Регион

Насер Ориќ: Сакан и омразен командант на Сребреница

Насер Ориќ, командант кој во војната во Босна и Херцеговина ја бранеше Сребреница, а пред војната го обезбедуваше Слободан Милошевиќ, пред изрекувањето на пресудата во предметот во кој тој е обвинет за воени злосторства, вели дека Бошњаците го сакаат, иако, истовремено, голем број Срби го презираат.

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Поминаа девет години, откако Насер Ориќ, пред Хашкиот трибунал, беше ослободен од обвинението за воени злосторства извршени во Сребреница. Денес, овој поранешен командант од Сребреница, чека уште една пресуда, која, овој пат, треба да му биде изречена пред Судот на БиХ во Сараево.

Во понеделник, Судот на БиХ треба да донесе одлука за тоа дали Ориќ е виновен или не за воени злосторства извршени над тројца воени затвореници од српска националност, кои биле убиени во селата Залазје, Куњерац и Лолиќи, во регионот на Сребреница и Братунац, во 1992 година.

Многу Бошњаци, Ориќ го сметаат за херој, заради неговата улога во одбраната на Сребреница пред масакрот во 1995 година, додека голем број босански Срби го презираат и сметаат оти е одговорен за убиство на војници кои ѝ се предале на единицата на босанската армија, која тој ја водел.

Поранешниот командант негира дека извршил воени злосторства.

„Ме сакаат луѓето позади кои застанав. Никогаш нема да го предадам народот. Не ме сакаат оние на кои што им бев пречка на Дрина да направат ‘Голема Србија’“, објаснува Ориќ, во интервју за БИРН.

Пред војната, како полицаец, бил активен учесник во голем број на настани кои се случиле непосредно пред распадот на Југославија.

Дури го обезбедувал и Милошевиќ, кога тој на собирот во Косово во 1989 година, го одржа својот неславен говор, за кои многумина сметаат дека помогнал во распламтувањето на конфликтот во Југославија, кој следеше потоа.

Ориќ, исто така, бил дел од полициските сили што се обидоа да ги разбијат масовните протести против Милошевиќ во Белград, во март 1991 година, кога во уличните борби загинаа две лица, по што, заради воспоставување на ред, беше распоредена и војската.

Ориќ, пред својата викендичка во Кладањ. Фото: Марио Иличиќ/БИРН

 

Од Сребреница во Белград

Ориќ е роден на почетокот на март 1967 година во Поточари, општина Сребреница.

По завршувањето на основното и средното образование, заминува во Бор, во Србија, каде што се запишал на Факултетот за обоена металургија. Студиите ги напушта и оди на отслужување на воениот рок во Југословенската народна армија (ЈНА).

Две години подоцна, завршил полициски курс во Земун, Србија, a како приправник работи во Савски Венац во Белград.

Како член на единицата за специјални задачи на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, повремено оди во Косово, а, по потреба, работел и како член на обезбедувањето на Слободан Милошевиќ.

Така, во јуни 1989 година, бил и на Газиместан, на прославата на 600 години од Битката на Косово во Косово Поле, каде што српскиот претседател одржа националистичкиот говор пред стотици илјадници Срби.

За време на говорот, Милошевиќ повика на единство меѓу Србите, во како што рече, идните битки. „Тие не се вооружени, иако ниту таквите се исклучени”, предупреди тој.

Ориќ забележал дека бил единствениот Бошњак кој работел во обезбедувањето.

„Дотогаш не размислував каде тоа води“, вели тој.

„Како и секогаш, ја вршев својата работа на високо ниво. Кога видов дека тоа беше огромен собир на Србите, од каде беа испраќани воени повици, ми стана јасно што се случува“, вели Ориќ.

Во февруари 1989 година, учествувал во спасувањето на рударите, косовски Албанци, кои беа забарикадирани во рудникот „Трепча”, во поранешна Титова Митровица, во екот на штрајковите против укинување на автономијата на Косово од страна на режимот на Милошевиќ.

„Рударите се затворија 2.000 метри под земја и се закануваа дека ќе активираат експлозив. 13 од нас слегоа во јамата и ги спасија сите рудари. Тогаш добив пиштол со посвета од Слободан Милошевиќ“, раскажува Ориќ.

На демонстрациите против Милошевиќ во Белград, на 9 март 1991 година, кои потоа прераснаа во насилство, Ориќ како полицаец бил вклучен во апсењето на Вук Драшковиќ.

Ориќ нагласува дека не зборувал со Милошевиќ, додека бил во неговото обезбедување. Но, неколку години подоцна, во единицата за притвор во Хашкиот трибунал, тие се сретнале и разговарале.

Ориќ потенцира оти Милошевиќ се однесувал како „господин”, сакајќи да покаже дека тоа за што е обвинет, нема никаква врска со него.

Поранешниот југословенски претседател му дал дури и подарок.

„Сакав да гледам каубојски филмови и Милошевиќ често ми даваше компакт-дискови со такви филмови”, додаде Ориќ.

Ориќ пред судот во Сараево. Фото: Марио Иличиќ/БИРН

 

Патот до Хаг

По Белград, Ориќ се враќа во својот роден град и работи во тамошната полиција.

Во средината на април 1992 година, во Сребреница е формирана Територијална одбрана (ТО), чиј командант станал Ориќ.

Веќе во април и мај 1992 година, српските сили го окупирале градот, а на 8 и на 9 мај, Ориќ и неговите соборци повторно ја освојуваат Сребреница. Во одбраната на Сребреница учествувал сѐ до 1995 година.

„Тој го даде својот максимум во организирањето и пружањето на отпорот. Мислам дека Насер е симбол на Бошњаците и Босанците кои ја сакаат оваа земја“, вели неговиот колега од полицијата, Зулфо Салиховиќ.

Сепак, на 29 мај 1995 година, Ориќ бил разрешен од должноста командант.

„Бев сменет, односно ме разреши Расим Делиќ. Потоа бев нераспореден, а тој никогаш не ми објасни зошто е донесена таква одлука“, рече Ориќ.

Потоа заминува во Тузла, каде се наоѓа и на 11 јули 1995 година, кога Војската на Република Српска (ВРС) ја зазела Сребреница, а во деновите што следеле извршила и масакр над околу 8.000 Бошњаци.

Откако разбрал што се случува, Ориќ собрал група од околу 30 доброволци, кои сакале да помогнат во спасувањето на своите сограѓани од Сребреница.

По војната, се вратил да живее во Тузла, каде што водел фитнес клуб, сѐ до април 2003 година, кога е уапсени врз основа на обвинение за воени злосторства од Хашкиот трибунал.

Хашкото обвинителство го обвини како лице одговорно за убиството на седум Срби, кои биле притворени во полициската станица во Сребреница, 1992-1993, како и за сурово однесување кон 11 други и „безобѕирно уништување … кое не било оправдано со воена нужда” на српски домови за време на претресот во селата.

Ориќ вели дека во одделението за притвор во Хаг, додека му се судело, често се дружел со обвинетите од српска националност.

„Притворската единица ми беше втор дом. Јас го сфатив ова и си го олеснив на себеси судскиот процес“, вели тој.

„Постојано ги сретнував обвинетите Срби. Играв фудбал со Веселин Шљиванчанин. Тој е тежок комунист. Како таков дојде во затворот, но не се смени. Велеше дека се кае“, нагласува Ориќ.

Сепак, единствениот што, според Ориќ, вистински се каел, е Момир Николиќ, службеник на ВРС, кој го призна геноцидот во Сребреница.

„Тој не го направи тоа само за да добие помала затворска казна”, вели Ориќ.

Во јуни 2006 година, беше осуден на две години затвор, бидејќи не го спречил убивањето на српските затвореници и нехуманиот третман кон нив. Веднаш беше ослободен, бидејќи веќе ја имаше издржано казната.

Но, Жалбениот совет ја поништува оваа пресуда и во јули 2008 година го ослободува Ориќ, кој се враќа во Босна и Херцеговина.

Ориќ во текот на судењето во Сараево. Фото: Марио Иличиќ/БИРН

 

Екстрадиција во Сараево

Во својот роден град, по геноцидот, вели Ориќ, бил само еднаш, на погреб. Никогаш не влеглол во својот двор, ниту пак во својата куќа.

Во јуни 2015 година, Ориќ со Ќамил Дураковиќ, тогашниот градоначалник на Сребреница и Хамдија Фејзиќ, потпретседател на Собранието на општината Сребреница, патува за Швајцарија на настан по повод одбележувањето на геноцидот во Сребреница.

По потерница издадена од Република Србија, под сомнение дека извршил воени злосторства во Сребреница, Ориќ беше уапсен во Берн.

Ова предизвика протести на неговите приврзаници, заканувајќи се да влијае и на одржувањето на комеморацијата во Сребреница.

Сепак, швајцарските власти одлучија да го екстрадираат Ориќ во Сараево, а не во Белград, бидејќи и во својата матична земја беше под истрага за воени злосторства. Оваа одлука предизвика лути реакции во Србија.

Неколку месеци подоцна, обвинителството на БиХ го обвини за воени злосторства, а судењето започна во јануари 2016 година, и покрај приговорите на одбраната на Ориќ, дека во Хашкиот трибунал по ова обвинение веќе му се судело и тој бил ослободен.

Сепак, судот на ООН објасни дека обвинението во БиХ е значително различно од обвинението во Трибуналот.

Ориќ вели дека сето она што му се случувало во претходните години, требало да му се случи.

„Од мене имаше и подобри борци. За жал, многумина починаа“, вели тој.

„Судските процеси се само доказ низ што сѐ поминале Бошњаците за време на војната, и запишано е тоа да се докажува низ моите судења”, заклучува Ориќ.

Објавено и на Балканска транзициска правда