Анализи

Судијата Ристов – Кариера во сенка на сомнежи

Oд судница до истрага за организиран криминал

Апелацискиот судија Ѓоко Ристов речиси две децении дели правда во името на граѓаните. Само лани има над 300 пресуди и решенија на скопскиот апелациски суд, кои се објавени во судската база. Последната одлука што ја потпишал со колегите е од 9 јануари годинава.

Од неделата наваму, неговото име наместо на пресуди, стои во наредба за истрага за прикривање имот и перење пари.

По она што досега е познато, судијата една година бил на нишан на обвинителството. Стана осомничен откако сестрата на Љупчо Пецов Ѓаволот, обвинет во случајот „Синџир“, му дала 50 илјади евра на неговиот адвокат и поранешен правобранител Фехми Стафа, за да го поткупи судијата Ѓоко Ристов и да му се укине притворот на нејзиниот брат.

Еден месец откако Стафа беше уапсен, истражителите во домот на родителите на Ристов, пронајдоа алуминиумски ролни со банкноти во вкупна вредност од 350 илјади евра, кои не биле пријавени.

На веб-страницата на скопска апелација, од 2 декември има одлука на совет судии во кој бил и Ристов, со која му се одбива барањето на Пецов да биде пуштен од притвор.

Но, Обвинителството тврди дека располага со докази со кои ќе докаже дека постоела спрега на влијание помеѓу судијата и адвокатот.

Засега нема потврда дека парите пронајдени кај родителите на судијата се од примање поткуп. Неговите адвокати за медиумите објавија дека парите на родителите биле од продажба на земјиште.

Но, долго пред оваа истрага, уште додека Ристов беше основен судија, низ судските кулоари за него се плетеа различни приказни со сомнежи за неговото постапување во одредени случаи. До Судскиот совет за него стигнувале и формални претставки, кои или биле отфрлани или завршувале со блага санкција.

Унапреден едногласно

Судијата Ристов | Фото: Веб-страница на Апелациониот суд Скопје

На брифингот со новинарите, обвинителката Искра Хаџивасилева, кажа дека долго се обидувала да ги испита наодите што стигале за судијата: од сведоци, до пораки во мобилни телефони на затвореници… Истрагата ја нарече „мозаик“.

Судејќи по периодот што го истражуваат, обвинителството го интересира периодот од 2020 па наваму. Тоа е периодот кога Ристов е унапреден за апелациски судија.

Иако истрагата за него е нова, во јавноста од поодамна има сомнежи за неговото постапување. Ристов е основен судија од февруари 2008. Во 2009 почнува да суди предмети во одделот за организиран криминал и корупција.

Ова е период во кој судел жешки предмети: aферата „Шпион“, предметот за посредување пензии „Метастаза“, случајот „Изгрев“, за измама и злоупотреба на службената положба и овластување.

Некои од овие случаи се судеа по скоро 20 години, други пресуди подоцна беа укинати, а обвинетите ослободени. Во трети пак, поради застарување, предметите прекинаа.

Првата понова јавна критика за неговата работа дојде од тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ, која ја критикуваше пресудата што Ристов ја донесе за ексградоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, во 2019 година. Тој призна дека нападнал човек на одржувањето на ромскиот бал, за што доби само судска опомена. ВМРО-ДПМНЕ тогаш обвини дека „судството на Заев ги ослободува насилниците како Дудуш“.

Една година пред да ја облече апелациската судиска тога, Владата ја избра неговата сопруга за државен правобранител за подрачјето на Скопје.

Низ годините повеќе пати аплицирал за апелациски судија, како и за претседател на Кривичниот суд, но не беше избран. Сѐ до 2020 година, во време кога на власт е СДСМ.

Тогаш станува апелациски судија како четиринаесетти од дваесет кандидати на листата. Пред него има повисоко рангирани судии, но тие не се избрани.

Судскиот совет одлуката за избор на Ристов ја донесе едногласно, со 12 гласа.

Матно во првата апелациска година

Ексминистерот за правда го повика судијата Ристов да одговори јавно зошто го пуштил од притвор Мијалков | Фото: БИРН

Само една година по унапредувањето за апелациски судија, Ристов во судечки совет со судијата Енвер Беџети, чие име се најде на црната листа на САД, и, кој подоцна беше разрешен, и Тања Милева, одлучија да го пуштат Сашо Мијалков од притвор.

Тоа не би било невообичаено, доколку не се знае дека истиот состав судии шест месеци претходно ја одби гаранцијата на Мијалков.

Во првата одлука од јуни 2021 година судиите не ја прифатиле гаранцијата од 11 милиони евра, меѓу другото, затоа што претходно Мијалков 24 часа не беше достапен за куќен притвор во предметот „Таргет Тврдина“.

Во декември 2021, пак, оцениле дека „идентитетот на обвинетиот е утврден и познат, има оформено потесно семејство, родител е на две деца“.

И во двата случаи, вишиот јавен обвинител предлага да не му се прифати гаранцијата на Мијалков.

Извадоци од двете одлуки на Апелациониот суд Скопје | Фото-колаж: БИРН

За сето ова реагираше тогашниот министер за правда, Бојан Маричиќ. Од тројцата судии што одлучувале за Мијалков, јавно ги прозва Беџети и Ристов, што веројатно значи дека „против“ одлуката за пуштање од притвор, гласала само судијката Милева.

Според имотниот лист, Ристов пријавил дека вози 13 години стар „пасат“ што го проценил на 10 илјади евра. Има кредит од 25 илјади евра што го отплаќа на 20 години. Кредит пријавила и неговата сопруга.

Одлуката за Мијалков не беше единствен случај кога се проблематизираа неговите одлуки.

Ристов беше дел од советот со судијките Тања Милева и Лирие Елези Ајрулау, кога одлучија да се пушти од куќен притвор, поранешниот генсек на Владата, Драги Рашковски, со гаранција во имот од 192 илјади евра.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сметаше дека висината на понудената гаранција не е доволна. Тој аргумент не ги разубеди судиите, па тие ја прифатија гаранцијата и напишаа дека таа била: „доволен и реален износ со кој би се обезбедило присуството на обвинетиот“.

Името на Ристов се вртеше во јавноста и две години подоцна, во 2023, кога бизнисменот Фијат Цаноски, со неговиот син и адвокатка, на прес-конференција го обвинија судијата Ристов, дека го поминал законскиот рок, за, како судија-известител да го стави предметот на гласање по јавната седница за случајот со уривањето на комплексот „Космос“.

Неколку сигнали, слаба санкција

Ристов лани бил казнет со 15% пониска плата три месеци | Фото: БИРН

За судското постапување на Ристов, до Судскиот совет стигнале повеќе предупредувања.

Во мај лани, Судскиот совет го казнил Ѓоко Ристов да добива за 15% помала плата три месеци, затоа што го оценувал обвинението на СЈО во случајот „Титаник 3“ против Исмет Гури и Ејуп Алими, а потоа не поднел барање за изземање кога предметот стигнал да се одлучува пред Апелациониот суд.

Тој приговарал дека барањето за негова одговорност е застарено. Ристов, во негова одбрана, го нападнал обвинението на СЈО и кажал дека „и лаик во правото би се смеел и чудел на вакво обвинение“. Пресудата што била донесена е, како што кажал самиот, да се задоволи јавноста и „нечии желби“.

Извори од Судскиот совет за БИРН брифираат дека тогаш само два члена гласале „за“ разрешување. Десетмина членови на Советот биле за тоа Ристов да биде казнет со поблага, парична казна.

Покрај оваа, во Судскиот совет за Ристов стигнала уште една претставка која била отфрлена, како и допис од вработени во Скопска апелација. Судскиот совет одлучил дека таму нема наводи што потврдуваат негово незаконско постапување.

Последен пат Судскиот совет за Ристов одлучуваше пред неколку дена. Едногласно му го одзедоа имунитетот и го суспендираа додека трае истрагата.