Регион

Изложба на ММКТ за страдањата на децата во војните

Механизмот за меѓународни кривични трибунали, ММКТ, покрена онлајн мултимедијална изложба која говори за страдањата на децата, во конфликтот во поранешна Југославија и во Руанда.

Џана Брканиќ, Сараево

Изложбата насловена како „Децата во конфликтите – Доказ на меѓународните кривични трибунали”, која беше отворена во среда, илустрира како децата, во конфликтите на Балканот и во Руанда, намерно биле бирани како цели на тортура, сексуално насилство, прогон, присилна преселба, убиства и истребување.

Изложбата содржи избор на сведоштва, фотографии и аудиовизуелни материјали, кои се користени како докази пред меѓународните кривични судови за поранешна Југославија и за Руанда.

Целта е да се покаже важноста на меѓународните судови и трибунали, во гонењето на лицата одговорни за злосторствата извршени врз цивилите.

„Бидејќи децата и другите цивили и натаму се цели на систематско насилство во конфликтите низ целиот свет, потсетуваме на важноста да се обезбеди почитување на меѓународното хуманитарно право, кое обезбедува заштита на оние кои не учествуваат во конфликтите, вклучувајќи ги и децата”, рече претседателот на ММКТ, Теодор Мерон.

„Меѓународните кривични судови и трибунали одиграа клучна улога во обезбедувањето на почитување на меѓународното хуманитарно право и испратија јасна порака дека нарушувањето на овие закони не може да се игнорира”, додаде тој.

На изложбата е поставен албум со фотографии од Фоча, на која се гледа спортската сала „Партизан”, како и делови од сведочења во предмети кои се однесуваат на злосторствата извршени во овој град.

Едно од нив е исказот на една жена, која во салата била затворена на 15 години и која била повеќе пати силувана на различни локации во Фоча.

Тука е и сведочењето на Мухамед Капетановиќ, момче кое во сараевската населба Добриња, во јануари 1994 година, додека се санкал со своите другарчиња, преживеал масакр.

„Се санкавме и одеднаш слушнавме како паѓаат гранати. Знаевме дека се блиску по звукот на експлозијата“, се сеќава тој во своето сведочење.

„Тогаш се исплашивме и почнавме да бегаме. Пред да стигнеме до нашиот влез во зградата, една граната падна зад нас. Даниел Јураниќ загина. Мене ме рани во ногата, главата и раката, а ранети беа и Адмир и Елвир Хоџиќ“, вели Капетановиќ во своето сведоштво.

Изложбата вклучува и снимки од сведоштвата на преживеаните од Котор-Варош и Сребреница.

Практиката на хашките судови придонесе за јакнење на заштитата на децата во вооружените конфликти, се вели во соопштението на ММКТ, а при донесувањето на пресудите, возраста на жртвите и нивната ранливост, е ценета како отежнувачки фактор при одредување на казните.