Истражувањa

Српски врски и во други македонски компании за канабис

БИРН открива нови фирми во кои управители биле лицата од „Алфафарм“

Српската наркошверцерска мрежа од Крушевац пенетрирала во легалниот бизнис со канабис во Македонија многу подлабоко отколку што покажуваат досегашните објавени сознанија од истрагите, поврзани со нелегалниот транспорт на пет тони марихуана кон северниот сосед, открива БИРН.

Покрај веќе познатите фирми, нашето истражување идентификува и други компании за легално одгледување канабис со кои групата имала директна или индиректна врска, што дополнително го проширува нивното влијание во секторот.

Истражувањево идентификува уште компании за легално одгледување канабис со кои групата имала директна или индиректна врска

Нашите теренски информации и разговорите со лица што имале контакт со групата покажуваат дека не станува збор само за локални операции, односно дека мрежата гравитира околу луѓе со бизнис-интереси што се протегаат надвор од Балканот.

Последниот случај само ги потврдува слабата контрола и недостатоците на системот, за што БИРН повеќепати пишуваше, како бизнисот со марихуана е магнет за инвеститори, неретко со криминално минато, во потрага по брз профит.

Еуфоријата околу овој релативно нов и исклучително лукративен бизнис, надополнета со ограничените знаења за легалното одгледување и слабата државна контрола, резултираше со огромни количества неквалитетен цвет за фармацевтскиот пазар и податлив плен за играчите на црниот пазар.

Нови фирми поврзани со групата

Мрежата на фирми поврзани со групата од Крушевац | Илустрација: БИРН

Мрежата на фирми поврзани со групата од Крушевац | Илустрација: БИРН

Скопска компанија „Алфафарм“, која е во центарот на скандалот, има седум основачи, меѓутоа за овој текст интересни се двајца: Иван Драгниќ од Крушевац, Србија, и македонскиот државјанин Драган Крстев. БИРН открива дека овие двајца, во одреден период, одделно биле во управувачките структури и на други македонски компании за канабис, кои засега не се спомнуваат во официјалните соопштенија за истрагите.

Членот на шверцерска група Иван Драгниќ, кој според српското обвинителство е осомничен дека ја прифатил марихуаната на српска територија, до пред само три месеци бил директор на сосема друга компанија за одгледување медицински канабис, струмичката „Лајтинг лукс.“

Интересно е што оваа фирма ВМРО-ДПМНЕ, и како опозициска, и како владејачка партија, ја поврзуваше со луѓе од поранешниот политички врв на СДСМ.

„Алфафарм“, која е во центарот на скандалот, има седум основачи, меѓутоа за овој текст интересни се двајца: Иван Драгниќ од Крушевац, Србија, и Драган Крстев од Македонија

Во мај 2024 година, струмичанката Славица Котева и нејзиниот бизнис-партнер, Холанѓанецот Теодорус Петрус Бернардус Воутерс, во „Лајтинг лукс“ го поставуваат Драгниќ за управител.

БИРН, во вторникот контактираше со Котева за да добие повеќе информации за тоа како Драгниќ станал управител, меѓутоа таа вознемирено го прекина разговорот ветувајќи дека подоцна во денот ќе одговори на нашите прашања. Тоа не се случи.

По речиси година и пол управување, во ноември 2025 година, содружниците Котева и Воутерс одлучуваат да го разрешат Драгниќ.

Ако малку се знае за неговата улога во Струмица, сега, сепак, нешто повеќе информации имаме за неговите паралелни активности во веќе инкриминираната фирма „Алфафарм“ лоцирана во скопски „Охис“ од каде што, според српското обвинителство, тргнал шверцот.

Според документите од Централниот регистар, во кои БИРН имаше увид, Драгниќ, извесен период, преку италијанска банка од Белград вбризгувал капитал во неговата компанија „Алфафарм.“ Во 2025 година, неколкупати префрлил по нешто помалку од 15.000 евра во основачкиот влог. Во истиот период, сите основачи на оваа компанија внесувале дополнителен капитал, кој на крајот се искачил до речиси 530.000 евра.

Сега сметката на „Алфафарм“ е блокирана по истрагите на српското и на македонското обвинителство.

Драгниќ е во притвор во Србија.

Исти лица во повеќе компании

Впечатливо е и името на триесетгодишниот скопјанец Драган Крстев, кој одреден период бил во сопственичките или во управувачките структури на дури три компании што се занимаваат со канабис.

Првпат во бизнисот влегол во 2022 година, како управител на „Грин лајф“, чии сопственици, како што пишуваше БИРН, се Александар Мијајловиќ, првоосомничениот во Србија за шверцот на марихуаната, и извесен Огнен Николиќ, исто така од Крушевац.

Неполн месец откако е разрешен од управител, во 2023 година, Крстев станува еден од основачите на „Алфафарм.“ Но, таму не се задржува долго зашто летото во 2024 година, извршител му го запленува уделот во скопската фирма за марихуана.

Од македонската полиција, за БИРН, велат дека истрагата ќе биде обемна и ќе трае повеќе месеци… Не е исклучена можноста групата да имала бизнис-интереси и во подалечни европски земји

Во меѓувреме, Крстев станува управител на уште една фирма со лиценца за канабис – скопската компанија, која досега не е спомната во информациите околу истрагите, „РСБ Солутион“, чиј капацитет за одгледување се наоѓал во штипско Карбинци.

Во неа, Крстев влегува во април 2024 година, овојпат како српски државјанин, со пасош од северниот сосед.

Но, неколку месеци подоцна, владата одлучува да ѝ ја одземе лиценцата за работа, а Крстев си заминува од позицијата во мај минатата година.

Тој поседува фирма на Малта, каде што извори за БИРН тврдат и дека живее. Истите извори тврдат дека имале средби со него и во Скопје, каде што со српските бизнисмени се распрашувал за бизнисот уште пред да тргнат работите со „Алфафарм.“

БИРН се обиде и со него да стапи во контакт не тој не одговори на нашата порака.

Проширена мрежа

Претставници на полицијата пред запленетата марихуана

Запленетата марихуана во Македонија | Фото: МВР

Дека оваа група длабоко го запоседнала бизнисот со марихуана во државава покажува и нашето откритие, дека човекот, кој, според српското обвинителство, бил на врвот од пирамидата на групата од Крушевац, Александар Мијајловиќ е косопственик на валандовската фирма за одгледување канабис, „Грин лајф.“

На оваа фирма во вторникот, македонската влада ѝ ја одзеде лиценцата поради констатиран кусок на сув цвет и несоодветно пакување на сувиот цвет во сеф-собата. Истиот ден попладнето, пак, од Министерството за внатрешни работи потврдија дека влегле во производните капацитети на компанијата во Јосифово и од таму одзеле еден тон марихуана.

Всушност, во оваа фирма, Мијајловиќ влегол како сосопственик на српската „Бионатуралс“, во која е заедно со Огнен Николиќ.

БИРН повеќепати пишуваше, како бизнисот со марихуана е магнет за инвеститори, неретко со криминално минато, во потрага по брз профит

Николиќ, пак, според проверките што ги направи БИРН, има фирма во Барселона, Шпанија, која се занимава со трговија со цвеќиња, растенија, ѓубрива и други работи. Тој е сопственик и на дискотеката во Крушевац.
Истрагата на македонските и на српските органи сега главно се води околу конкретниот нелегален шверц на петте тони марихуана, кои од Македонија стигнаа до српски Коњух.

Српското обвинителство наведува дека организатор на групата бил Мијајловиќ, кој порано се презивал Вулиќевиќ и дека тој му наложил на Драгниќ да обезбеди марихуана од Македонија. Драгниќ, пак, потоа го организирал транспортот со товарни возила до Крушевац, а, според македонското обвинителство, работите тука ги организирал другиот сопственик Предраг Брковиќ.

Од македонската полиција, за БИРН, велат дека истрагата за тоа како завршиле петте тони марихуана во Србија ќе биде обемна и ќе трае повеќе месеци, меѓутоа, поради тајноста на постапката, не можеа да дадат повеќе детали. Не е исклучена можноста оваа група да имала свои бизнис-интереси и во други подалечни европски земји.

За истрагата соработуваат полициите и обвинителствата од двете соседни земји и веќе имале директни средби за размена на информации, кои би помогнале за расплеткување на мрежата.

Од српското Јавно обвинителство за организиран криминал, пак, за БИРН Србија велат дека имаат и континуирана комуникација и размена на податоци и дека веќе постапиле „по една замолница на надлежен правосуден орган на Република Северна Македонија.“

Во моментов таму се води истрага против пет лица, а запленетата марихуана се чува во посебни услови за да не ги изгуби својствата.

Зошто ни се случи шверцот

Десетици фирми за краток период добија лиценци за канабис | Илустрација: БИРН

За премиерот Христијан Мицкоски и за неговата партија, вратата за криминалот е отворена со правиликот од 2023 година кога се дозволило одгледување на канабис на „отворен простор што е атмосферски заштитен.“ Објаснувањето e дека марихуаната што расте директно под сонце нема што да бара на фармацевтскиот пазар и дека таа е наменета само за црниот пазар.

Меѓутоа, проблемите со медицинската марихуана што гори по темните улични ќошиња се посложени и постари и нив не ги адресираше ниту претходната влада, ниту, пак, гарнитурата на Мицкоски.

Канабисот легално може да се одгледува од 2016 година и оттогаш датираат и првите обиди, меѓутоа зелената бизнис-треска ја предизвика Зоран Заев, од позиција на премиер, силно промовирајќи го бизнисот „вреден 250 милиони евра годишно“.

Македонија не изгради сериозен систем за надзор на плантажите со марихуана и речиси и да не постои безбедносен ветинг на лицата што добиваат дозвола за одгледување

Ако до 2017 година, само неколку фирми имаа лиценци за одгледување марихуана, до 2021 година, повеќе од 60 компании добија дозволи, додека половината од нив веќе ја садеа оваа психотропна супстанција.

Проблемот е што Македонија во годините зад нас не изгради сериозен систем за надзор на плантажите со марихуана. Таа задача ѝ беше и сè уште ѝ е препуштена на петчлена комисија, која не е постојано тело, туку е формирана од претставници на неколку институции.

Вака слабо екипираната комисија има премногу работа. Покрај тоа што оценува дали фирмите се подготвени за садење марихуана, таа треба да има увид во развојот на буквално секое засадено стебло и двапати годишно да ги контролира одгледувачите.

На слабиот контролен механизам треба да се додаде и речиси непостоечкиот безбедносен ветинг на лицата што добиваат дозвола да одгледуваат марихуана.

Пред три години, БИРН документираше дека како одгледувачи на марихуана се јавуваат лица со историја во наркобизнисот и со предмети за перење пари, „детали“, кои, очигледно, не биле доволни некому да им биде одбиена лиценцата.

Последните случувања се уште еден доказ дека државата и инвеститорите влетаа во авантурата со марихуаната неподготвени, некои дури и без базични знаења за динамиката на бизнисот и за неговите можности, па затоа дел од сопствениците на плантажи заглавија милиони евра во цвет од марихуана, недоволно квалитетен за „гладната“ фармацевтска индустрија, кој, од друга страна, е идеален за црниот пазар.