Регион

Маскирани лица нападнаа Срби во две кафулиња во Хрватска

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Поглед на градот Книн од Книнската тврдина. Фото: Викимедиа/

Водачите на хрватските Срби, денеска ги осудија двата напада, што маскирани лица ги извршија врз локални Срби. Тие биле нападнати додека на телевизија гледале фудбалски натпревар, во села лоцирани во близина на градот Книн.

Според извештаите на медиумите, инцидентот се случил кога напаѓачите упаднале во две кафулиња каде што Срби од селата Уздоље и Ѓевреске, на телевизија гледале фудбалски натпревар во кој играл клубот Црвена звезда. Пет лица, меѓу кои и еден малолетник, биле полесно повредени.

Полицијата на шибенско-книнскиот округ го потврди нападот, прецизирајќи дека пет лица, од кои едно малолетно, се повредени во нападот во Уздоље. Само 20 минути подоцна, тие добиле информации и за напад во Ѓевреске, во кој никој не бил повреден, но била направена материјална штета во кафулето.

Полицијата соопшти дека денеска, на сослушување биле повикани неколку лица.

Ања Симпрага, заменик градоначалник на шибенско-книнскиот округ, изјави оти во кафулињата биле присутни и британски, американски и француски државјани.

Малолетното повредено лице е 17-годишник, чиј татко изјави дека неговиот син дошол дома крвав.

„Тој седеше прв до вратата на кафулето и кога некој влегол, го удрил по главата и како го удрил, тој почнал да паѓа на колена, па го дофатил и по грб“, изјави за Н1 телевизија таткото на момчето, чие име не беше објавено.

Тој додаде дека ова, за 15 години колку неговото семејство живее во селото, е прв инцидент на национална основа.

„Уште еден напад“

Борис Милошевиќ, претседател на Српскиот народен совет и пратеник во Собранието, го осуди инцидентот на Фејсбук: „За жал, вчера се случи уште еден напад врз Срби“.

„Ова лето, по смртта на Радоје Петковиќ во Вишково, нападот врз ватерполистите на Црвена звезда на сплитското приморско шеталиште и нападот врз сезонските работници во Брач, имаме уште едно злосторство од омраза, каде напаѓачите нападнаа и се обидоа да повредат повеќе луѓе мотивирани единствено со омраза кон националноста на нападнатите“, напиша тој.

Петковиќ (63), потпретседател на српскиот национален малцински совет на градот Кастав кај Риека, почина на 10 јуни, неколку недели откако беше претепан до несвест од 48-годишниот Илија Главиќ, хрватски воен ветеран.

На 9 февруари група мажи нападнаа тројца ватерполисти на Црвена звезда во Сплит. Хрватската влада и претседателката, Колинда Грабар Китаровиќ, го осудија нападот.

Петорица членови на навивачкиот клуб Хајдук-Торцида, на 9 јуни, нападнаа четворица сезонски работници во Супетар, на Брач. Двајца од работниците беа Срби од Хрватска, кои напаѓачите ги препознале по нивниот дијалект.

Милошевиќ го опиша нападот што беше извршен вчера, како „дивјачки и кукавички чин“, посочувајќи дека во кафулињата имало и жени и деца.

„Ова не е пресметка меѓу навивачи. Секој обид за релативизирање на овој грд настан значи оправдување на насилството и застанување на страната на напаѓачот. Ќе престане ли производството на омраза?“, напиша тој.

Министерот за здравство, Милан Кујунџиќ, го осуди инцидентот.