Регион

Косово и Србија „договорија нацрт-спогодба за исчезнатите лица“

Ибрахим Маколи, претставник за прашањето за исчезнатите лица на косовскиот преговарачки тим, кој учествува во дијалогот со Србија, што, под покровителство на ЕУ, се одржува во Брисел, денеска соопшти дека е осигурана нацрт-спогодба за исчезнатите лица, што ќе биде дел од конечниот договор за нормализирање на односите меѓу двете земји.

На состанокот на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Косово, Маколи нагласи дека се договорени три главни точки, со цел да се обезбеди пронаоѓање на исчезнатите.

Тоа се „формирање на заедничка комисија, постоење на механизам задолжен за решавање на прашањето за исчезнати лица и неограничен пристап до архивите кои се однесуваат на прашањето за исчезнатите лица“.

„Сето ова има временски рок и целиот процес мора да биде завршен за 18 месеци, доколку биде постигнат конечен договор (за нормализирање на односите)“, додаде Маколи.

Работата на заедничката комисија ќе ја надгледува ЕУ, истакна тој.

Над 1.600 луѓе, претежно Албанци, но и Срби, сè уште се водат како исчезнати во војната на Косово.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, минатиот месец изјави дека Белград и Приштина, за време на разговорите во Брисел, постигнале напредок врзано за соработката околу прашањето за исчезнатите и раселените лица.

Србија и Косово, исто така, потпишаа одделни договори со САД минатиот месец, обврзувајќи се, меѓу другото, „да ги забрзаат напорите за пронаоѓање и идентификување на посмртните останки на исчезнатите лица“.

Во јули, Косово и Србија, исто така, побараа една од друга, да бидат отворени доверливите воени архиви, за да се откријат локациите на масовните гробници.

Сепак, Србија класифицираше некои од своите воени архиви како државна тајна, додека Косово тврди дека Ослободителната војска на Косово, како герилска организација, воопшто немала воен архив.