тоа несогласување (со ОВК) е затворено и решено“, рече Дедај за РТК, тврдејќи дека „им го објаснил ова на Специјализираните совети“.

Дедај додаде дека обвинителите не го прашувале за наводните политички убиства, но оти го прашале дали нему некој му се заканувал и дали ќе им биде на располагање ако биде повикан на уште еден разговор.

„Им реков дека секогаш сум подготвен, затоа што и Косово и ОВК се чисти“, истакна Дедај, додавајќи дека ОВК била „сојузник на НАТО“ за време на косовскиот конфликт во 90-тите. „Ние сме жртви … Чест ми е да сведочам за чистата борба на ОВК“, нагласи тој.

Дедај додаде дека смета оти неодамна засилената активност на СОК е „нечовечна“ и дека тоа е одраз на „руско-српски (притисок) и тенденција на политичкиот суд да ги изедначи српските злосторства и жртвите на Косово“.

Патем, 12 членови на неговото семејство биле убиени за време на војната во Косово, поради што, како што истакна, тој останува решен да го присили ССК да ги „открие злосторствата и српскиот геноцид на Косово“.