Децата уште во основно училиште учат дека Македонија е богата со културно-историски знаменитости, а кога преку училишна екскурзија ќе посетат некој историски објект, може да видат дека седум години има дупка на покривот, па и таа станала дел од неговата историја.
Културното наследство е еден од најсилните адути и за привлекување туристи во земјава, без да им се каже дека во некои археолошки локалитети ќе треба и самите да бидат археолози, односно да ги откриваат античките урнатини обраснати со треви или затрупани со ѓубре.
Иако државата веќе триесет години води дипломатски битки поврзани со историјата, кои наместо да се расплеткуваат, стануваат сѐ позаплеткани, заштитата на културното наследство многу ретко се наоѓала на листата на приоритети на властите и на институциите. Сегашниот период треба да биде исклучок, ако се остварат најавите на министерката за култура, Ирена Стефоска, која, кога ја презеде функцијата минатата година, најави дека ова ќе биде главна тема на која ќе работи.
Како историчарка, Стефоска се чини дека добро ја разбира оваа тема. Веднаш ќе ви каже, на пример, дека земјава има 4.260 археолошки локалитети, 1.726 цркви и манастири со над 150 илјади квадратни метри фрескоживопис, 126 објекти од исламската архитектура, 24 чаршии и други видови градби итн.
„Ние како наследници имаме должност да го пренесеме на следните генерации, а за тоа мораме да го сочуваме, да го негуваме и да се грижиме. Во срцето на културниот идентитет на нашата земја, се разбира дека е и културното наследство. Впрочем како и на сите други и земји“, вели Стефоска.
Новата министерка ги знае и бројките со кои, за жал, не можеме да се гордееме. Со законот за заштита на културното наследство од 2004 година се предвиде на сите објекти за заштита да им се изврши ревалоризација. Тоа значи да се истражат и да им се подготват елаборати со кои ќе се утврди нивната вредност и важност, нивните димензии, начинот на заштита и на управување, како и контактната зона, односно просторот околу нив, кој, исто така, треба да биде заштитен за да не се нарушат вредностите. Сето тоа е потребно за објектите да заживеат денес и да останат за утре.
Но, речиси две децении по донесувањето на законот, оваа процедура е многу далеку од завршена.
„Ревалоризација е спроведена само на 17,5 проценти од недвижното културно наследство, од вкупниот број регистрирани споменици внесени во централниот регистар“, додаде министерката.
Проблемите со недостигот од заштита се прелеваат на сите страни, но нивниот извор е недостигот од луѓе и ресурси за работа. Кабинетот на министерката е полн со слики од познатите македонски сликари, за кои таа вели дека не им е местото таму, туку каде што секој ќе може да ги види. Но, галериите тешко можат да го чуваат ова уметничко богатство. Мала станица, на пример, со години функционира без депо и без конзерваторска лабораторија. Дури сега им е одобрен проект за да ги направат.
Проектот треба да се плати со, како што вели, рекордниот буџет за заштита на културното наследство што го добиле, од 150 милиони денари (два и пол милиони евра), што бил најголем уште од 2002 година досега. Со тој буџет веќе се работи во Курбиново, во Матејче, во Скопје на куќата на Лазар Личеновски, како и на сарајот во Ресен, чија иронична приказна целосно ја опишува долгогодишната негрижа за културното наследство.
„Замислете, од 2014 година барале пари за покривот, толку години бил отворен покривот на тоа чудесно здание од крајот на 19 век, единствениот дворец од тоа време на нашиве простори. А тоа не е само сарајот на Нијази Бег, туку и центар за култура што го носи името Драги Тозија, според основачот и првиот директор на тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата“, вели Стефоска.
Елаборати за заштита стоеле недопрени по пет години
Изработени елаборати за ревалоризација имало и за дел од преостанатите 82,5 отсто од објектите под заштита во земјава, но тие стоеле во фиоки и чекале Советот за заштита на културното наследство, стручно тело што го формира секој министер за култура, да ги разгледа и да даде мислење за нив.
Министерката вели дека таа уште веднаш формирала нов Совет и почнале да ги разгледуваат документите.
„Без Советот не може да помине ниту еден елаборат. А некои чекале по повеќе години, едноставно, претходните совети не ги разгледувале. По летните одмори, повторно Советот ќе заседава и ќе ги забрзаме овие постапки“, вели Стефоска.
Колку е важно да се има елаборат за заштита, најдобро покажува примерот со скопската тврдина Кале, еден од најзначајните историски објекти во земјата. БИРН веќе пишуваше дека поради недостиг од важечки елаборат за ревалоризација, не се определени заштитената и контактната зона на тврдината, па овој испразнет административен простор овозможи да се пополни физичкиот простор меѓу ѕидините и Музејот на современа уметност со нови резиденцијални и комерцијални објекти изградени во стилови што не соодветствуваат со историскиот амбиент.
„Колку што ми е познато, Градскиот конзерваторски центар си ја завршил својата работа, направил елаборат за Калето, и сега треба да го решат тоа прашање заедно со Управата за заштита на културното наследство. Во нивни раце е“, вели Стефоска, не коментирајќи што би се случувало со новите градби ако просторот во кој се наоѓаат стане дел од контактната зона на тврдината.
Идентитетот на Скопје е модерен и треба да се врати
Додека министерката е среќна со два и пол милиони евра наменски буџет за заштита на историското наследство, проектот Скопје 2014 со кој му се дава т.н. историцистички изглед на центарот на главниот град, со нови објекти што изгледаат како да се од некои минати времиња сѐ уште се гради и се трошат пари за него. И самата Стефоска вели дека многупати го критикувала тоа како менување на идентитетот на градот.
„Ако се потрошеа тие 700 милиони евра за заштита на историските објекти, со добро планирање и системски решенија, денес ние немаше да водиме разговор за тажната состојба во која се нашето културно наследство и институциите што треба да се грижат за него“, смета Стефоска.
Скопје, според неа, е град на модерната архитектура, која исто така треба да биде заштитена.
„Културно наследство е и поштата, бруталистичката архитектура. Тоа е релативно ново, од пред неколку децении, но е сериозно наследство на овој град. Модерната е во срцето на Скопје“, додава.
За да се врати овој идентитет, таа планира да му даде шанса на концептот што група архитекти го претставија пред две години на архитектонско биенале во Венеција, со кој од објектите во центарот на градот треба да се отстранат, како што е предвидено, непотребните декоративни елементи, и со тоа да се ослободи повеќе простор.
„Ќе ги поканам архитектите и кураторите на изложбата во Венеција за да ја реактуализираме оваа тема. Тие се единствени што предложија решенија со кои централното градско подрачје ќе добие сосема нова визура. Да си го вратиме нашиот град. Затоа и проектот се вика ослободување на просторот“, најавува министерката.
За ова, како што вели, ќе разговара и со градоначалниците на Скопје и на Општина Центар.
Нов концепт за Музејот на македонската борба
Друг пример со кој проектот Скопје 2014 одеше на штета на зачувувањето на културното наследство се музеите. „Македонскиот Лувр“, како што Стефоска го нарекува Музејот на Северна Македонија во Старата скопска чаршија, толку време беше запоставен, што голем дел од експонатите мораше да се отстранат за да не ги разјаде влагата.
Додека цели блокови од нашиот „Лувр“ зјаат празни, Музејот на македонската борба во центарот прави големи сметки за струја со системите за разладување, со кои се одржуваат восочните фигури. Технологија што централниот музеј ја нема, па затоа не може да ги изложи богатствата со кои располага.
Сега, од една страна се најавува проект за обнова на Музејот на Северна Македонија, не само за ново прикрпување на покривот што протекува, а од друга се чека реконцептуализација на Музејот на македонската борба.
„Уште кога ја презедов оваа функција, во разговор со директорката, увидов дека тие веќе почнале да работат, направиле тим од специјалисти и од експерти, кои до крајот на годинава треба да излезат со предлог за поставката внатре. Ќе почекаме да видиме што ќе се предложи“, рече Стефоска.
Според досегашните најави, музејот ќе стави повеќе акцент на историските предмети со кои располага, отколку на фигурите од восок.
Не сакам да верувам дека има охриѓани што се против УНЕСКО-статусот
Заштитата на културното наследство е јавен интерес, па слично како и секој друг таков интерес, (заштитата на природата, на урбаната средина, на безбедноста во сообраќајот), тој доаѓа во судир со приватниот. Ова е случај, не само кога има приватни објекти и бизнис-интереси во непосредна близина на некоја знаменитост, туку и кога самата знаменитост е во приватна сопственост.
Во изминатиов период стигнаа најави дека битолското Ислахане, отомански дом за деца без родители од 19 век, какви што имало само во Битола и во Солун, е ставено на продажба од сопствениците.
„Приватен објект е, но е извонреден споменик на културата. Музејот и завод за заштита во Битола покрена иницијатива да го стави под заштита и јас дадов поддршка на тоа. Така што, тој може да се продаде, да добие нова намена, но треба да се задржи визурата“, вели Стефоска.
Често се случувало луѓе што се сопственици на објекти заштитени како културно наследство, или кои живеат во нив, да се жалат на сите ограничувања што им ги носи тоа, да не можат да ги реновираат, да им постават клима-уреди и да ги приспособат за современо живеење и користење на просторот.
„Тоа е сериозно и комплексно прашање. Но, има начини како сето тоа да се реши, сопствениците да си ги обноват и да си ги користат објектите, а тие да не ја загубат вредноста“, вели министерката, нагласувајќи дека заштитата на културното наследство е иста, без разлика дали тоа е во приватна или во државна сопственост.
Од градовите, како Рим, вели, можеме да видиме дека има технички решенија со кои објектите може да се приспособат за современо користење, без да им се смени изгледот, како на пример системи за разладување со кои не мора да се ставаат клима-уреди на фасадите.
„Може и 50 степени да биде температурата, но клима-уред нема да се стави таму“, додава министерката.
Конфликтот меѓу приватниот интерес и јавното добро е особено изразен во Охрид, каде што желбата за повеќе туристички профит, повеќе сместувачки објекти, платформи на плажите, тераси на рестораните над езерото и друго доаѓа во директен судир со препораките на УНЕСКО за одржливо користење на просторот за да не се нарушат вредностите со кои тој е ставен на листата на светско наследство.
Во јавноста често се слушаат и коментари дека многу охриѓани би сакале уште веднаш да се тргне УНЕСКО-статусот, за да можат да го развиваат градот како што сакаат, односно како што ќе им диктира моменталниот туристички пазар.
„И до мене допираат такви информации, дека наводно „полојна Охрид или полојна Струга“ најсреќни би биле доколку регионот не е на листата на УНЕСКО, но јас не сакам да поверувам дека тоа е можно. Не сакам да верувам дека, и покрај сите проблеми што ги имаат луѓето во животот, би помислиле дека Охрид, кој е само еден од 39 локалитети на овој свет што е и природно и културно наследство, е подобро да се тргне од таа листа. За мене тоа е грев. Кон предците, кон природата, кон генерациите што живееле и твореле на тој мал простор“, вели таа.