Иако поминаа 22 години од војната во Босна и Херцеговина, ниту еден од непосредните сторители на масовните убиства на Бошњаците, извршени на помалку познати локации за егзекуција, не е ниту обвинет, ниту, пак, се соочил со судење.
Пишува: Џана Брканиќ, Сараево
„Се преправав дека сум мртов, не мрдав. Не смеев да дишам“.
Со овие зборови, Мевлудин Ориќ, се сеќава на деновите кога припадниците на силите на босанските Срби, во јули 1995 година, на ливада во близина на селото Ораховац, крај Зворник, стрелале околу 1.000 мажи и момчиња од Сребреница.
“Слушав како ги полнат пушките. Викаа, се смееја, пиеја … едноставно уживаа“, вели Ориќ за БИРН.
Ниту еден од сторителите не одговарал за нивната смрт, ниту пред Хашкиот трибунал, ниту пред локалните судови.
Но, овој не бил единствениот масакрот што бил извршен во јули 1995 година, за кој ниту еден од непосредните сторители никогаш не е обвинет.
Два дена по заземањето на Сребреница од страна на Војската на Република Српска (ВРС), во долината Церска, како и на локација покрај реката Јадар, биле убиени 167 сребреничани.
Убиствата продолжиле и во местото Луке, кај селото Тишќа, потоа во селото Снагово, во близина на Зворник, како и во Бишина кај селото Шековиќи, каде што во јули 1995 година биле убиени околу 60 луѓе.
Некои од овие злосторства се спомнуваат во пресудите на Хашкиот трибунал, а се составен дел и од обвинението против поранешниот командант на ВРС, Ратко Младиќ, кому првостепената пресуда треба да му биде изречена во ноември.
Досега, Хашкиот трибунал, за геноцид и злосторства во Сребреница, на повеќе од 400 години затвор, осуди 43 припадници на воените и полициски сили на босанските Срби.
Поголемиот дел од директните извршители беа осудени за учество во убиствата на локациите за егзекуција во Кравица, Пилица и Брањево, но не и за другите масакри.
Топлина на крвта
Мевлудин Ориќ бил уапсен, додека низ шумата околу Сребреница, се обидувал да дојде до Тузла, која во јули 1995 година, била по контрола на босанската армија.
Го одвеле во училиштето во Ораховац, каде што во преполната сала со другите мажи од Сребреница, неколку дена бил притворен во нехумани услови.
Една вечер, како што вели, им ставиле превез преку очите и ги одвезле до една ливада.
„Јас и братучед ми се фативме за рака. Тој викна: ‘Ќе не убијат’. Не стигнав ниту да речам ‘нема’, а веќе почнаа рафали“, раскажува Ориќ.
Додаде дека неговиот братучед го погодиле и тој паднал врз него.
Почувствувал топлина на крвта на братучед му, како и тежината на неговото тело на својот грб.
Ориќ се преправал дека е мртов.
„Бев тивок, не се мрдав. Пукањето запре. Аид се тресеше. Лелека и се тресе. Трепери врз мене. (…) Тогаш занеме“, се сеќава Ориќ.
Кога неговиот братучед починал, вели тој, стрелањето продолжило до доцна во ноќта.
Како што раскажува, тој тогаш веројатно изгубил свест, а кога си дошол при себеси, сфатил дека сторителите заминале. Неговото тело било вкочането и тој едвај ги кренал рацете.
„Се обидов да застанам на нозе, но не можев. Аид едвај го тргнав од себе. Едноставно, немав сила, бев гладен и жеден. (…) Сите од училишната сала што ги знаев, беа тука. Никој не мрдна. Веќе ги немаше. Значи, морам да бегам од таму, друго не ми преостана“, вели Ориќ.
Тогаш заплакал на сет глас.
На судењето на Младиќ во Хаг, поранешен војник на ВРС, сведочеше дека стрелањето во Ораховац го преживеало едно дете од шест или седум години.
Ова злосторство се споменува и во пресудата на Вујадин Поповиќ и Љубиша Беара, кои Хашкиот трибунал ги осуди на казна доживотен затвор за нивната улога во геноцидот.
Во истата пресуда се вели дека првите големи егзекуции биле извршени во долината Церска и покрај реката Јадар, во ноќта помеѓу 13 и 14 јули 1995 година.
Во колоната од Сребреница кон Тузла, бил и Зулфо Салиховиќ.
За БИРН вели дека од ридот над Церска видел заробување на мажи и егзекуции на мостот на реката Јадар. Еден ден подоцна, наишол и на мртви тела во Церска.
„Имаше маса убиени, а во непосредна близина имаше дрвени кутии од муниција. (…) Превртевме неколку тела, но беше невозможно да препознаеме некого. (…) Во непосредна близина почнале да копаат масовна гробница“, изјави тој.
Според Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, на тоа место, а врз основа на сведочењето на луѓето кои се движеле низ шумата, најдени се 150 тела.
Непозната судбина на синот и сопругот
Фадила Ефендиќ ни раскажа дека со сопругот и синот се разделила на 11 јули 1995 година, кога со ќерката заминала во базата на ООН во Поточари.
Двајцата тргнале низ шумата. Со години по војната, се надевала дека се живи. Но, прво го пронашла телото на сопругот Хамед, во една од гробниците во Зелен Јадар, а потоа неколку коски на синот Фејзи, во зворничка Каменица.
„Ништо не ми кажаа, не ми рекоа ниту како настапила смртта, дали со стрелање или е заклан. Бидејќи черепот на маж ми беше најден во друга гробница, постои веројатност дека, за жал, го заклале“, вели Ефендиќ, која нагласува дека институциите не ѝ дале никакви информации во врска со смртта на нејзиниот сопруг.
Таа е вознемирена, бидејќи повеќе од две децении по злосторството, никој не е обвинет за смртта на нејзиниот син.
Додека се возевме кон гробницата во која е најден нејзиниот сопруг, Фадила ни раскажува како покрај Јадар, каде што биле пронајдени гробниците, поминала прекрасно детство.
„Кој би рекол дека овде ќе има гробница”, се запраша Ефендиќ.
Абдулкадир Велиќ бил дваесетгодишен медицински техничар, во воената болница во Сребреница. Тој не сакал да ги напушти ранетите, со кои при евакуацијата од Поточари, пристигнал во училиштето „Лука” во Тишќа.
Садик Селимовиќ се наоѓал во санитетот и се сеќава дека војниците вршеле одвојување кај училиштето. Некои од ранетите биле пуштени во Кладањ, каде што била босанската армија, а некои биле задржани во училиштето.
Семејството на Велиќ, по доаѓањето во Кладањ, дознало дека Абдулкадир бил задржан во училиштето. Се надевале дека ништо нема да му се случи, бидејќи како член на медицинскиот персонал, бил заштитен со Женевските конвенции.
Надежта исчезнала кога телото на Абдулкадир било пронајдено во масовна гробница во близина на местото на егзекуција, во близина на селото Тишќа, каде што биле убиени 25 лица, кои биле одвоени во училиштето.
Подоцна, Адмир Велиќ, братот на Абдулкадир, се обидел да ја дознае вистината за тоа што му се случило.
„Добивме информации дека еден човек го преживеал стрелањето. Тој бил со мојот брат Кадир во училиштето во Тишќа и ни ја даде својата книга, во која можев да дознаам што се случило. (…) Овој господин опиша дека Абдулкадир малку повеќе го малтретирале, сѐ додека не изгубил свест“, нагласува Велиќ.
Хаска Велиќ, мајката на Абдулкадир и на Адмир, вели дека нејзиниот живот по смртта на син ѝ никогаш нема да биде ист и дека сторителите на убиствата, кои сѐ уште се на слобода, конечно мора да бидат идентификувани и кривично гонети.
„Би сакала да се најде тој што ова го направил, барем да се казни, да не оди раат, бидејќи и ние никогаш не сме раат“, заклучува Хаска.