Регион

Српски доброволци „убиле 75 лица во хрватско село”

Сведок на обвинителството, на повторниот процес во Хаг, што се води против поранешните шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, изјави дека српските сили, во хрватско село Шкабрња, во 1991 година, убиле 75 лица, „претежно цивили”.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Марко Миљаниќ, сведок на обвинителството, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, во вторникот изјави дека во текот на нападот на селото Шкабрња, во Книнска Краина, во 1991 година, кој го предводела Југословенската народна армија (ЈНА), “биле убиени неговиот татко, брат и седум негови братучеди”.

Миљаниќ, тогаш командант на одбраната на селото, изјави дека не видел кој за време на нападот, на 18 и 19 ноември 1991 година, ги извршил злосторствата над цивилите во Шкабрња, туку дека тоа го слушнал од очевидци.

Подвлече дека, сепак, неговите последователни наоди се совпаѓаат со извештајот на еден од безбедносните офицери на ЈНА, дека сторители биле членови на краишката територијална одбрана, „доброволци од Србија” и група што ја предводел припадникот на милицијата на Краина, Горан Опачиќ.

„Зад ЈНА одеа паравоени формации, кои ги земаа цивилите, од кои многумина беа убиени”, рече Миљаниќ.

Според обвинението, силите кои ги извршиле злосторствата во Шкабрња, биле под контрола на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, односно на нејзините шефови, Станишиќ и Симатовиќ.

Миљаниќ сведочеше оти ЈНА, за време на нападот со кој командувал полковникот, Ратко Младиќ, го гранатирала селото Шкабрња, на кое, исто така, од авион биле фрлани „касетни бомби на кои пишувало: Поздрав од ЈНА за Туѓмановите стаорци”.

Миљаниќ рече дека српските сили, за време на нападот, ги користиле заробените хрватски цивили, како „човечки штит”, поставувајќи ги пред и околу тенковите на ЈНА.

„Кога сакав да уништам тенк, видов околу 50 жени, деца и постари луѓе, пред и околу тенкот. Имаше иницијатива тенкот да се уништи, без оглед на ова, но јас тоа не го дозволив”, рече Миљаниќ.

И ова тврдење на сведокот, обвинителот Стрингер го потврди со извештај на мајор на ЈНА, во кој стои оти војници потврдиле дека хрватски цивили биле користени како „човечки штит”.

Во текот на вкрстеното испрашување, адвокатот на првообвинетиот Станишиќ, Јан Едвардс, го праша сведокот, кој точно го нападнал селото Шкабрња.

„Сигурен сум за ЈНА и за МВР ˗ дали на Србија или на Краина, не знам … За доброволците не знам, но сум слушнал”, рече Миљаниќ.

На сугестијата на Едвардс дека „многумина имале замачкани лица или маски”, Миљаниќ одговори: „Не сите, не и ЈНА, по неа одеа овие мршојадци”.

Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на хрватски и муслимански цивили за време на војните во Хрватска и во БиХ.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, на чие чело бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Судењето продолжува во среда.

Станишиќ не присуствува на судењето во Хаг, бидејќи со одлука на судскиот совет, е пуштен на привремена слобода до 27 септември.

Станишиќ, според наодите на лекарите во Хаг и во Белград, страда од хронична болест на дигестивниот систем и од депресија.

Објавено и на Балканска тразнициска правда