Регион

Маскираните парамилитарци на Аркан „виновни“ за убиствата на Хрватите

На судењето на поранешните шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, сведок на обвинителството изјави дека единицата на Жељко Ражнатовиќ Аркан, која обвинетите, наводно, ја контролирале, е одговорна за убиствата на Хрватите, извршени во 1991 година.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Заштитениот сведок на Хашкото обвинителство, РФЈ-157, на судењето на Станишиќ и Симатовиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, изјави дека единицата на Жељко Ражнатовиќ Аркан, во 1991 година, ги извршила убиствата на Хрватите во источна Славонија во Хрватска.

Сведокот РФЈ-157 опиша дека во ноември 1991 година, во селото Клиса, се појавило комбе со регистирациски таблички од Нови Сад, кој бил полн со војници чии лица биле маскирани.

Според сведокот, војниците зеле пет Хрвати од селото.

Таа подоцна дознала оти биле однесени во Ердут, каде што бил центарот за обука на Српската доброволна гарда, со која командувал, Жељко Ражнатовиќ Аркан.

РФЈ-157 изјави дека двајца Хрвати биле „ослободени”, а „тројца биле убиени”.

Според сведокот, уште двајца мештани, Хрвати, биле убиени во Клиса.

На прашањето кои српски сили биле во Клиса, сведокот одговори дека тоа биле „аркановци“, „шешељевци” и редовна војска.

На прашањето како нивното пристигнување влијаело на Хрватите во Клиса, кои сочинувале десет проценти од населението, РФЈ-157 одговори: „Кога видовме толку многу непознати луѓе во селото, се всели страв меѓу нас, Хрватите … Сфативме дека нешто многу лошо се подготвува“.

На Станишиќ, поранешен шеф на српската СДБ, и на неговиот помошник, Симатовиќ, повторно им се суди по обвинението за прогон, убиства, депортација и насилна преселба на цивили, Хрвати и муслимани, за време на војните во Хрватска и во БиХ, во периодот 1991-1995 година.

Според обвинението, единицата на Ражнатовиќ била дел од СДБ на Србија.

На прашањето, како знаела дека маскираните српски војници, кои од Клиса зеле петмина Хрвати, биле луѓе на Аркан, сведокот одговори дека тоа го слушнала од „повеќе луѓе”.

„Тие беа однесени во винарската визба во Ердут, а таму Аркан ги обучуваше своите луѓе”, рече сведокот.

На прашањето на адвокатот на Станишиќ, дали во Ердут „го видела Аркан”, сведокот одговори негативно.

„Никој не можеше да го види, ниту пак да му се приближи, од неговите луѓе”, рече РФЈ-157.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, на чие чело бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Судењето продолжува во среда.