Речиси по една и пол година без главен обвинител за воени злосторства, српската влада предложи двајца кандидати, пред кои се наоѓаат големи предизвици, бидејќи Белград и натаму е под притисок да ги интензивира гонењата.
Владата на Србија, на својата седница одржана во четврток, на чело на Обвинителството за воени злосторства, формирано во 2003 година, со цел да ги гони злосторствата извршени за време на војната во 90-тите во поранешна Југославија, предложи двајца кандидати: Снежана Станојковиќ и Милан Петровиќ.
Овој предлог на Владата ќе биде доставен до Собранието на конечно гласање, но точниот датум на изјаснување по предлоѕите, сѐ уште не е утврден.
Петровиќ во моментов е вршител на должноста прв човек на Обвинителството за воени злосторства, во кое Станојковиќ работи како обвинител.
Државниот совет на обвинители, институција надлежна за предлагање на кандидатите за обвинители, во октомври ѝ предложи на Владата тројца кандидати – Станојковиќ, Петровиќ и Дејан Терзиќ. Сепак, во следните шест месеци, не беше донесена никаква одлука, поради што оваа витална институција, остана во вакуум.
Србија нема главен обвинител за воени злосторства од декември 2015 година, поради што некои независни тела, организации за човекови права, но и Европската унија, во својот годишен извештај за напредокот на оваа држава во процесот на придружување, ѝ упатија критики.
Набљудувачите веруваат дека ова дополнително ѝ нанесе штета на и така кревката институција, која се соочува со недостиг на поддршка и ресурси и која во последните неколку години е под политички притисок.
Бројот на обвинети за воени злосторства со години е веќе мал. Во 2014 година беа подигнати само четири обвиненија, во 2015 немаше обвиненија, а во 2016 година осум – вклучувајќи го и првиот случај што Србија го иницира во врска со воените злосторства во Сребреница, додека другите се однесуваа на помали злосторства со по еден обвинет.
Веќе три години, не е покренато ниту едно обвинение поврзано со злосторствата во Косово.
Обвинителите, за прв пат, не отидоа ниту на регионалните средби со нивните колеги од другите земји од поранешна Југославија, кои се во насока на зајакнување на прекуграничната соработка, која е клучна за гонење на осомничените лица кои живеат во другите држави.
Притисок и закани
Владимир Вукчевиќ, поранешен и досега единствен главен обвинител за воени злосторства на Србија, го водеше обвинителството од неговото формирање во 2003 година, па сѐ до 2015 година.
Но, многумина тврдеа дека неговото обвинителство не е вистински независно и дека ги процесуира осомничените злосторници, според агендата на Владата.
Дел од критичарите, го обвинуваа Вукчевиќ дека нема доволно храброст да подигне обвиненија против Срби, а други пак, дека им нанел штета на националните интереси, бидејќи обвинувал само Срби.
Таблоидите често ги нарекува обвинителот и неговите советници „предавници“, кои примаат наредби од странски амбасади.
Ваквите квалификации се најдоа и на насловните страници на таблоидите, по што луѓето од обвинителството почнаа да добиваат закани, насочени дури и кон нивните семејства, а во одредени периоди, главниот обвинител го чуваше полицијата.
Заканите зачестија во 2014 година, откако неколку политичари, главно од владејачката Напредна партија на Вучиќ, јавно го обвинија обвинителството дека работи за странци.
Врз основа на обвиненијата, Обвинителството за воени злосторства, формирано во 2003 година, досега осуди 72 лица во 45 случаи. Во моментов, пред Вишиот суд и апелациските судови во Белград, се водат 15 случаи на воени злосторства, а 14 се во истражна фаза.
Досега не е обвинет ниту еден воен или полициски генерал. Според извештајот на ОБСЕ објавен минатата година, ниту еден од обвинетите, процесирани во Србија, не бил „високопозициониран во времето на злосторството“, а само десет отсто од нив биле среднорангирани.
Во извештајот, исто така, се наведува дека повеќето од 27 случаи, се фокусирале на помали инциденти – 40 проценти од случаите вклучуваат три жртви, само четири случаи убиство на 100 или повеќе лица и уште други четири убиство на 50 или повеќе лица.
Пред главни предизвици
Кој и да биде избран на оваа позиција, веќе има полна агенда.
Со Стратегијата за процесуирање на воените злосторства, што беше усвоена во февруари 2016 година, владата вети дека ќе ги подобри резултатите во процесирањето на случаите на воени злосторства.
Од обвинителството, исто така, беше побарано да донесе сопствена стратегија за истрагите, иако за тоа веќе е испуштен крајниот рок, кој го постави ЕУ во рамките на пристапните преговорите што ги води Србија.
Понатамошниот напредок на Србија во преговорите со ЕУ, особено во поглед на член 23, кој се однесува на владеењето на правото, делумно ќе се оценува и според успехот што Обвинителството за воени злосторства го постигнало во гонењето на злосторствата извршени за време на војните во 90-тите.
Србија ‘над глава’ ја има и Хрватска, бидејќи Загреб и натаму се заканува дека ќе го блокира напредокот на преговорите на Белград со ЕУ, доколку Србија не го смени законот за универзална јурисдикција за воените злосторства во поранешна Југославија. Загреб се плаши дека законот ќе се користи против Хрватите.
Новиот обвинител на Србија ќе мора да се справи со многу сложени случаи, како што е оној за злосторствата во Сребреница, за кои адвокатите на одбраната тврдат дека се базира на слаби докази.
Исто така, време е да се започнат и неколку нови случаи, како што е убиството на тројцата Американци од албанско потекло, извршено по завршувањето на војната во Косово, како и убиството на 300 албански цивили во селото Meja во Косово за време на конфликтот во 1999 година.
Што е уште поважно, потребна е вистинска поддршка од владата, со цел да се обезбеди персонал и ресурси за вршење на работата.
Активностите што ќе ги преземе новиот главен обвинител ќе бидат под лупата на Брисел, но со цел да се задоволат барањата на ЕУ, мора прво да се надминат сериозните предизвици со кои ќе се соочи обвинителот на домашен терен.