Неколку стотици националисти и екстремни десничари вечерва се обидоа да го запрат отворањето на фестивалот „Мердита, добар ден!“, Но големото присуство на полицијата ги спречи да се приближат до Центарот за културна деконтаминација во Белград, каде се одржува овој настан.
Учесниците од Косово пристигнаа под полициска придружба во Центарот за културна деконтаминација, каде во рамките на фестивалот ќе бидат претставени филмови, изложби и театарски претстави од Косово, со цел да се придонесе за обновување на односите меѓу Србите и Албанците од Косово.
Демонстрантите пред полицискиот кордон извикуваа „Косово е Србија“, додека некои екстремисти извикуваа: „Убиј, заколи, Шиптар (погрдно име за Албанците), да не постои“.
Меѓу демонстрантите беа и Миша Вациќ, водачот на Српска десница и Милица Ѓурѓевиќ, водач на Заветници, обете десничарски организации.
„Нашата порака е дека СНП (Српската напредна партија) е одговорна за одржување на фестивалот „Мердита“. Не станува збор за уметници од Косово, Мердита е политички проект“, изјави Ѓурѓевиќ за телевизијата Н1.
Програмата на фестивалот накратко беше прекината кога десничар кој успеа да помине низ полицискиот кордон излезе на сцената, го зеде микрофонот и се обиде да даде изјава, но полицијата го отстрани.
Фестивалот „Мердита, добар ден!“, има за цел да промовира толеранција и соработка меѓу луѓето од Србија и од Косово.
Фиона Јелиќи од Младинската иницијатива за човекови права, која е еден од организаторите на фестивалот, на свеченото отворање изјави дека демонстрантите се противници на мирот.
„За жал, годините минуваат, а истото сценарио се повторува“, рече Јелиќи.
„Од другата страна на кордонот што нè штити, се најжестоките противници на помирувањето и нормализацијата на односите“, истакна таа.
Секоја година, десничарите се обидуваат да го спречат фестивалот „Мердита, добар ден!“, што се одржува од 2014 година, во организација на Младинската иницијатива за човекови права, Граѓанската иницијатива од Белград и Интегра од Приштина.