Регион

Србите во Црна Гора критикуваа поставување на споменик на албански националист

Општината Тузи во Црна Гора. Фото: tuzi.org

Претставници на мнозинското албанско население во општина Тузи и на албанската дијаспора, открија во неделата нов споменик на Дед Ѓо Лули, албански националист и герилски водач, пред неговиот поранешен дом во селото Бардај, кој денеска е претворен во музеј.

Академик, Антон Беришај, од Академијата на науките и уметностите на Косово, кој присуствуваше на откривањето на споменикот, изјави дека Албанците треба да го слават Лули како херој.

„Сите Албанци, не само оние во Малесија (историски регион во северна Албанија и јужна Црна Гора), треба да бидат горди на него. Во овој (меморијален) комплекс има уште работа и не би било лошо доколку има и институционална поддршка“, рече Бериша за „Гласот на Америка“.

Претседателот на црногорската општина Тузи, Ник Ѓелошај, истакна дека општината ќе ги подобри патиштата до музејот, заради зајакнување на туризмот, додека претставникот на албанската дијаспора, Ѓок Гојцај, од американската организација Триеши, кој, исто така, присуствуваше на откривањето, рече дека Албанците од странство ќе продолжат да ја помагаат промоцијата на нивната култура и историја.

Сепак, некои црногорски Срби, го опишаа поставувањето на споменикот како провокација, велејќи дека Лули се борел против Црногорците.

„Тој е познат, меѓу другото, и по тоа што се залагал, Плав и Гусиње, да не ѝ припаднат на Црна Гора“, се наведува на веб-страницата in4s, која се смета за блиска до опозициската партија, Демократски фронт.

Минатата недела, пратеникот на Демократскиот фронт, Јован Вучуровиќ, ја обвини владата дека ги толерира албанските и бошњачките „екстремисти“, затоа што Албанците и Бошњаците од оваа земја, го поддржаа потегот за независност на владејачката партија во Црна Гора, на референдумот во 2006 година.

„Тие молчат (заради) пред референдумскиот договор на (владејачката) Демократска партија на социјалдемократите со албанските и бошњачките политички партии“, им изјави Вучуровиќ на црногорските медиуми на 18-ти август.

Тој истакна дека договорот вклучува неприфатливи ветувања дадени на малцинствата и води кон ситуација која „директно територијално ја загрозува Црна Гора“.

Дед Ѓо Лули го водел локално востание против владеењето на Османлиската империја на територија на Малесија во 1911 година, а бил учесник и во борбата од 1879 година, кога Плав и Гусиње, населени со бројни Албанци, станале дел од кнежеството Црна Гора.

Убиен е во 1915 година од заседа и постхумно е одликуван како „албански херој“.

Критиките поради поставувањето на споменикот доаѓаат во време на дебата за правата на националните малцинства во Црна Гора, која почна да се вжештува кога властите, минатата недела, најавија пријави против организаторите на два неодамнешни концерти, во врска со употребата на албанското и на српското знаме.

Иако во Црна Гора на националните малцинства не им е забрането поставувањето на нивните национални симболи, тие, покрај нив, се должни да го постават и црногорско знаме, инаку ќе се соочат со казна од 100 до 500 евра.

Црна Гора, со околу 630.000 жители, е мултиетничка држава каде што е невообичаено тоа што ниту една заедница која живее на нејзината територија, не сочинува повеќе од половината од нејзиото население.

Околу 45% од населението се идентификуваат како Црногорци, околу 29% како Срби, а 5% како Албанци.